Дијалог со Грација Атанасовска по повод Меѓународниот ден на преведувањето и толкувањето
Денес ќе разговараме со Грација Атанасовска. За оние кои што до сега не се запознале со неа, Грација е дипломец на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата по Општа и компаративна книжевност. Моментално е на постдипломски студии во Германија, на Универзитетот во Потсдам. Јавноста ја знае од славните денови на Студентскиот пленум, а тие што останале да се дружат со неа, по нејзините препеви на песни кои знаат силно да нè растревожат.
Никола Шиндре: „Грација, најгорливиот проблем на општествата е во меѓусебното (не)разбирање, различните групи на луѓе тешко можат да се договорат за општото добро ако не можат да се разберат. Како е да се биде на средина помеѓу оние што треба да се разберат?
Грација Атанасовска: „Во италијанскиот јазик има еден идиом, игра на зборови – tradittore, tradutore, што во буквален превод би значело: „преведувач, предавник“. Фразата е највeрoјатно настаната некаде во предренесансниот период или во раната ренесанса, и го одразува незадоволството кон француските преводи на италијански дела.
Ако пак ја погледнеме оваа фраза од постколонијална перспектива ќе видиме дека добива една помрачна димензија. Зборувам за домородните преведувачи, кои честопати играле една неблагодарна улога да бидат на средина помеѓу колонијалните освојувачи и членовите на својата заедница.
И тоа всушност го одговара прашањето – да се биде на средина може да биде многу неблагодарна позиција. Тоа е позиција која носи голема одговорност и моќ, затоа што, во основа, преведувачот знае повеќе од двете страни за кој е задолжен да ги толкува.
Сепак, не е сè така црно, иако преведувачот како предавник е всушност стара тропа, како што видовме. Истовремено, преведувачите поседуваат потенцијал и моќ за преобразба, за создавање на нешто ново, она што постколонијалниот теоретичар Хоми Баба го нарекува „трет простор“, простор на препознавање на хибридноста. Уште еден постколонијален теоретичар, Бил Ешкрофт, тоа го нарекува „трет простор на изговарањето“, што значи –простор во кој се среќаваат повеќе дискурси ослободени од хиерархијата на својата социополитичка позадина.
Можеби ова што ќе го кажам звучи малку и утописки, но сметам дека преведувачите можат да бидат оние кои создаваат нов простор во кој луѓето ќе можат подобро да се разберат.“
Н. Ш. Со преводот не пристига само зборот, но и идејата. Преводот на едно дело треба да успее да ја долови мислата и идејата на авторот за да може читателот да успее да го разбере. Како е да се спојуваат правците на размислувањата на различни јазици?
Г. А. За мене тоа е еден холистички процес, односно процес кој се обидува да ги разгледува авторот, делото, јазикот и читателите заедно.
Можеби еден од најголемите предизвици во преведувањето лежи во неговата афективна димензија. Кога читаме некоја песна, или воопшто, какво било (уметничко) книжевно дело, тоа е секогаш проследено со еден облак, една констелација од афективни доживувања. Значи се јавуваат секакви чувствени, емотивни реакции, и зборовите, речениците, сликите се врзуваат на еден посебен начин со нашиот светоглед и идиолект (односно, посебниот начин на кој што една личност се изразува, својствен само за неа, со свои посебни граматички конструкции и фонд на зборови). Исто така, не треба да заборавиме дека се јавува и цела една низа од интуитивни, пре-когнитивни реакции (кои што мене ми се посебно интересни при читањето на еден текст). Згора на сè, читањето како чин е истовремено многу индивидуална работа, но и неодделива од поширокиот контекст во кој се наоѓаме – едно дело се чита различно зависно од духот на времето.
И сега се поставува прашањето како сето тоа да се долови од еден во друг јазик – како да се „превезат“ или „преведат“ афективните облаци од, да речеме, англиски или германски јазик, во македонски јазик? Немам конкретен одговор на тоа прашање, затоа што најчесто и јас се водам по интуиција кога преведувам. Веројатно една од работите што може човек да ги направи е да ги пронајде афективните клучки или афективните јазли, зглобови на песната (делото), и потоа да се превезе нивната емотивна јачина во другиот јазик.
Понекогаш едноставно постојат повеќе јазични решенија или граматички и синтаксички конструкции, така што интуицијата навистина помага во донесувањето одлука. А, се разбира и она што се нарекува proofreading или препрочитување на завршната верзија на текстот од нечие друго око може да биде од голема помош.
Затоа и секој превод не може (ниту треба) да биде избрзан, иако тоа е неверојатна привилегија во денешно време.
3Н. Ш. Јаснотијата на мислата понекогаш не може да се претстави само со концизност на зборот. Како да се биде слободен преведувач и како да се пристапи на тој начин што повеќе ќе се долови суштината од јазичните правила?
Г. А. За мене тоа доловување е поврзано со пронаоѓањето на правиот збор, совршената нијанса и фраза и реченична/стиховна конструкција. Понекогаш тоа подразбира и излегување од правилата или измислување нови. Што е веројатно и примарната причина зошто го сакам преводот како книжевна активност. Има тука многу предизвици.
Тоа е воедно и парадоксот на преведувањето – ги следиме јазичните правила на изворниот јазик, и го правиме разговетен во друг јазик, со тоа што ги кршиме истите тие правила во јазикот во кој преведуваме. Тоа е една заемна игра, замена на идентитети, разговор, менување и постанување… Затоа преведувачката активност е толку фасцинантна и може да биде толку благородна – затоа што никој не може да остане непроменет од неа на крајот – ниту делото на изворниот јазик, ниту неговиот автор, ниту преведувачот, а ниту пак јазикот во кој се преведува.
Н. Ш. Лингвистичките заедници што имаат мал број говорници имаат потешка задача во осознавање на светот. Тие не можат да го наметнат својот јазик, па така често треба да позајмуваат. Како да се зачува, а да не се осиромаши јазикот?
Г. А. Бранко Миљковиќ, српски (југословенски) поет од средината на XX век, дава еден многу охрабрувачки одговор на прашањето на еден југословенски радио водител за тоа дали може на „нашиот јазик да се испее голема поезија“ – тој вели дека „На секој јазик може да се пишува голема поезија. Не постојат големи и мали народи, не постојат големи и мали јазици. Постојат големи и мали поети.“
Истото може да се каже и за преведувачите – не постојат големи и мали јазици, постојат големи и мали преведувачи. Совршен пример за еден од тие големи преведувачи беше, и сè уште е, Огнен Чемерски, којшто создаде уште едно ремек-дело во македонски јазик со преводот на „Моби Дик“. Чемерски, меѓу другото, создаде цел еден нов регистар на зборови, многу од нив поврзани со поморска терминологија, зборови кои всушност ги нема во нашиот јазик, или пак не во таа форма.
Преводот нуди многу, многу можности да се преобмисли сопствениот јазик, за тој да се збогати, а не да се осиромаши. Позајмувањата не се нужно лоши, и тие многу често се преобразуваат во другиот јазик, но тие се само еден мал дел од тоа што сè може да се направи и со т.н. мали јазици. Главната поента е да се биде креативен. А за тоа треба храбост и посветеност. Јас мислам дека секој јазик си носи свој посебен потенцијал за нов израз во кој ќе може да се превезе делото кое се преведува од изворниот јазик и да му се додаде уште една нијанса на постоење.
Н. Ш. Во лоши материјални услови се наоѓа целото наше општество и културата како дел од него. Како во овие услови да се пронајде начин за развој на јазикот, преведувањето и издавањето?
Г. А. Ова е одлично прашање, но сепак мислам дека е поголемо од мене и не знам колку можам да дадам конструктивен одговор на истото.
Во секој случај, прво се потребни пари, но потоа и друг тип на материјални средства. Прво, мислам дека преведувачите треба да се подобро платени. И мислам дека треба човек да може да живее од професијата ‘книжевен преведувач’.
Се разбира, треба да се одвојуваат и повеќе средства за преводи од институции задолжени за одржување и развивање на материјалната и интелектуалната култура во нашата земја. Треба да се лоцираат и повеќе странски фондови, меѓу кои и грантови од амбасади и слично.
Паралелно на тоа, мислам дека е од критична важност да се работи на критериумот за преведување и да се следи филозофијата на создавање квалитет наспроти квантитет. Мислам дека мора да има построги критериуми за што значи добар превод, мислам дека треба да има подобар дијалог меѓу лекторите и преведувачите; мислам дека треба да има повеќе работилници за преведување, да се обрнува повеќе внимание на факултетите и катедрите за јазици на дејноста преведувач, и посебно – книжевен преведувач. Инвестирање во нови катедри за јазик е исто така многу важно и за развивање и промовирање на сопствениот јазик.
Секако, едно од најважните нешта е помладите генерации да го сметаат својот јазик за јазик на своето време, за јазик на современието. Но, исто така е важно да можат всушност сите генерации да најдат израз во својот (мајчин) јазик. А тоа се прави со преведување на разновидна литература, и со обрнување многу внимание и на современата светска книжевност, со постојано следење на влегувањето во употреба на нови зборови на глобално ниво, и сл.
И секако, за сето ова, многу битна улога играат библиотеките. Како сакаме луѓето да читаат повеќе книги на македонски јазик ако истите не им се достапни? Како сакаме младите луѓе да го сакаат својот јазик и да го пронаоѓаат својот израз во него, кога основните институции задолжени за него се дисфункционални со децении? Никој не може да ги купи сите книги што сака да ги чита, ниту пак треба. А секој што некогаш сакал да побара некаква услуга од билиотеките во земјава знае дека ни се во очајна состојба. Библиотеките кај нас, за жал, се анахрони објекти – воедно во поглед на физички простор, и во поглед на фонд и достапност на расположливи книги. Се сеќавам само колку книги не можев да ги најдам кога бев во средно училиште затоа што или воопшто немаше преводи или не беа достапни во библиотека.
Н. Ш. Многумина преведувачи и толкувачи се жалат за нископлатениот интелектуален труд што го вложуваат за превод. Како да се организираат за да почнат да ги менуваат овие состојби?
Г. А. За жал сè уште не сум се бавела со превод професионално, во смисла да треба некој да ми плати за тоа. Сè досега што имам преведено било од моја добра волја и објавено на Фејсбук, на блог, на веб-страна или како бесплатен примерок на книжевен фестивал. Што значи, сè уште немам некоe конкретно, лично искуство со тоа колку е човек платен како преведувач, но зборувајќи со колеги кои се занимаваат со превод подолго време, знам дека многу често се платени под нивото кое го заслужуваат. Згора на тоа многу од преведувачите се соочуваат и со кратки рокови за преведување и сето тоа неретко резултира со избрзани преводи, преводи на кои им треба сериозно доработување, а некогаш и едноставно лоши преводи.
Веројатно најдобар начин да се смени тоа е преку синдикатите и здруженијата за преведувачи, кои потоа можат да вршат притисок врз разни институции, а и самите да креираат пошироко јавно мислење за важноста на преведувањето, и да работат на кревање на критериумите за преводи, особено книжевни преводи.
Н. Ш. Да се чуе добро препеана песна е слично како истата да се чуе на јазикот на кој што е напишана, а сепак да се разбере. Какво е чувството кога ќе се чуе личниот препев на некој рецитал?
Г. А. Морам да признаам дека тоа сè уште не ми се случило, но мислам дека ќе биде едно убаво искуство. Во секој случај се радувам на секоја повратна реакција што ќе ја добијам од луѓе кои ги читале моите преводи. Токму затоа и сакам да продолжам да преведувам и понатаму.