Ова е вториот дел од интервјуото со британскиот филмски режисер Кен Лоч. Првиот дел може да го прочитате овде.
Лоренцо Марсили: Фокусот на вашата работа отсекогаш бил солидарноста на работничката класа. Живеевте низ транзицијата од пост-воен социјал-капитализам до доаѓањето на неолиберализмот. Како според вас, класната солидарност се има трансформирано низ овој период?
Кен Лоч: Најголемата разлика е во намалувањето на моќта на синдикатите. Во 1950-тите и 60-тите тие се оснажија бидејќи луѓето работеа во социјални организации како, фабрики, рудници, или пристаништа, и во тој момент беше полесно да се организира синдикат. Но, тие стари индустрии изумреа. Денес луѓето работат на многу пофрагментиран начин. Најсилни сме кога можеме да ја стопираме продукцијата, но ако не сме организирани во точката на продукција, тогаш сме неверојатно слаби. Проблемот е што продукцијата сега е многу фрагментирана, а со глобализацијата, работничката класа е сега на Далечниот Исток или во Латинска Америка.
ЛМ: Хонорарните работници од Deliveroo или Foodora, што се возат на велосипед може и да не се сметаат себеси за работници.
КЛ: Да, или имаат франшизи, или се, како би рекле, „само-вработени“. Ова е огромен проблем, прашањето за организација на работничката класа.
ЛМ: Дали мислите дека концептот на класа се’ уште има смисла? Многу луѓе не би се идентификувале како работничка класа дури и ако се сиромашни и некогаш дефинитивно се чувствуваат мизерно.
КЛ: Верувам дека класата е фундаментална. Само менува форма како што побарувачката на капитал се префрла на поинаква работна сила. Но, тоа е сепак работна сила. И се’ уште е експлоатирана и произведува вишок вредност, дури и повеќе од порано. Што е најважно – ако не ја разбираме класната борба, тогаш не можеме да разбереме ништо.
ЛМ: Тоа е еден од големите предизвици денес: да се почне борбата одново, со една фрагментирана популација која не се гледа себе си како дел од група.
КЛ: Тоа е предизвик за нашето поимање. Еве нешто смешно, пред некое време зборував со едни фини луѓе од Јапонија кои пишуваа статија и инсистирав на потребата за разбирање за класа и борба. Една жена ми рече, „Ќе им го покажеме твојот филм на јапонските владини службеници.“, а јас реков „Зошто?“, и таа рече „Па, за да ги натераме да се премислат,“ а јас одговорив „Но, тоа е поентата што тукушто ја направив! Тие нема да се премислат, тие се решени да ги бранат интересите на владејачката класа, не треба да се убедуваат, треба да се отстранат!“
Многу е тешко да ги убедите луѓето во ова кога идејата да се натера системот да функционира е толку длабоко вкоренета. Тоа е едно од ужасните наследства на парламентарната демократија против кое мора да се бориме.
ЛМ: Тоа е ефективна форма на општествена контрола – кога твоите поданици веруваат дека можат да зборуваат со тебе и дека ти ќе ги земеш нивните грижи предвид.
КЛ: За тоа мораме да ја оживееме идејата за транзициски барања. Мора да имаме барања кои се апсолутно разумни, кога ќе ги погледнете интересите на работничката класа.
ЛМ: Би сакал полека да привршуваме, но забележав дека еднаш вие имавте кампања за Европскиот Парламент.
КЛ: Имам заборавено.
ЛМ: На мене ми е интересно како Европа никогаш реално не беше предмет на дебата овде во Британија. Одеднаш по Брегзит сите зборуваат за Европската Унија, до толку, што стана тема за која највеќе се зборува, по фудбалот. Дали мислите дека се’ уште има надеж за конструирање на транснационална демократија, или едноставно е прекасно?
КЛ: Навистина не го знам одговорот. Но, мислам дека интернационална солидарност е навистина важна. Дали може да биде организирана во Европа? Не знам. Структурата на Европската Унија е толку тешка што е тешко и да се замисли за некаква промена без да се почне повторно од нула.
Очигледно, секоја промена мора да биде поттикната од секоја влада, а сите знаеме колку е непрактичен тој процес. Јасно е дека ни треба поинаква Европа, која се темели на поинакви принципи: заедничка сопственост, планирање, воедначување на економиите, обновливост, и стремеж кон општа еднаквост.
Но, тоа никогаш нема да се постигне се’ додека приоритет се големите корпорации, додека приоритет е профитот, и додека правниот систем го приоретизира профитот. Како да се дојде до таа промена е едноставно надвор од мојата лига. Јанис Варуфакис ме убедува дека е возможно. Сигурен сум дека е во право. Му верувам, но не знам како.
Извор: thenation.com