(Ерих Фром) За национализмот, патриотизмот и хуманизмот

Човекот, ослободен од традиционалните окови на средновековната заедница, исплашен од новата слобода што го претвора во изолиран атом, бега во ново идолопоклонство на крвта и земјата, што се најочигледни изрази на национализмот и расизмот. Паралелно со прогресивниот развој, што претставува соединување на позитивниот аспект и на патријархалниот и на материјалниот дух, се развиваа и негативните видови на двата принципи: обожувањето на државата помешано со идолопоклонството на расата или нацијата. Фашизмот, нацизмот и сталинизмот се најдрастични манифестации на ова мешање на обожување на државата и племето, а двата принципи се отелотворени во личноста на „фирерот“.

Но новите облици на тоталитаризмот во никој случај не се единствената манифестација на родоскрвната поврзаност на нашето доба. Колапсот на католичкиот наднационален свет на Средниот век би одвел до повисоки облици на „католицизам“, односно до човечки универзализам, што би го совладал обожувањето на племето, ако развојот ги следеше намерите на духовните водачи на хуманистичката мисла по ренесансата. Сепак, додека науката и технологијата создадоа услови за таков развој, западниот свет повторно западна во нова состојба на обожување на племето, односно ја прифати ориентацијата која се обидоа да ја искоренат пророците на Стариот завет и раното христијанство. Национализмот, што првобитно беше прогресивно движење, ги замени оковите на феудализмот и апсолутизмот. Денес просечниот човек стекнува чувство на идентитет врз основа на неговата припадност на нацијата, а не на основа на фактот дека самиот тој е „син на човекот“. Неговата објективност, односно неговиот разум е изобличен со оваа поврзаност. Тој суди за „странецот“ според поинакви критериуми од оние со кои суди за припадниците на сопственото племе. Неговите чувства кон странецот се исто толку изобличени. На оние кои не му се „блиски“ по крв и земја (народски кажано – по обичаите, храната, песните итн.) гледа со сомнеж и можат да се појават параноични заблуди за нив по повод на најбезначајни причини. Оваа родоскрвна поврзаност не само што ги затрујува односите на индивидуата кон странецот, туку и кон членовите на неговото племе и кон самиот него. Личноста која не се ослободила од крвните врски и врските со земјата уште целосно не е родена како човечко суштество; нејзиното чувство за љубов и разум е осакатено, таа не се доживува себе и не ги доживува своите блиски во нивната и сопствената човечка реалност.

Национализмот е наш облик на родоскрнавење, идолопоклонство, лудило. „Патриотизмот“ е неговиот култ. Не е потребно да кажам дека под „патриотизам“ го разбирам оној став кој ја воздигнува сопствената нација над човештвото, над принципот на вистината и правдата, а не интересирањето полно со љубов за сопствената нација, кое произлегува од грижата како за духовната така и за материјалната добробит на нацијата. Токму како што љубовта кон една личност, која ја исклучува љубовта кон другите, не е љубов, така и љубовта кон сопствената земја, која не е дел од љубовта кон човештвото, не е љубов, туку идолопоклонско обожување.

Идолопоклонскиот карактер на националното чувство може да се види во реакцијата на кршењето на симболите на племето, реакција која се разликува од онаа кога се кршат религиозните или моралните симболи. Да замислиме човек кој го носи знамето на својата земја на улица во некој град во западниот свет и го гази пред очите на други луѓе. Би бил среќен ако не го линчуваат. Речиси секој би почувствувал гневна лутина, што едвај дозволува објективно размислување. Човекот кој би осквернавел знаме би сторил нешто неизречиво, тој би извршил злочин што не е било каков злочин, туку злочин што не може да се прости. Не сосема толку драстична, но сепак квалитативно иста, би била реакцијата кон човекот што ќе рече: „Јас не ја сакам својата земја“, или, во случај на војна: „Не ми е гајле дали ќе победи мојата земја“. Таквата реченица е вистинско светогрдие, а човекот кој ја изговорува станува монструм и одметник, по сфаќањата на неговите најблиски.

За да го разбереме особениот квалитет на ова чувство, можеме да ја споредиме оваа реакција со онаа која би се појавила кога некој би станал и би рекол: „Јас сум за да се убијат сите Црнци и Евреи; јас сум за војна за да се покори нова територија“. Навистина, голем број луѓе би чувствувале дека ваквото сфаќање е неетичко и нехумано. Но станува збор за тоа дека во ваквиот случај не би се појавило она чувство на неконтролирана и длабоко всадена индигнација и гнев. Таквото сфаќање е само „лошо“, но не е светогрдие, тоа не е напад врз нешто „свето“. Дури и кога човекот би говорел со омаловажување за Бог, едвај би го предизвикал истото чувство на индигнација што се јавува против злочинот што го претставува сквернавењето на симболите на една земја. На тој начин лесно е да се објасни реакцијата што се појавува кога се сквернават национални симболи, ако се каже дека човекот што не ја почитува својата земја изразува недостаток на човекова солидарност и социјално чувство; но зарем сево ова не се однесува и на човекот кој проповеда војна, или убивање на невини луѓе, или кој експлоатира други за своја корист? Нема сомнеж дека недостатокот на грижа за сопствената земја е недостаток на општествена одговорност и човекова солидарност, како што се и оние други претходно споменати постапки, но реакцијата на сквернавење на знамето фундаментално се разликува од реакцијата на негирањето на општествената одговорност во сите други облици. Едниот предмет е „светост“, симбол на племенското обожување, другите не се тоа.

Поради тоа што големите европски револуции од XVII и XVIII век не ја претворија „слободата од“ во „слобода за“, национализмот и обожувањето на државата станаа симптоми за враќањето на родоскврната поврзаност. Единствено кога човекот ќе успее да го развие својот разум и љубовта повеќе отколку што направил досега, единствено кога ќе изгради свет втемелен на човечка солидарност и правда, единствено кога ќе почувствува дека е вклучен во доживувањето на сеопштото братство, ќе се најде нов човечки облик на вкоренетост, ќе го промени својот свет во вистински човечки дом.

Извадок од „Здраво општество“

Преземено од Марксистичката архива на македонски јазик https://www.marxists.org/makedonski/from/1955/zdravo-opstestvo.htm

|2020-02-15T09:06:25+00:0015 февруари 2020|Актуелно, Став|