Иредентизмот на антиквизацијата (план или груба небрежност?)

8 септември, 2011 година, свечено откривање на „Воинот на коњ“.

Секој еден народ, има потреба од држава и меѓународно признавање на идентитетот и суверенитетот. Македонската држава половина век стабилно стоеше врз два столба: Илинденската епопеја и Народно ослободителната борба. Во екот на транзицијата, кога претходниот систем требаше да се обвини и разнебити, вториот столб почна да се крши со тешки удари. НОБ и партизаните македонци, албанци, турци, власи, срби, беа заменети со врховисти и балисти, антички македонци и илири.

1. „Ирендентизмот на скопјани мора да престане!“

„Скопје со странска поддршка сака да ги прошири своите граници на сметка на Грција.
Генерации скопјани се израснати со оваа идеја. Тие сакаат да влезат во НАТО и во ЕУ со нашиот глас за да можат после да ни’ се закануваат од позиција на сила. Македонија била, е, и ќе биде, грчка!“, рече Микис Теодоракис, најголемиот жив грчки композитор, за што доби огромен аплауз од над 150.000 грци кои излегоа минатата недела на улиците во Атина, гневни против својот северен сосед, обвинувајќи за иредентизам.

Од каде стравот, или барем сомнежот за иредентизам? Каква е таа пропаганда која, светски познатиот композитор, го убедила во опасните намери на северниот сосед?
И на кого му служи всушност, таквата пропаганда?

2. „Јавнете го Букефал!“

Во раните 90-ти, го слушавме како деца, овој повик, на каналот на државната телевизија. Се работеше за книга (подоцна рабрав дека биле и неколку книги), како и албум со сликички, којшто одеше во прилог со едно од тогашните детски списанија. Тие што ќе собереа доволен број парчиња од „Букефал“ и што ќе одговореа на прашањата во списанието, добиваа организирана посета на Дизниленд во Париз. Тоа беше претприемачки потфат на до скоро високиот државник, Васил Тупурковски.  Активна улога во промоцијата имаше државата, преку Македонската Радио Телевизија и списанијата кои се доставуваа до секое основно училиште. Така се градеше првата генерација деца, чиј дел е и авторот на овој текст, кои започнуваа да се идентификуваат со големината на војсководецот Александар Македонски и првата македонска држава.
Асномскиот карактер на Република Македонија го доби првиот удар.

На 8 септември, 2011 година, на 20 годишнината од независноста, на плоштадот Македонија во Скопје, свечено беше откриен споменикот на Александар Велики. Канго се радуваше на полниот плоштад на кој народот го пречека „златното теле“ во вид на фонтана со фаланга и лавови.

3. Знамето од Вергина (Кутлеш)
Романтика која ја спојува македонската и грчката дијаспора

Во периодот од 1992 до 1995 година, како симбол за знамето се употребуваше ѕвездата од Кутлеш. На 6 август 1992 година, Тодор Петров, го предложи овој антички симбол за знаме на Република Македонија, а предлогот веднаш беше изгласан во Собранието. Во 1995та година беше изгласано актуелното знаме, но ѕвездата од Кутлеш се’ уште остана во срцата на национал-романтичарите од дијаспората, којашто романтика се’ уште успешно ја експлоатираат политичарите од десницата.

Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес

Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец, Р. Албанија

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Борбата за екслузивитетот на повикување на античка Македонија, уште повеќе и значи на грчката дијаспора.
„Волјата на мнозинството грци, а пред се’ на македонците, е дефинитивното име на ПЈРМ да не го содржи терминот Македонија или неговите деривати. На пример, Централна Балканска Република одговара на географската положба и етничкиот состав на населението“ , стои во писмото на грчката Панмакедонска светска организација до премиерот Алексис Ципрас.

Неодамнешното повторно ставање во оптек на предлогот „Централно балканска република“ од страна на националистичките кругови во Грција кои одбиваат да прифатат споменување на поимот Македонија во името на соседната држава, иако веднаш отфрлен како несериозен, сепак не е изненадување за оние кои го паметат оригиналниот предлог на австрискиот дипломат Алојз Мок и Васил Тупурковски – специјалниот пратеник на претседателот Киро Глигоров од 1992 година, предлог кој беше токму истиот – Централна Балканска Република.

Кога е во прашање знамето од  Вергина, како алатка за поттикување на грчкиот национализам преку обвинувањето за иредентизам од страна на северниот сосед, особено се истакна раковдството на ВМРО ДПМНЕ, и тоа од основањето на партијата до денес.

Основачко собрание на ВМРО ДПМНЕ, 1990 година

Доскорешното раководство на ВМРО – ДПМНЕ, отиде и чекор понапред во потикувањето на национал-романтичарските чувства на македонците, и чекор понапред во поткрепувањето на основаноста на грчкиот отпор кон македонскиот иредентизам. Имено, поранешниот министер за надворешни работи, без никаква рационална побуда (освен опортунистичка) го развиори знамето од Вергина на Олимп во 2014 година.

Антиквизацијата преку знамето од Вергина, не ја одмина ниту религијата. Симболот на античко-македонската држава, чија религија била многубошка или паганска, свое место има во резиденцијата на поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан.

 

 

 

4. Поплавена и изгорена историска меморија

Антивизацијата на центарот на главниот град беше комплетирана со најгабаритниот објект на Скопје 2014, на ударно место- Археолошкиот музеј, во античко грчко архитектско руво.
Но, под стиропорот и „мермерот кој не бил мермер“, во суб-стандардни услови се чуваше архивата, пишаното сведоштво на македонската држава од 1944 навака…

Архив под вода

Скопје, 5 Февруари, 2018 г.
Простории на Архивот на Република Македонија се поплавени од дождовите што го зафатија Скопје изминатите денови. Поплавени се шестиот и седмиот кат од зградата каде се сместени и Археолошкиот музеј и Уставниот суд.  Дел од вработените се обидувале да преместат архивски материјали за да не бидат уништени.
„Ова не е првпат. Секогаш е вака кога врне. Ова е веќе неиздржливо, изјави за МИА вработен кој учествувал во спасувањето архивски материјали. Според вработените во архивот, новите простории биле во спротивност со светските стандарди за архивско работење.
Со одлука на Владата на ВМРО ДПМНЕ од 2012 година, Архивот на Македонија е префрлен од локацијата на „интелектуалното јадро“ во Скопје во зградата на Археолошкиот музеј, на последните – шести и седми кат.

Се поставува прашањето, зошто воопшто бил преместуван државниот архивски матерјал, кога стариот објект, изграден во 1969, бил наградуван и посочуван како пример за институција што применува светски стандарди за архивско работење.

Историјата на Македонија градена од партизаните и институциите на СР Македонија, е оној дел кој се обидуваат, но не можат да го избришат рушачите на Асномска Македонија. Покрај стотиците обезглавени, или скршени бисти на партизани, откорнети написи од НОБ, преименувани основни и средни школи, последниот пример на физичко рушење беше извршено под државна капа.

Мурал во оган

Скопје, 14 март 2014 г.
Основен суд Скопје 1 го осуди на две години затвор шефот на кабинетот на директорот на АД „Македонска пошта“, Арменд Фазлиу, кој се товари за тешко дело против општата сигурност на луѓето и имотот, односно за предизвикување на пожарот кој лани изби во оваа државна компанија и за среќа заврши без човечки жртви, но предзвика поголема имотна штета. Вештачењето покажало дека човечки фактор е причината за избувнувањето на пожарот. Судскиот совет донесе одлука, обвинетиот да се прогласи за виновен. Обвинетиот останува на слобода до правосилноста на пресудата.

Генералниот директор Рафиз Алити на „Пошта“, вујко на обвинетиот, се откажа од кривичниот прогон и од материјални побарувања од Фазлиу.  Во подметнатиот пожар, уништен е муралот на сликарот Борко Лазески. Фреската на НОБ беше една од најзначајните дела на Лазески, која му ја донесе и Сојузнатата награда 4-ти Јули за животно дело. Пожарот ги уништи петте големи кубистички фрески со мотиви од Народноослободителната борба во Македонија, создадени во 1981 година, на површина поголема од 200 квадратни метри- поставени на ѕидовите на главната сала од главната пошта.

За поплавите во архивот, никој не сноси одговорност. За уништениот симбол на модерно Скопје (Македонска пошта) и муралот на Лазески, казната е како за уништување обичен имот – две години затвор за сторителот и никаква одговорност за раководителот на институцијата.

5.Промена на преамбулата на уставот – последен чин на рушењето на Македонската држава од 1944

После потпишувањето на привремената спогодба меѓу Македонија и Грција, грчката ригидна позиција во врска со името на новиот северен сосед рапидно слабееше. Сепак, од добиен натпревар само врз база на меѓународното право, Македонија се врати на пат позиција. На грчкиот национализам неопходно му беше противникот да влече потези на заострување. Такви потези во насока на разнебитувањето на асномскиот карактер на државата беше антиквизацијата, која му даде крвоток на грчкиот национализам. Оттаму, дали ваквите потези беа влечени како резутат на антимакедонски план или груба небрежност на македонските власти, никогаш нема да дознаеме. Она што сега го знаеме, е тоа што Уставот е повторно под грчки притисок, да се менува. И тоа со здружен, оркестриран притисок на нашите „пријатели од меѓунардоната заедница“.

Министерот Коѕијас за грчката држава ЕРТ изјави дека, овој февруари грчката влада ќе изработи нацрт-спогодба за ФИРОМ. Со услов, властите од Скопје да променат некои членови од Уставот. Тој додал дека, нацрт-спогодбата ќе содржи 7 параграфи во кои ќе се наведе целиот спектар на користење на името со посебно поглавје во однос на прашањата за иредентизмот и Уставот. Додека ја чекаме нацрт-спогодбата од грчка страна, веќе почна да се применува Тиранската платформа. Албанскиот национализам и грчкиот национализам имаат иста цел, односно промена на Преамбулата на Уставот, кој сега започнува со следните реченици:

Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија.

Антиквизацијата, која овој текст ја изложи како 25 годишен процес, кој во последните 10 години ја достигна својата кулминација, е антиуставен и антидржавен проект на македонските власти.Тој процес директно се коси со преамулата, која јасно го дефинира македонскиот идентитет и јасно ги дефинира темелите на државноста: Крушевската Република и АСНОМ, т.е борбата на илинденците и партизаните за држава на македонскиот народ и целосно признавање на правата на останатите народи кои живеат во Македонија. Притисокот на албанските националистички партии за бинационална држава и притисокот на грчкиот национализам за промена на називот на државата и државотворниот народ, е јасен и не треба да не’ чуди, имајќи ја идеолошката и опортуна природа на овие барања. Но, она што не е јасно, е тоа што го прави двоецот СДСМ-ДПМНЕ. Нивната предавничка и квислиншка улога станува веќе неподнослива.

*               *               *

Колкава е цената непречено да се владее и привршува од позиција на власт македонската транзиција? Освен индустријата и природните богатства, дали на распродажба е самата држава и идентитетот на македонскиот народ, кој нема друга татковина?

 

Автор: Зоран Василески

|2018-02-12T06:37:40+00:0012 февруари 2018|Актуелно, Некатегоризирано, Став|