Ѓорѓи Рајчиноски: „Последниот танц на СДСМ“

Можеби важиме за народ со краток рок на паметење ама ниту можеме, ниту смееме да заборавиме дека доаѓањето на власт на СДСМ, имајќи го предвид нивното политичко минато, беше сфатено многу резервирано и како нужно зло. Или како што милуваме да кажеме: избор на помалото зло меѓу двете зла.

Меѓутоа, ситуацијата беше до тој степен избегана од контрола, власта аздисана, а СДСМ толку многу приземен (или народен), па и покрај тоа што најголем дел од тие што бевме секојдневно по улиците кога ВМРО беше „на најјако“ имавме огромни резерви во врска со идното нивно владеење, го прифативме баш како нужно зло.

Државата веќе беше систематски разрушена во буквално секој сектор и работењето на речиси секоја институција беше ставена во насока на богатење на неколкумина и растење на нивните бизниси. За корупцијата нема ни потреба да се спомнува дополнително.

Промената на власта беше придружена со огромни очекувања. А тие огромни очекувања во принцип беа да се вратиме во нормала: да имаме нормално образование, нормално здравство, систем на социјална заштита, функционално и независно судство, давање на шанса на секој во општеството, чиста животна средина…

Првата кнедла што моравме да ја голтниме беше првата коалиција на СДСМ со партнерите на ДПМНЕ, ДУИ. Меѓутоа до толку ни било смачено од ВМРО, што го прифативме тоа како ЕПТЕН НУЖНО ЗЛО и мислевме дека ДУИ сега само ќе ја пополнуваат потребната бројка за состав на Владата, а нема да имаат право ни на збор, туку напротив – дека и против нив ќе се поведат обвнинија и сите еден по еден ќе бидат на долг престој во некоја од казнено поправните установи.

Ама не бидна така, ДУИ за кратко време се факторизираа, станаа стопани во Владата (повторно), а најразочарани беа Албанците кои учествуваа во тој ослободителен фронт мислејќи дека конечно ќе го симнат ДУИ од вратот, а сега го добија уште потежок.

И почнавме да ги бараме очекуваните промени: нормално образование, здравство, пресметка со криминалот… ама не добивме ништо.

СДСМ повторно со својата надменост, мислејќи дека тие се предодредени да ги решаваат големите прашања, решавајќи ги отворените прашања со соседите (кои сега гледаме дека не биле баш решени, а времето ќе покаже дали тоа вредело) заборави, односно веројатно не ни планирале да решаваат ништо друго.

Доказ за тоа колку на народот му стана преку глава беа последните локални избори каде што буквално самите го вратија ВМРО на локална власт и широко ја отворија вратата за на следните избори да бидат повторно на чело на извршната власт.

И најинтересно е што и потоа (нормално слушнавме дека ја чуле пораката на народот), ама со прст не мрднаа (со исклучок на правењето на претстава за народот со судењата на Мијалков, Јанакиевски итн.) да сменат било што.

Е сега стигнавме до Карл Маркс и тоа дека „историјата се повторува, првиот пат како трагедија, вториот како фарса!“, а на оваа наша фарса како да ѝ нема крај.

ВМРО си организираше протест, а СДСМ во стилот на ВМРО (од 2014 до 2016) цел ден ги пребројува луѓето кои биле присутни на протестот ама баш на истиот начин како што ВМРО го правеше тоа со сите нас кои во еден момент застанавме против нив.

Сега, прво СДСМ пред да е власт ветуваше дека ќе го чуе гласот на секој човек, а сега се зафатија со пребројување. Па и пет луѓе да се, па и еден нека е, а не како во случајот во десетина илјади, а можеби и повеќе, ваша должност е да си ја чукнете главата и да видите каде сте.

Сметајте дека незадоволството од вашите политики не е само кај членовите и симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ и останатите опозициски партии, туку и кај огромен број на граѓани кои што како помало зло ве избраа и ве донесоа на власт.

И на следните парламентарни избори ќе се оствари дури и предвидувањето на Апасиев, дека ќе се случи „пасокизација“ на СДСМ и овој пат веќе засекогаш ќе замине во историјата без можнст да се врати назад.

А, има време и до следните избори да се сменат многу работи, затоа што работата може да се среди само доколку на раководните места се постават луѓе кои што тие места ги заслужуваат и кои ќе креираат систем во кој на секој ќе му се даде шанса и она што го заслужува.

Ама, бидејќи таков процес нема да се почне, само ќе констатираме дека ова е послендиот танц на СДСМ. Ова беше процес кој започна како марш на победа, а заврши како посмртен марш.

СДСМ останува одговорен за убивањето ги сите надежи, идеали, желби, амбиции како и на очекувањата дека овде нешто ќе тргне напред.

А, за тоа како ќе одиме понатаму, само ќе се изразиме со зборовите на Али Ахмети, после прашањето до премиерот Ковачевски како ќе се справат со кризата и како ќе функционира државата: „Како и досега!“, односно ДУИ ќе ја водат државата, а ние ќе му избираме партнер за партијата танго во Владата.

И така, сé додека не созрее времето за една нова социјална револуција… а ќе созрее!

 

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

|2022-06-20T08:31:10+00:0020 јуни 2022|Актуелно, Став|