Неодамна, Истражувачката репортерска лабораторија објави дека премиерот Заев во моментов го советуваат дури 63 лица. Месечните надоместоци кои ги добиваат надворешните советници на премиерот се движат од 30.000 денари па сè до 90.000 денари. Вкупно, за 39-те надворешните соработници кои во моментов се ангажирани, годишно се исплаќаат 307.000 евра од буџетот.
И додека вака обилно се трошат буџетски средства за советниците на премиерот, за работни обврски кои често се само симболични, Државниот инспекторат за труд се соочува со сериозен недостиг на кадар. Според Правилникот за систематизација на работните места во овој инспекторат предвидени се 304 работни места. Уште при објавувањето на овој правилник во 2015 година, беше нотирано дека од овие предвидени 304 работни места, пополнети се само 204. Односно, дека Инспекторатот располага со една третина помалку кадар од потребниот. Но наместо во следните години да се пополни бројот на вработени според Правилникот за систематизација, како што може да се види од државниот буџет, бројот на вработени во Инспекторатот дополнително се намали, на 190 во 2019 година.
Ситуацијата со бројот на вработени во Инспекторатот за труд е дотолку поалармантна што, според наши извори, дури 80% од вработените во Инспекторатот се пред пензија!
Работниците во државата не можат да бидат задоволни од работата на Инспекторатот за труд. Зошто тој не си ја врши работата онака како што очекуваат работниците има повеќе причини. Меѓу нив се немањето доволно надлежности предвидени со закон, недоволната посветеност при извршувањето на работата од страна на некои од инспекторите, па дури и сомневањата дека одредени инспектори за труд примаат мито од работодавачите за да им прогледаат низ прсти.
Но, една од причините зошто Инспекторатот за труд не е на ниво на задачата е недостигот на кадар. Никоја институција не може правилно да функционира ако ѝ недостига повеќе од третина од потребниот кадар и ако е принудена да затвора подрачни единици. Стои отворено прашањето, зошто власта вработува партиски војници за нишање врата наместо да го доекипира Инспекторатот за труд? И дали доекипирањето на Инспекторатот за труд е само немарност или свесна политика на власта да се отежне неговото правилно функционирање?