Денеска осамна вест дека некои вандали истуриле боја врз бистите на Фана Кочовска-Цветковиќ, Вангел Нечевски-Тунелот, Славко Лумбарковски, Трајан Белев, Богоја Фотев и Кочо Десано. За да се спротивставам на овој чин кој што Полицијата нема да го санкционира ќе ја објавам фотографијата од мене со бистата на народната хероина Елпида Караманди направена од татко ми вчера.
Сакам да кажам дека ова е неонацистички чин кој за жал се толерира веќе подолго време во Битола. Секој чин на ништење на спомениците и бистите на партизаните кои го дариле сопствениот живот во борбата за ослободување од капитализмот и фашизмот е срамен чин и е фашистички чин. Ова треба да се третира како дело од омраза, а не само како вандалски чин.
На 75 годишнината од завршувањето на Втората светска војна ние сме осамнати со уништување на споменот на оние кои заминале во вителна борба за да можеме ние денеска да живееме. Од Битола и Битолско има 8 од 66 народни херои на Македонија, а ние дозволуваме од ново да бидат уништувани нивните бисти.
Оној што прошетал низ паркот и низ Битола и ги здогледал бистите на партизаните, народните херои, првоборците на НОВ, паднатите борци, курирот во Пионерски дом ќе види дека сите се на возраст од окулу дваесетина години. Секој од нас се запрашал како им било на тие млади луѓе да ги напуштат своите домови и да тргнат в планини за да се борат со окупаторот, со жандармеријата, со квислинзите и со капиталистите…
Денеска знаеме дека градот е паднат, паднат е затоа што ова не е прв пат да се стори овој чин против сеќавањето на борбата за нашата слобода, срамно е што виновниците повторно нема да бидат најдени, а бистите ќе останат неисчистени.
Затоа да се бориме! Фашизмот нема сам да исчезне особено ако повторно се појавил. Да учиме од партизаните и да се бориме сега за нашата иднина. Прво да ги исчистиме бистите, па потоа од ново да ставиме цвеќе.
Вечна им слава на нашите народни херои, паднати борци и партизани!
Смрт на фашизмот – слобода на народот!
Извор: ФБ статус на Никола Шиндре