Ѓорѓи Рајчиноски: „Критички ученици само со критички наставни кадри!“

Дијалог со Ѓорѓи Рајчиноски по повод почетокот на училишната година – 1 Септември

Почетокот на оваа учебна година поради неуспехот на властите да ја организираат наставата навремено се помести еден месец подоцна, но сепак на 1 Септември ќе поразговараме со Ѓорѓи Рајчиноски за состојбите во просветата. Тој неодамна магистрира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје на насоката казнено право, а активно се залага за поголема социјална правда, повеќе можности за напредок и развој на поединецот, повеќе слобода, повеќе грижа за животната средина. Тој учествуваше и во Студентскиот пленум, а секогаш ги поддржува оние кои нема кој да ги слушне.

Никола Шиндре: „Ѓорѓи, денес започнува новата учебна година и тоа не само со старите проблеми, туку и со нови проблеми. По пандемијата со корона-вирусот избија на површина сите недостатоци во македонската просвета. Ниските плати на наставниците и вработените, слабиот дигитален развој, нехигиенските услови во кои што учат учениците покажаа дека власта не се грижи воопшто за просветата, односно за образованието и науката. Како да почнат да се отвораат овие болни, но важни прашања во македонското општество?“

Ѓорѓи Рајчиновски: „Како и за огромен број работи, така и за образованието, коренот на проблемот е економски, односно финансиски. Сите проблеми и слабости кои што ги наведовте зависат од пари, а од друга страна пак голем дел од буџетот на Министерството за образование и наука останува неискористен за потоа да биде пренаменет во други ресори. Јас сметам дека овие прашања се отворени постојано бидејќи постои свесност за за нивото на кое што се наоѓа македонското образование, но овие прашања не можат да се затворат, а одговор на прашањето зошто статус кво ситуацијата опстојува со децении треба да се бара единствено во властодршците“.

Н. Ш. Материјалните услови во кои што се наоѓаат нашите училишта се крајно мизерни. Властите не се грижат за јавното добро. Предуслов за писмено население се условите во кои што ученикот поминува скоро половина од својот ден. Како треба да се финансираат јавните образовни установи – училиштата?

Ѓ. Р. Како што напоменав и погоре, проблемот се финансиите, односно нивното менаџирање. Кога зборуваме за подобрување на условите во македонските училишта, ние всушност зборуваме за излегување од состојбата на мизерија. Ние треба да сме свесни дека огромен број од училиштата (особено во руралните средини) немаат елементарни услови кои соодветсвуваат на XXI век, почнувајќи од тоалети, па сè до интернет пристап.

Но, тука повторно доаѓаме до системски проблеми. Најдобар начин за раководење со инфраструктурниот дел од основното образование би било преку единиците на локалната самоуправа, меѓутоа најголем дел од руралните, но и добар дел од градските општини се соочуваат со финансиски тешкотии, што често значи и замрзнување на нивните сметки, што би значело и неможност за инвестиции, вклучително и во образованието, без поддршка од централната власт.

Н. Ш. Она што често се заборава е добробитта на ученикот. Ученичкиот стандард освен со некоја позитивна законска регулатива не е на дневен ред. Како да се расправа за комплетно бесплатно и достапно образование, односно како да се отвори јавна дискусија за исхрана за секој ученик, превоз, сместување, наставни и потрошни средства за учење, дополнителна и додатна настава?

Ѓ. Р. Ученичкиот стандард е на многу ниско ниво. Иако основното и средното образование се „бесплатни“, сепак државата не обезбедува услови за целосна реализација на тоа. Во држава со рекордна сиромаштија во Европа, нужно е обезбедување на бесплатна храна за секој ученик и тоа мора да биде иницирано од самите родители, но и од организациите на средношколците.

Додатната и дополнителната настава во голема мера не се одржува бидејќи тоа не влегува во фондот на часови на наставниот кадар и не се исплаќа надомест за извршувањето на истата.

Н. Ш. Нашите ученици сè уште учат поделени по разни основи, расни, етнички, родови, класни. За да се разбере другиот треба да се разбира јазикот негов. Албанците не учат македонски, а Македонците немаат ни можност да учат албански. Како да се создаваат услови за учениците да се разбираат едни со други?

Ѓ. Р. Најкраток одговор на ова е дека национализмот си го направи своето и си го прави континуирано. Образованието, наместо да биде процес на разбирање и почитување на различностите, тоа дополнително ги продлабочува рововите во кои остануваат заробени особено македонската и албанската заедница.

Загрижувачки е тоа што национализмот е засилен до таа мера што во мешаните средини, учениците Македонци и Албанци учат во различни смени и воопшто не доаѓаат во контакт едни со други.

Учењето на јазикот на другиот е огромна придобивка, бидејќи тоа претставува начин на осознавање на неговата култура, но за жал таа дискусија кај нас завршува со тоа дека „тоа е предавство на својот народ“, „ја продадовме државата“ и слични фрази.

Во принцип, тоа и не е неочекувано, бидејќи растот на сиромаштијата е правопропорционален со растот на национализмот и нетрпеливоста, а Македонија е лидер во сиромаштија и нееднаквост во Европа.

Она што сметам дека е погрешно во однос на градењето на т.н. соживот е што тоа се сведува на донесување на законски решенија (како Законот за употреба на јазиците, популарно: Закон за двојазичност), како и разни стратешки и акциски планови, кои се единствено бирократски решенија, најчесто неприменливи во пракса.

Тргнувајќи од горенаведеното, образовниот процес, особено основното образование мора да ја игра клучната улога во делот на градење на нови наративи, ослободени од духовите од минатото. Една од клучните цели на основното образование мора да биде градење на младиот човек во едно хумано суштество, со космополитски погледи, отворен кон останатите култури.

И тука, со тоа што фокусот секогаш е на македонско-албанските односи, се прави огромна грешка. Како да се заборава дека во Македонија живеат и Турци, Срби, Бошњаци и други заедници, но и секако најдискриминираната заедница – Ромите. Образовниот процес мора да го обзнани фактот дека сите ние припаѓаме на една културолошка матрица, безразлика на сите посебности во однос на јазикот, религијата, етникумот и слично и конечно ова наше „мулти“ општество да продуцира напредок.

Н. Ш. Родовата дискриминација започнува да се чувствува, но и применува од најмала возраст. Ученичките заради родот и историската неправда сепак ќе напредуваат помалку и побавно од момчињата. Како да се исправаат овие неправди? Како да се создаваат услови за нивно надминување?

Ѓ. Р. Дискриминацијата врз жените не е изолиран случај во образованието, туку „принцип“ врз кој што за жал функционира нашето општество. Статистички гледано, за исто работно место, жените заработуваат помалку од мажите, жените доминантно се задолжени за работите поврзани со одржување на домот (чистење, готвење и сл.), а кај нас исто така гледаме многу малку жени на државни функции, малку жени се на менаџерски позиции… Ова го кажувам од причина што родовата дискриминација бара посериозен и поширок пристап во нејзиното решавање и за тоа треба голема политичка волја.

Еден од главните услови за намалување на родовата дискриминација, првично е намалување на економската нееднаквост, бидејќи економската нееднаквост е извор на сите видови на нееднаквост. По постигнување на таква ситуација, тоа ќе се отслика и на теренот на образованието.

Н. Ш. Уништувањето на јавните добра го однесе и цехот со намалувањето на библиотечните фондови. Училишните библиотеки скоро и да немаат обнова на фондот. Како поторно да се мотивираат учениите да читаат, да се вљубат во книгата, да се обидат да истражуваат?

Ѓ. Р. Неспорно е дека уништувањето на јавните добра ни оди од рака. Масовното користење на технологијата и напредокот на истата со сите можности кои што ги нуди, во голема мера влијаеше на намалување на интересот за читање на книги. Меѓутоа секогаш мора да постојат начини да се одговори на тоа. Библиотеките мора да излезат од XX век и користејќи ја современата технологија, да понудат нови содржини кои ќе го привлечат младиот човек  да чита и  да истражува. Пример за тоа е Финска, која пред 2 години изгради нова библиотека која што со содржините кои што ги нуди (музика, филм, кафетерија и слични содржини), отвара можност за градење на нови социјални врски и нов начин на поимање на тоа како треба да функционира една библиотека.

Н. Ш. Секој авторитет треба да биде ставен под знак прашалник. Ова е нешто што никогаш нема да го чуете во македонскиот образовен систем. Како да се воспитуваат идните зрели личности за да станат критички настроени спрема општеството, светот, себеси?

Ѓ. Р. Формалното образование (особено основното и средното образование) се заснова на принципот на авторитет без можност за критичко размислување. Тој процес дополнително е усложнет со тоа што голем дел од наставниот кадар беше (и веројатно сè уште е) под притисок на властите кој што ги држеше наставниците и професорите без регулиран работен однос, во неизвесност. Проблемот со недостатокот на критичност е отсликан и во целото општество, со што клиентелизмот стана и доминантна идеологија кај нас и тоа претставува главната пречка во изградбата на личности со критички став кон работите, бидејќи личности со критички став можат да изградат единствено личности кои што имаат критички став спрема општеството, светот, себеси.

Следствено на тоа, македонскиот образовен систем ќе создава личности со критички став, во моментот кога наставниот кадар ќе има критички став, при што ќе создава здрава критика на општеството, што претставува единствен начин на севкупен општествен напредок!

|2020-09-01T07:55:47+00:001 септември 2020|Актуелно, Култура, Став|