Ставовите изразени во колумната не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на „Гласник“.
Поминаа неколку дена од убиството на Џорџ Флојд, афроамериканец од Минеаполис убиен од страна на полициски службеник, белец, кој му ја предизвика смртта стискајќи го на вратот, легнат на улицата. На снимките се гледа дека Флојд е невооружен, не пружа отпор и цело време моли за помош бидејќи не може да дише. После неколку минути, умира.
Минеаполис е во вонредна состојба, се случуваат протести, по улиците е хаос, а Трамп дополнително ја подгрева ситуацијата со заканите за активирање на војската во расчистување на простестите.
Настанот може да се гледа од различни аспекти, но неопходно е да се отворат расниот и класниот момент во ситуацијата.
Џорџ Флојд е сиромашен афроамериканец, кој откако е ослободен од затвор се преселува во Минеаполис со цел да го смени начинот на живот. Карактеристиките што ги поседува: црнец, сиромашен, поранешен затвореник, го чинеа живот.
Американското општество сѐ уште „ги негува“ стереотипите и предрасудите кон афроамериканците, истовремено дискриминирајќи ги. Расизмот не е ништо ново таму, но она што придонесе за ова толку да одекне низ целот свет е затоа што сите ја видовме смртта на Флојд. Тука би го парафразирал Вил Смит, кој говори дека расизмот не станал полош, туку овај пат е снимен.
Протестите кои настанаа по повод убиството на Флојд станаа насилни, со судири со полицијата, меѓутоа и удрија онаму каде што САД најмногу ја боли – во приватната сопственост.
Демонстрантите уништија многу објекти во приватна сопственост на различни стопанственици, со што сакаа да го истакнат и класниот момент на борбата, наоѓајќи ги корените, односно изворот на општествените поделби и неправди. Но дали избраниот начин беше соодветен?
Инсистирањето на револуционерни промени, бара и големи жртви во различни облици. На прв поглед некомпромисноста на демонстрантите дава надеж дека таквите промени се можни и дека возможна е промена на целиот систем.
Но доколку се погледне поблизу, ќе видиме дека оние чиј имот е загрозен не се дел од т.н. капиталистичка класа, односно луѓето кои што го управуваат системот, туку сопственици на мали бизниси (често црнци) чии што бизниси им овозможуваат некој пристоен (далеку од луксузен) живот. Всушност, демонстрантите удрија по оние кои треба да бидат нивни сојузници во таа борба.
Од другата страна, крупниот капитал останува безбеден. Центрите на моќ во САД, како што се берзите, банките, останатите финансиски институции, корпорациите не само што не се мета, туку по крајот на кризата ќе бидат „спасители“ на американската економија, која нормално дека нема да оди по посакуваниот тек.
Државата ќе мора да се кредитира од приватните банки, а кредитите и каматите ќе ги враќаат американските даночни обврзници, односно работниците.
Неправилно насочената агресија, полека ќе ги намалува учесниците на протестите кои што нема да се согласуваат со начинот и методите, ќе ги намалува поддржувачите на самото протестно движење и ќе предизвика противници внатре во својата „класа“.
Иако голем дел од прогресивниот свет на оваа ситуација гледа како на ретка можност за хуманизирање на системот на САД, ослободувајќи го од грубиот капитализам кој ги предизвикува негативните општествени појави, голема е веројатноста да нема поместување од статус кво ситуацијата.
Демонстрантите мора да покажат една консолидираност и да обезбедат начин на соодветна политичка артикулација на своите барања, доколку сакаат да предизвикаат поголеми потреси на политичкиот естаблишмент.
Дефинирањето на политичките определби, на ниво на барање за устројување на нов општествен поредок може да го промени политичкиот систем и односите на моќ.
Во најмала рака правилната политичка артикулација, ќе доведе до креирање на нови наративи кои што ќе придонесат кон промени во социјалната сфера, а особено она што политичките елити досега го доживуваа како радикално левичарски (како бесплатно образование, бесплатно здравство) ќе стане нова нормалност.
Пишува: Ѓорѓи Рајчиноски