Игра на тронови (Епизода: Локални избори во Струга)

СТРУГА, 27.10.2017 – Сјајот и бедата на претставничката демократија во Република Македонија, се споија за време на првиот круг од локалните избори во Струга. Сјајот беше на површината на овие избори, кога граѓаните имаа избор да гласаат за четворица, речиси рамноправни кандидати согласно предизборната поддршка, нешто што не беше случај во ниедна друга општина.  Бедата останува суштината на последните изданија локални избори во Струга, избори играни на националистичка и етничка карта, игра на поткупувања и заплашувања. Четирите рамнорпавни кандидатури не значеа натпревар на четири изборни програми, која е подобра и која повеќе ќе ги привлече граѓаните. Четирите кандидати значеа четири извори на притисоци и големи национални наративи, а не решенија за локални проблеми.

Прв изборен Круг

Во првиот изборен круг, СДСМ за градоначалник на Струга го кандидираше Васил Ашталкоски, и се надеваше на поддршка од две страни. Од една страна етничките македонци, кои би гласале по автоматизам затоа што е македонец, и од  друга страна, албанците и македонците муслимани, согласно новиот имиџ на СДСМ како мултиетничка партија.

ВМРО ДПМНЕ го кандидираше Сејад Солаковски, и се надеваше на поддршка од македонците муслимани, и секако од страна на македонците, согласно стариот имиџ на ВМРО ДПМНЕ, како партија што ги штити националните интереси на македонците.

Алијансата за Албанците го кандидираше Зијадин Села, победник на последните избори за градоначалник. Села стана познат во македонската јавност малку поради управувањето со Струга (на пола мандат ја напушти градоначалничката фотеља за да седне во парламентот), а повеќе поради националистички изјави, кои ги дава во последните две години, нашироко познати во македонската јавност.

На локалните избори во 2013 Струга беше излепена со плакати на кои пишуваше: „Гласајте масовно, да го бетонираме фактот дека, Струга е албанска“.

ДУИ го кандидираше Рамиз Мерко, повратник од центалната власт, актуелен вице-премиер во владата на Зоран Заев. Мерко е познат по осумгодишното водење на Струга како градоначалник, период на владеење кој беше казнет од страна на граѓаните, на споменатите локални избори во 2013 година, кога тогашниот кандидат на ДУИ, Арбен Лабуништа, не успеа да влезе ниту во вториот круг.

Втор изборен круг

Во вториот изборен круг влегоа кандидатите на ДУИ и Алијансата за Албанците. Голем број стружани се сомневаат во резултатите од првиот круг. Претходно кандидатот на СДСМ беше во водство во однос на кандидатот на ДУИ, но во последен момент изгуби за околу 300 гласа. Дали предизборната коалиција на СДСМ и ДУИ замеша прсти и во Струга уште во првиот изборен круг, никогаш нема да дознаеме. Сепак, за вториот изборен круг, неспорно е дека од Бихаќка ќе стигне директива да се гласа за Рамиз Мерко. Се поставува прашањето, дали расипувањето на односите Заев-Села се должи токму на тоа? Во меѓувреме Зијадин Села не стои со скрстени раце. На повидок е јавна коалиција со Беса, а тајна со ВМРО ДПМНЕ.

За тоа пред каков избор се исправени стружани во вториот изборен круг, доволно говори содржината на меѓусебните препукувања Мерко-Села. Зијадин Села го обвини против кандидатот за изборен поткуп во првиот круг, нешто што Села очекува Мерко да го повтори масовно во вториот круг. Во меѓувреме, стружанец беше претепан на сред улица, од страна на, како што изјави тој, активист, или симпатизер на Алијансата за Албанците, со закана дека, ако не престане со контрапропагандата против нивниот кандидат, ќе помине полошо или ќе го снема.

Како Струга нема друга

Во светлото на вториот изборен круг навистина нема друга општина како Струга.
Струга е единствена општина во која кандидатите за градоначалник не зборуваат за проекти. А кога ретко зборуваат, граѓаните не ги слушаат. Математичките калкулации по етнички клуч ги заменија програмите. Стравот и поткупот ја подриваат во корен слободната волја која непречено би требало да се изрази во “тајните пултови за гласање“.

Атмосферата во Струга деновиве е како да се случил погреб на демократијата. Ако се цени по тмурната атмосфера, голема неизлезност рамна на бојкот би требало да биде исходот на вториот круг. Друг исход би требало да е вонредно голем број неважечки ливчиња.
Дали стружани повторно ќе се стават во служба на директивите од партиските централи, останува да видиме по изборите.

|2017-10-27T20:25:51+00:0027 октомври 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|