„Како да се биде здрав“

Прочитавме речиси сè, сите студии за геномот на вирусот кој ја предизвика пандемијата на КОВИД 19. Откривме некои научни документи за вакцина, па споревме и за нив, но во целата оваа окупација со личното и колективното здравје и стравот од вирусот или од системот не чувме што бараат пациентите – сите ние заедно. Ќе кажам што сакам да бараме заедно како пациенти.

На лекар треба да се оди заради здравје, а не поради болест. Целта на лекарската дејност и дејностите поврзани со неа треба да биде здравјето на човекот, а не исклучиво третирање на болеста. Оној кој оди на лекар исклучиво поради болест тешко може да оздрави. Здравствената дејност треба да ги превенира инфекциите, заболувањата и болестите, треба навремено да ги открива сите здравствени состојби за да може тековно да ги лекува, да ги рехабилитира здравствените состојби предизвикани од мачните болести, палијативно да помага болеста да биде помалку мачна пред крајот и конечно да успее повеќето да ги излекува и да ги научи како да живеат здраво.

Сите препораки на лекарите се добредојдени, но знаеме дека тешко ќе може да се спроведуваат, односно практикуваат. Впрочем, тоа го знаат и здравствените власти, но и здравствените работници. Препораките за седење дома се исклучиво наменети за оние кои можат да останат дома, а за да остане некој дома најверојатно треба двајца други да работат. Препораките не се наменети за нив. Миењето, користењето на маски се добри препораки ако има чешма, сапун за раце, јавен тоалет, хигиеничар, чистач. Доколку нема чешма каде што некој може да се напие вода, доколку нема јавен тоалет (тука мислам и тоалет на работното место) каде што некој пристојно може да се грижи за себеси и личната хигиена, тогаш џабе носи маска и гел за дезинфекција на раце.

Кога веќе не им претходат, тогаш на препораките треба нужно да им следуваат соодветни мерки за заштита на колективното здравје за добробитта на сите, но и на секој еден!

Нашиот здравствен систем е мртов, чекор кон создавање на нов и подобар е да сме свесни дека немаме здравствен систем, ниту јавен, а ниту приватен. Во болен здравствен систем, никој не може да оздрави. Треба да сме свесни и за ова.

Пациент е секој без разлика дали има статус на осигуреник во Фондот за здравствено осигурување. Апсурдно е човечко суштество да биде малтретирано и третирано како куче затоа што немал надмирено тековни обврски спрема некој фонд. Ова треба веднаш да се промени, нашата идеја за здравје треба да дава можност секој еден да биде лекуван.

Филозофијата на здравството треба да биде подобрување на квалитетот на човечкиот живот, етиката на здравствените власти треба да носи добробит за сите вработени, а смислата на здравствената дејност треба да е здравјето на секој пациент.

Примарната здравствена заштита треба да дава можности човекот од полесните состојби да може навремено и брзо да се ослободи. Човекот кај матичниот лекар треба да има можност и за советување, грижа за одредени акутни болести, но и грижа ако е хронично болен. Грижата за пациентите треба да ја водат доктор по општа медицина и медицинска сестра или доктор по општа стоматологија и стоматолошка сестра, но на здравството му се потребни и санитарци, хигиеничари, чистачи, техничари… Амбулантата треба да биде достапна за инвалидите, родителите со детски колички, чекалната треба да биде чиста и просторна, ординацијата организирана.

Службите за прва и итна медицинска помош треба да имаат подмладување со кадар, и тоа двојно повеќе лекари, тројно повеќе медицински сестри, тројно повеќе возачи, хигиеничари, чистачи, техничари, автомеханичари… Итноста е секогаш тука, со неа се справува само со кадар! Да ги учиме диспечерите како да одлучуваат кој има право на живот, но и да им дадеме можност поретко да се судруваат со такви тешки прашања.

Дополнително треба оформување на служба за дежурство, домашно лекување и патронажа. Оформувањето на дежурни пунктови ќе ни овозможат да добиваме навремени инхалација, ампуларна терапија, преврска и во недела и на празник. Кога сме тешко болни треба да добиеме посета од лекар, кога сме помалку подвижни од медицинска сестра, ако сме леунки од акушерка, ако сме стари или инвалиди од физиотерапевт, ако сме дијабетичари од лаборант, а ако сме на палијативна нега од негувател. Умирањето не смее да е болно кога веќе е неизбежно!

Дополнително, службите за превентивна нега треба да се грижат за навремено следење на најмладите, учениците, студентите, работниците, жените, старите… Превентивната медицина треба да се грижи за навремено откривање на одредени недостатоци, на пример вид или слух, за тоа треба офталмолози, оториноларинголози, помошен кадар, специјалисти по училишна медицина, по трудова медицина, по спортска медицина, но и гинеколози-акушери… Навремената грижа опфаќа и собирање на знаење, а државата мора да се грижи за нас добро, а не да не се грижи воопшто. Науката за здравјето е дисеминирана, таа се состои во секое човечко битие, па научно е да се собираат податоци, да знаеме кој од што боледува, но поважно кој како да се спаси. За тоа знаење се потребни луѓе – здравствени работници!

Во болниците треба да мириса на чисто, а пациентите да мирисаат на избањато. Во нашите болници фалат луѓе кои ќе го одржуваат дворот – градинари, кои ќе чистат – чистачи, кои ќе водат грижа за општата хигиена – хигиеничари, кои ќе ги носат болните зашто болниот не може да стои, а ќе ги бањаат зашто болеста мириса, но не смее да смрди – болничари, кои ќе ги средуваат постелите на оние кои не можат да станат од кревет – собарици, кои ќе им носат храна на оние кои тешко голтаат – трпезарки, кои ќе готват храна за да зајакне болниот – готвачи и салатери, кои ќе се грижат за добробитта на своите соработници – шанкери, кои ќе не видат кога ни е тешко – медицински помошници и кои ќе ни кажат што ни е – лекари.

Во едно здраво општество треба да има пристојни болници во кои што пациентите ќе бидат пречекани, во кои што придружбата ќе има простор каде да отпочине откако ќе се чуе дијагнозата. Човечки ли е идните родители да земаат кредит за да се породат? Човечки ли е луѓе да просат за да се лекуваат? Затоа болниците треба да уживаат доверба кај пациентите, пациентите да знаат дека таму во тој објект има луѓе вработени за да се грижат за него.

Ние, ќе се споболиме и ќе треба некогаш и долго да се лекуваме. Та зарем е в ред да ги оставиме луѓето на продолжено лекување на мизеријата и ветрот? Нашите рехабилитациски болници треба да бидат повторно наменети за луѓето. Душевните болници треба да бидат отворени за сите затоа што таму лежат и луѓе кои сакаме да оздрават.

Клиниките и институтите треба да создаваат кадар кој ќе знае, кој ќе има јасна визија за иднината на здравјето на ова општество. Тоа знаење ќе треба да се одвива во хумани услови, во простор за кој што се грижат луѓе, во стационар каде што вирее надеж, а не влага. Во простор каде што болниот ќе сака да оздрави, а не да заврши. Тие ќе треба да учат од сите нас за да знаат како со секој од нас.

Од тој кадар не смее да се очекува соопштување на дијагнозата, неа ја знаеме, смрди од мртвило, туку тој кадар со солидаризација со пациентите, со солидаризација со работниците ќе треба да каже како да се исправиме на нозе. За да стане овој здравствен систем на нозе ние здравите не смееме да останеме дома, ние треба час поскоро да викаме за болните затоа што само здравиот може да вика за здравје!

Тогаш како да викаме, кому да викаме? Викаме веќе три декади против лошиот здравствен систем, но можеби и точно во тоа е грешката. Викавме против, наместо да викаме за нешто што сакаме да го имаме. Така, кога веќе знаеме дека нужно ни се потребни премногу здравствени работници кои можат веднаш да бидат регрутирани од армијата на невработени работници во државата, ние час поскоро треба да бараме пари за здравството.

Парите за здравството се тука, сработени од работниците, спечалени за црни денови, тие пари за жал стојат во приватните џебови неоданочени од државата. Државата не се грижи за благосостојбата на работникот, пациентот, ученикот, жената, човекот, граѓанинот… Еден од начините да закрепне овој уништен здравствен систем е прогресивниот данок и слевање на поголем дел од колачот во здравството, а не негово постепено приватизирање.

 

Автор: Никола Шиндре

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во овој текст.

|2020-04-27T10:58:53+00:0027 април 2020|Актуелно, Здравје, Став|