СКОПЈЕ, 12. 09. 2017 – Познати се имињата на неколку кандидати на СДСМ кои ќе целат кон добивање на мандат за локален општински раководител. За град Скопје тоа ќе биде Петре Шилегов, додека за општина Карпош Стефан Богоев од младината на СДСМ.
За Шилегов се знае дека пред да почне активно да се занимава со политика, се занимаваше со адвокатура. А Богоев нема професионално искуство, освен тоа што веќе втор мандат е дел од парламентарната група на СДСМ.
Од податоците на анкетните листови за имотната состојба на функционерите до Државната комисија за спречување корупција, може да се види дека и двајцата кандидати имаат стабилен социјален статус.
Шилегов поседува недвижен имот, подвижен имот, хартии од вредност, исплаќа кредит, златен накит и часовници и уметнички слики. Во свое име пријавил, куќа од 306 м2 во Скопје и стан од 87 м2 во Скопје. Куќата е проценета на 24 милиони денари, додека станот на 6 милиони денари.
Од друга страна, Богоев, од личен имот поседува само моторно возило (скутер) марка Априлиа Скарабео, но, неговото семејство поседува пет станови од кои три во Скопје и два во Охрид и куќа од 160 м2, проценета на над 6 милиони денари.
Примерите со кандидатите за градоначалници се само индикација дека со висока политика можат да се занимаваат луѓе чијшто социјален и економски капитал е доста стабилен.