Пишува Ненад Глишиќ (Nenad Glišić) за регионалниот портал Билтен, 28.08.2017.
Во последните неколку дена регионот е изненаден од веста дека Германија ги заострува еколошките регулативи за автомобили. Тоа би значело дека добар дел од возилата што сега се во оптек треба да бидат отстранети од патиштата. Голем број од нив треба да завршат во држава со помалку строги еколошки критериуми, како што се оние на Балканот. Иако целиот „скандал“ е далеку од разрешница, идејата за увоз на стари технологии во регионот веќе собира и многу критичари и подржувачи.
Во Бопал, Индија, во 1984 година се случила најголемата индустриска несреќа во досегашната историја. По истекување на отровен гас од хемиската фабрика, којашто е во мнозинска сопственост на американскиот Јунион карбајд (Union carbide), усмртени се 2.259 луѓе од директен контакт со отровен гас и 3.787 (според „конзервативните“ проценки) подоцна од компликации поради труење, а повеќе од половина милион биле изложени на отровот. Трагедијата во Бопал е типичен, иако драстичен, пример на т.н. извоз на валкана технологија, појавата во која има две страни: богатите кои префрлуваат одредена технологија заради нејзината ризичност и сиромашните, отворени за увоз на капитал. Дури и при ваква најповршна поставеност на проблемот, меѓузависноста помеѓу двете страни во процесот очигледно е повеќеслојна.
Од наведената трагедија во Индија, светот се промени дотолку што сиромашните држави, од она што некогаш се нарекуваше Трет свет, и многу од поранешниот Втор свет, не само што се извор на евтина работна сила, суровини и даночни олеснувања, туку истовремено се и пазари на кои може да се пласираат одредени стоки. Во оваа смисла, може да се каже дека извозот на “валкани“ технологии, претходно повеќе или помалку ограничен на производство или експлоатација на ресурси без оглед на последиците, се прошири со извозот на готови производи кои веќе не се погодни за употреба или намерно се произведени под стандардите. Типичен пример за ова е аферата „Нутела.“
Со години се отвора дискусија околу квалитетот на прехранбените производи во западноевропските држави во однос на оние кај нас. Во овие дискусии секогаш ги има оние што тврделе дека постои разлика, но тоа може да се сфати како нивен личен впечаток, бидејќи има и такви кои тврдат дека не постои никаква разлика. Државите од т.н. Вишеградска група потегнаа тужба против Европската комисија, а во Германија во медиумите имаше еден вид на признание дека во државите од Источна Европа се прават производи со послаб квалитет. Во центарот на вниманието се производители, познати и големи брендови, пред сè од прехрамбената индустрија, почнувајќи со Нутела, италијанскиот какао-крем со лешници, по којашто овој феномен го доби името.
Пазарот за загадување
Сепак, се покажа дека појавата не е ограничена на прехранбени производи. Посебни, полоши верзии на истите брендови исто така се произведуваат и во козметиката. Дополнителна занимливост е фактот што, најчесто, полошите верзии на производите во посиромашните земји се продаваат по повисоки цени. Некои производители се обидоа разликата во составот на производите да ја оправдаат преку истражувањата на пазарот. По ова излегува дека потрошувачите на чоколадо, бисквити, креми, итн. во Источна Европа се склони кон адитиви, повисок процент на боја и вкус од оние во Западна. По промената на јавната тајна во признание на поединци, некои се посипаа со пепел, а некои најавија дека ќе продолжат како и обично.
Иако образложението за „истражување на пазарот и вкусот,“ во случајот на кондиторските производи може да изгледа како цинизам кој со право предизвика силни реакции, за пазарот на автомобили не се направени истражувања, но неспорно е дека германските, француските и други западно-европски автомобилски отпади се извори на просечниот потрошувачки сон на Балканот – Мерцедес, БМВ или нешто слично. Уште од падот на Берлинскиот ѕид, истрошените или застарените автомобили се селат на исток. Заради постојаните промени во регулативите на животната средина и прописите од областа на безбедноста, во Западна Европа се стимулира купување на нови автомобили, а старите завршуваат, особено во последно време, на Балканот.
Така, како што беше објавено од страна на медиумите во Србија и Босна и Херцеговина, уште при самата вест дека еден од германските регионални судови пресудил дека сите автомобили без стандардни Euro 6 треба да се исклучуват од сообраќај, 300.000 автомобили со дизел мотори тргнаа кон оваа страна на светот – особено кон Романија, Србија, Црна Гора, Албанија и БиХ. За разлика од прехранбените производи, старите автомобили не предизвикуваат негативни чувства, напротив. Според официјалните податоци, околу 60% од вкупниот број на продадени автомобили во Србија се оние со дизел мотор. Во согласност со тоа, според зборовите на професорот на Технолошко-металуршкиот факултет Петар Ѓукиќ, емисијата на јаглерод диоксид во Србија е 6,2 тони по глава на жител. Само врз основа на површен поглед на извештаи од пред десет години, може да се забележи дека емисиите на CO2 во Србија се зголемија за речиси една третина во споредба со 2006 година, кога беа 4,3 тони по глава на жител.
Целиот текст може да се прочита овде.