Галуп: Македонија меѓу најксенофобичните држави

Според новата анкета на Галуп, Македонија е на дното на листата од 138 држави по гостопримливост за бегалци.

Анкетата на Галуп, објавена на 23. август 2017, опфаќа 138 држави. Македонија е на дното од листата на држави по гостопримство на бегалци, заедно со Црна Гора, Унгарија, Србија, Словачка и Израел. На врвот на најгостопримливи држави за бегалците се Исланд, Нов Зелан, Руанда, Сјера Леоне, Мали, Австралија, Шведска и Нигерија.

Индексот на Галуп е втемелен на три прашања, за тоа дали сметаат дека е добро или лошо имигранти да живеат во дадената држава, имигрант да ви стане сосед, како и имигрант да се венча со близок роднина на анкетираните.

Од вкупниот број на испитаници, 54% одговориле дека е добро мигранти да живеат во нивната држава, половина од нив одговориле дека е добро мигранти да им бидат соседи, а 44% одговориле дека е добро нивни роднини да се венчаат за мигранти. Според анкетата, најгостопримливи се помладите и пообразовани лица.

Најнегативно расположени кон ова прашање се државите од Југо-источна Европа и државите долж Балканската рута. Дури две третини од населението во овие држави сметаат дека, бегалците од Сирија не се добредојдени кај нив.

Негативното расположение кон бегалците го користат неодговорните десничарски политички сили во Македонија. Неколку дена низ повеќе градови на државата се води организирана кампања за собирање потписи против бегалците. Градоначалниот на општина Карпош вчера се огласи  и даде подршка на ксенофобичната кампања. Иако од владата повеќе пати повторија дека нема да се примаат бегалци и Македонија останува транзитна земја, се чини дека, кампањата, за која се претпоставува дека е предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде бездруго целосно втемелена на неоснованите стравови на граѓаните преку ширење на омраза кон бегалците.

|2017-08-24T13:10:04+00:0024 август 2017|Актуелно, Вести, Свет|