Зачудувачки делува колку луѓе во Македонија не го идентификуваат системот во кој живееме како капитализам. Има и причина зошто е тоа така. Удел има не само пропагандата, туку и склоноста на многумина да негуваат празни надежи.
Именувањето на појавите воопшто не е онолку безначајно колку што мислат многумина. Именувањето значи лоцирање на проблемот. Лоцирањето на проблемот овозможува утврдување на соодветни излезни решенија. Утврдувањето на соодветни излезни решенија пропаѓа кога погрешно се лоцира проблемот, а тој не може точно да се лоцира, ако погрешно се именува. Затоа е важно точното именување на појавите. Конкретно, ако проблемот се нарекува корупција, тогаш се предлагаат сосема поинакви излезни решенија отколку ако проблемот се нарекува капитализам.
Системот во кој живееме 30 години обичните луѓе, но и „експертите“, различно го именуваат. Некои дури го нарекуваат феудализам, па и робовладетелство. Некои не одат дотаму, па го именуваат како првобитна акумулација на капиталот, како продолжение на социјализмот, како корумпирана власт. А пропагандистите на системот го нарекуваат пазарна економија и демократија. Па од секого може да се слушне сешто, но токму најочигледното именување на системот како капитализам се чини дека е најмалку застапено. Зошто се игнорира слонот во просторијата?
Слонот се игнорира прво поради незнаење. Оние што ќе го наречат системот феудализам или робовладетелство, не користат само стилска фигура, при тоа бидувајќи сосема свесни дека станува збор за капитализам. Не. Тие се убедени дека е така. Но како може така да мислат кога нема ниту закрепостени селани кои не смеат да го напуштат феудалниот имот ниту робови кои се сопственост на робовладетелите? Малку пософистицирано незнаење покажуваат останатите што погрешно го именуваат системот. Првобитната акумулација на капиталот фактички значи капитализам. Дури и смешно е да се зборува дека уште сме имале социјализам кога речиси сѐ е одамна приватизирано. Терминот „корумпираната власт“ само кажува каков е еден сегмент на системот, а не каков е системот. Истото важи и за идентификувањето на системот како пазарна економија. Пазарната економија е сегмент од севкупниот механизам на капитализмот, а не е идентична со него. Демократија? Се убиваат две муви со еден удар преку именувањето на системот како демократија. Ем се штити капитализмот од критиката ем се убива вербата на масите во демократијата, не во оваа капиталистичката, туку во вистинската демократија.
Зошто е системот капитализам и ништо друго? Ова е толку јасно што во нормални околности би било одвишно да се трошат зборови. Но, очигледно во Македонија има сериозна потреба да се објасни. Системот е капитализам бидејќи доминира приватната сопственост над индустриските капацитети; бидејќи постои класен систем при што едните остваруваат профит преку ангажирање на туѓ труд, а другите се принудени да го нудат својот труд за плата за да обезбедат егзистенција; бидејќи производите се произведуваат доминантно како стоки, а примарната цел не е задоволување на потребите, туку остварувањето на профит; бидејќи акумулацијата на капиталот е услов за опстанок во борбата меѓу капиталистите и сето тоа налага дехуманизирање на меѓучовечките односи одгоре надолу во целиот систем. Ова е суштинското поради што капитализмот е капитализам и поради што тој го разликува од другите системи. Кога капитализмот се нарекува „пазарна економија“, тогаш се издвојува една од неговите секундарни карактеристики и таа да се направи централна. Настрана од тоа што пазарот не е карактеристика што е својствена само за капитализмот.[1] Овој пропаганден потег има далеку повеќе заедничко со изнаоѓањето симпатично име за Ѕверот отколку со каква било научна ригорозност.
Дали незнаењето е единствената причина за погрешното именување на системот? Не. Неодамна, еден работник, и тоа од оние нископлатените, ми тврдеше дека ова кај нас било робовладетелство, а дека капитализам било она во „развиените“ земји на Запад. Тука не станува збор само за недостаток на знаење. Тука станува збор и за надеж која се надоврзува на незнаењето. Како Мојсеј што ги водел Евреите низ пустината до Ветената земја, надежта е дека патењето и страдањето во пустината (во транзицијата од социјализмот во капитализам) ќе финишира со Ветената земја (капитализам како во Америка, Германија или Шведска). За многумина капитализмот едноставно е системот што овозможува американски, германски, шведски животен стандард. Ако нема таков стандард, нема ниту капитализам. Токму немањето ваков животен стандард се смета за доказ дека кај нас немало капитализам. Оттука произлегува и тврдењето дека, доколку навистина се вовел капитализам кај нас, одеднаш животниот стандард ќе се приближел до германскиот. Оттука и излезното решение што се дава дека нас ни требало повеќе капитализам, а не помалку!? Да не знае човек дали ваквото високоумно мислење е повеќе босо или наивно!
Надежта има лице и опачина. Таа може да го поттикне стремежот да се работи кон создавањето подобра иднина, но исто така може да го навлече човек на самозалажување и да му ги пресече нозете, оневозможувајќи го да зачекори на патот кон подобрата иднина. Ова второто обично се идентификува како празна надеж. Многумина прибегнуваат кон неа. Многумина го избегнуваат соочувањето со фактите, кога тие се непријатни. Навистина, потребна е ментална цврстина за да не се посегне по самозалажувањето, по празните надежи, да ѝ се гледа на вистината во очи кога нејзиното лице е грдо. А кога ја нема таа ментална цврстина, свесно се избира да се живее во незнаење, се одбива знаењето, бидејќи тоа со себе ја носи вознемиреноста, сознанието дека надежта која се гаи е без основа.
Во таа меѓусебно поттикнување помеѓу празната надеж и незнаењето, постои уште една илузија околу капитализмот што ни ги врзува рацете и нозете. Таа има врска како со идентификувањето на системот како првобитна акумулација на капиталот, така и со имплицитното прифаќање на една од теориите за развој. Ваквото размислување правилно идентификува дека нас ни се случи првобитна акумулација на капиталот преку процесот на приватизација, преку раскрчмувањето на општествената и државната сопственост и енормно збогатување на новопечените капиталисти. Но, револтот околу тоа е комбиниран со еден чуден детерминизам. Имено, тоа се смета за некакво си нужно чекорење низ пустината што води до Ветената земја на капитализмот. Со доза на квазимарксизам, се смета дека штом си поминал низ првобитната акумулација на капиталот, тоа на крајот ќе те доведе (автоматски) до состојбата во која денес се наоѓа Англија, на пример, која исто така поминала низ првобитна акумулација на капиталот и ене сега каде е. Ова фактички го кажува и теоријата на модернизацијата.
Сепак, тоа воопшто не соодветствува на реалната состојба. Нема паралелно чекорење на капиталистичките земји, на сите нив во иста насока (само напред). Капитализмот на глобално ниво создава систем на центар и периферија, при што богатството на земјите што се дел од центарот во голема мера се темели на експлоатацијата на периферијата. Америка, Германија, Шведска во голема мера се горе, бидејќи има други кои се долу. А тие што се долу, што се дел од периферијата на капитализмот, не се само долу, туку оние од центарот на капитализмот ги оневозможуваат да се пробијат горе. Настрана нивната празна реторика дека им помагале на „неразвиените земји“, „развиените земји“ ги држат нив во зависност и ги експлоатираат, бидејќи, во услови на капитализам, само така тие можат да овозможат истовремено да се одвиваат процесите на акумулација на капиталот за нивната капиталистичка класа и да се одржува висок животен стандард за нивната работничка класа.
Не постои само теоријата на модернизацијата. Постои и теоријата на зависност и таа многу поточно објаснува што се случува на глобално ниво и какви се изгледите на земјите од периферијата на капитализмот да обезбедат животен стандард за своето население како во Америка, Германија, Шведска. Многу важно, праксата покажа дека дури и зачленувањето во клубот на богатите, во Европската Унија, не овозможува напуштање на периферијата на капитализмот. Тоа особено се гледа од примерот на нејзините нови земји-членки од бившиот Источен блок, особено од примерот на Бугарија и Романија, кои, иако се членки на ЕУ повеќе од една деценија, никако не можат да направат исчекор во животниот стандард за сопственото население. Се разбира, доаѓа до индивидуално подобрување на животниот стандард преку иселување, но на таков начин тие земји уште подлабоко тонат во неможноста да остварат просперитет, бидејќи голем дел од работната сила ја напушта земјата.
Многумина од нас се робови на сопствените празни надежи и незнаење. Тоа сигурно не го прави системот робовладетелски, но исто така сигурно го оневозможува формирањето на критична маса која ќе се бори за промени и ќе се избори за нив. Корупцијата не е аномалија на системот, туку нужна последица на системот. Правилното идентификување на проблемот е нужен прв чекор во борбата за промени, бидејќи поинаку постапуваш ако мислиш дека е можно да нема корупција во една земја од периферијата на капитализмот, дека нашата земја по одреден број години ќе го достигне животниот стандард на Германија и дека тоа ќе се случи по влегувањето во ЕУ. А сосема поинаку ќе постапуваш ако ја видиш грдата стварност што ја живееш и сфатиш дека капитализмот на периферијата е тој што создава корумпирана власт, дека „развиените“ земји за одржување на сопствениот просперитет ги експлоатираат земјите како твојата, дека прикаските за ЕУ се само бајки за глупи луѓе и дека капиталистот на работа те експлоатира, а системот те прави своја марионета, осиромашувајќи те и преку празнење на џебот и преку празнење на умот.
Забелешки
[1] Зошто капитализмот не може да се сведе или изедначи со пазарната економија, види на пример Ричард Волф, Капитализмот не е исто со „пазарен систем“.
Автор: Здравко Савески