Правдата е дефинитивно еден од најфреквентните поими во јавниот говор кај нас. Банализирачката зачестеност на овој поим е евидентно правопропорционално поврзана со недостатокот од реализација на истиот во општеството. Правдата во Македонија не се остварува!
Вистина е дека остварувањето на правдата не е можно во секакви околности. Реализацијата на правдата е единствено можна доколку се променат низа општествени односи и процеси кои треба да овозможат пред се` едно економски праведно општество во кое што човекот ќе биде највисока вредност.
Неправедниот систем генериран веќе со децении, насочен кон енормно богатење на еден промил од населението за сметка на сите останати, ескалираше во времето на владеење на ВМРО ДПМНЕ. Особено во моментот на објавување на прислушкуваните разговори од страна на опозицијата, преку што можеше да се види леснотијата во уништувањето на човечки животи, упропастување на јавните добра, пресметка со неистомисленици, партизирање на институции и генерално уништување на целокупниот систем.
Како одговор на тоа, во тој период се создаде колективна свест и поимање на правдата во еден дух на заедничарење, кога што и покрај сите резерви и товари од минатото, заедницата одлучи да подари доверба на СДСМ, како тогаш најголема опозициска партија која што декларативно се заложуваше за враќање на правдата во една прилично широка варијанта, што претпоставуваше судење на криминалците, конфискација на нивните имоти и издигнување на јавните добра на пристојно ниво.
Противправната аболиција на поранешниот претседател Иванов, само ги потврди заложбите на протестирачката маса дека принципот на неказнивост на високата корупција мора да престане. Изливот на незадоволство ги полнеше скопските улици (а протести имаше и низ другите градови) секојдневно се` до моментот на укинување аболицијата. Во меѓувреме се случуваа разни настани, но 27 април 2017 година со упадот во македонското Собрание само потврди во која насока треба да се движат работите.
Граѓаните со огромни очекувања. Нормално, после огромните ветувања.
И покрај препреките во формирањето на Влада, СДСМ во коалиција со ДУИ ја презеде власта. Тоа беше првата горчина што луѓето желни за правда ја доживеаја, имајќи предвид дека ДУИ беше соизвршител во (скоро) сите дејствија преземени од страна на ВМРО ДПМНЕ. Меѓутоа тоа беше прифатено како нужност бидејќи во тој момент тоа беше единствената можност ДПМНЕ да се симне власт. Тука може да се потенцира дека албанското население остана поизневерено, со тоа што според начинот на формирање на коалициите, „албанскиот партнер“ во власта остана непроменет.
И покрај тоа, очекувањата не се намалуваа. Тоа и мораше да е така бидејќи низ периодот 2015-2016 година СДСМ „бомбардираше“ со најави за апсење на мафијата,на Груевски, на Мијалкови, на Камчев и на многу други „угнетувачи“. СЈО веќе можеше да работи без притисок, меѓутоа под закана од законски определените рокови за подигнување на обвнинија за криминал од големи размери и висока корупција.
И кога сите очекувавме затворски казни, конфискација на имот и слично, ние добивме амнестија. Во името на ЕУ и НАТО, потврдувајќи го Преспанскиот договор и неговата имплементација преку уставните измени, амнестирани беа голем дел од политичарите кои беа директно вклучени во „крвавиот четврток“, меѓутоа имаа и отворени случаи од СЈО и претходно. Груевски веќе избеган во Будимпешта, Крсто Муковски добитник на тендери (и на аплаузи од страна на СДСМ во Собранието), Мијалков си ги прошири бизнисите, Камчев – жртва на рекет. Изречена пресуда само за набавката на мерцедесот, дело кое би било најмалку битно според штетата сторена од претходно.
Од најавите за праведно општество кои со фанфари беа изнесувани на секој митинг, протест, на секоја прес конференција, правдата беше користена исклучиво како алатка за исполнување на други цели, било да е надворешна политика, било да е Законот за јавно обвинителство.
Довербата опадна, народот го обзеде нова апатија. Се виде дека „тие што имаат пари и моќ, нема да лежат“. Или како што би рекол Џефри Рејман: „Богатите стануваат уште побогати, а сиромашните затвореници“.
Веќе стана јасно дека без структурни промени, не може да има реформирање. Всушност, впуштањето во реформација на еден трул систем е однапред изгубена битка. Нашиот систем има потреба од револуционерни промени. Но за жал тоа ние не го добивме, иако го очекувавме.
И во една таква околност, после 3 години власт СДСМ организира марш за правда. На прв поглед, невкусна шега. Но кога ќе се размисли подобро, станува збор за голема навреда. Повикот за правда после 3 години власт е навреда за цела таа протестирачка маса, којa „секој ден во 6“ извикуваше „нема правда – нема мир“ во време кога беше опасно да не си ВМРО. Ова исто така е навреда за секој поединец кој барем еднаш се охрабил да излезе на улица со идејата дека можеме и заслужуваме подобро. Ова е навреда затоа што треба да веруваме дека давајќи апсолутна власт работите ќе тргнат на подобро. Ова е навреда затоа што треба да му аплаудираме на Крсто. Ова е навреда затоа што Мијалков ни се смее од кралскиот апартман во Мериот. Ова е навреда зашто газда Орце е жртва на системот. Ова е навреда зашто го пуштивте Груевски да помине неказнето. И зошто ова е навреда, може да оди до недоглед…
Мора да се каже дека е лага дека не постоеја механизми да се ослободи судството, обвнителството од ситуацијата во која се наоѓа. Ова особено што не сите судии и обвнители се корумпирани и нечесни. Патем, кривично правниот систем не функционира само кога обвнинети во постапката се бизнисмени, почитичари и други моќници. Јавно обвнителскиот систем на принципите на кои е поставен, согласно нашиот уставен поредок е една клучна и крупна алатка во рацете на власта, поаѓајќи од изборот на Јавниот обвинител со апсолутно мнозинство (што значи 61 пратеник). Министерството за внатрешни работи со својата оперативност е исто така целосно во рацете на извршната власт, за на крај и Антикорупциската комисија која во една повеќе административна постапка го истражува системот во делот на корупцијата и судирот на интереси.
Да не одиме понатаму, овие 3 институции се доволни (бидејќи согласно нивните надлежности и тоа им е работа) да го истражат криминалот и кај судиите и кај обвинителите и кај бизнисмените и кај политичарите, но и кај сите останати.
Меѓутоа, се работи за волја. Волја на естаблишментот да го наруши својот комодитет во системот, рушејќи го статус квото, воспоставувајќи систем на одговорност и казнивост.
Лицемерието беше очигледно, особено во моментот кога Антикорупциската комисија утврди судир на интереси кај Кочо Анѓушев, а од Владата укажаа дека нема да бараат одговорност кај погоренаведениот.
Затоа, потполно е неважно што се донесе нов Закон за јавно обвинителство (за кој повторно добивме дополнителна амнестија за „независната пратеничка група“). Може да се донесат и низа други закони, но проблемот на неспроведување на истите е тоа што го обременува системот. Законите биле, а во едно вакво општество и ќе останат само волја на владејачката класа, бидејќи тие се најефикасниот начин на задржување на повластениот економски и политички статус во општеството.
Автор: Ѓорѓи Рајчиновски