Ја достигнавме точката каде растот на БДП почнува да создава повеќе сиромаштија отколку што ја искоренува.
Речиси целата економска професија и речиси сите наши политичари се фокусирани токму на тоа да се зголеми растот на БДП. А зголемувањето на растот на БДП значи секоја година да се проширува производството и потрошувачката. Од сите економски идеи во светот денес, оваа можеби е најхегемонската. Таа е толку широко прифатена што речиси никој не размислува да ја доведе во прашање.
Ние сме склони да го земаме мерењето на БДП здраво за готово, како тоа од секогаш да постоело. Повеќето луѓе не сфаќаат дека тоа беше измислено пред скоро време. Тоа има историја. Во текот на 1930-те, економистите Симон Кузнец и Џон Мајнард Кејнз се зафатија со утврдување на економски агрегат што ќе им помогне на носителите на одлуки да изнајдат начини да ја надминат Големата депресија. Целта беше да се пресмета вкупната монетарна вредност на сите стоки и услуги произведени во економијата за тие да можат појасно да видат што оди наопаку и што треба да се направи за тоа да се поправи. Кузнец се застапуваше за мерило кое ќе му помогне на општеството да ја максимизира добробитта и ќе го следи напредокот на човековата благосостојба; тој сакаше од БДП да ги исклучи негативните работи како маркетингот, патувањето до работното место и вршењето на полициските должности, па кога таквите работи се зголемуваат, владите да не можат да кажат дека животите на луѓето се подобруваат, кога фактички тоа не е така. Но, кога избувна Втората светска војна, Кејнз се откажа од оваа визија и инсистираше дека треба да се пресметуваат сите активности кои се втемелени на пари – дури и негативните – за да може да се идентификува секој грам продуктивност што е на располагање за воените напори. На крајот, Кејнз победи и неговата верзија на БДП почна да се употребува.
Намерата беше БДП да биде мерило во воени услови и токму затоа тој е насочен кон една цел – речиси на насилен начин. Тој ги пресметува сите активности втемелени на пари, но не се интересира дали тие активности се корисни или деструктивни. Ако исечете некоја шума и ги продадете дрвата, БДП се зголемува. Ако соголите некоја планина за да ископувате јаглен, БДП се зголемува. Ако го продолжите работното време и ја повишите старосната граница за одење во пензија, БДП се зголемува. Но, БДП не вклучува пресметка на трошоците. Не го мери трошокот од губењето на шумата како апсорбер на јаглерод диоксидот, или од губењето на планината како дом на загрозените видови, или данокот што го зема прекумерната работа од телата и умовите на луѓето и од нивните меѓусебни односи. И не само што изостава многу лоши работи, тој изостава и голем дел од добрите работи – зашто тој не ги пресметува корисните активности што не се впаричени. Ако одгледувате своја храна, ако ја чистите својата куќа или се грижите за своите стари родители, БДП не кажува ништо, зашто овие активности не вклучуваат трансакција на пари. Тој пресметува само кога ќе ги купите овие услуги.
Се разбира, нема ништо инхерентно погрешно со мерењето на некои работи и изоставањето на други. БДП сам по себе нема никакво влијание во реалниот свет. Но, растот на БДП има. Штом почнеме да се фокусираме на растот на БДП, ние не само што ги промовираме работите што ги мери БДП, туку го промовираме и неограниченото зголемување на тие работи. А токму тоа започнавме да го правиме во 1960-те. БДП влезе во широка употреба во текот на Студената војна за да пресуди во великиот натпревар во уринирање помеѓу Западот и СССР. Одеднаш, политичарите од двете страни станаа грозничави во промовирањето на растот на БДП. Кузнец внимателно предупреди дека никогаш не треба да го користиме БДП како нормално мерило за економскиот успех, зашто тој ќе поттикне премногу уништување. А, сепак, токму тоа почнавме да го правиме – а потоа тој беше на брзина наметнат на остатокот од светот од страна на Светската банка и ММФ. Денес, речиси секоја влада во светот, и во богатите и во сиромашните земји, опсесивно е фокусирана на единствената цел да го зголеми растот на БДП.
Според стандардниот наратив, потребни ни се стапки на раст на БДП барем од 2 или 3 проценти годишно за да имаме здрава, функционална глобална економија. За сѐ што е помалку од тоа, економистите ни кажуваат дека сме во криза; ако растот падне кон нулата, целиот систем – ни кажуваат – ќе доживее распад. А како изгледа овој степен на раст? Во 2015 година, глобалниот БДП изнесуваше 73 трилиони долари. Неговиот раст за 3 проценти значи додавање на нешто над 2 трилиони долари; толку треба да додадеме на глобалното економско производство во следната година, само за да останеме на површината. За да се добие впечаток, 2 трилиони долари отприлика е БДП на Британија. Замислете ги сите автомобили, сите телевизори, сите куќи, сите фабрики, сите барели нафта и сето останато што се произведува во Британија секоја година. Имајте ја на ум таа планина од работи. Толку многу треба да додадеме следната година на врвот од она што светот веќе го произведува. А поради тоа што растот е експоненцијален – а не линерен – треба да додадеме уште повеќе од тоа следната година и уште повеќе во годината по неа.
Мултипликаторот на кумулативниот раст е исклучително моќен. Стапка на раст од 4,5 проценти – што отприлика е вкупната стапка што сакаат да ја постигнат светските влади – дуплира една „работа“ на секои 16 години. За 32 години четирикратно ја зголемува. Ако Античкиот Египет започнеше со еден кубен метар сопственост и ја зголемуваше за 4,5 проценти годишно, на крајот од својата 3.000-годишна цивилизација, ќе му требаа 2,5 милијарди сончеви системи за да ги складира сите свои работи. Не треба да сте научник за да сфатите дека бесконечниот експоненцијален раст е апсурден, во вистинска смисла на зборот. Да си замислуваме дека можеме да продолжиме по оваа траекторија бесконечно значи да се игнорираат најочигледните вистини за материјалните граници на нашата планета. Како што Дејвид Атенбороу еднаш елоквентно кажа, „секој што мисли дека може да имате бесконечен раст на една конечна планета или е луд или е економист.“
Ако го надминуваме еколошкиот капацитет на нашата планета при постојното ниво на економска активност, што ќе се случи ако го земеме предвид експоненцијалниот раст? Дури и блиската иднина изгледа доста црна. Научниците ни кажуваат дека до 2050 година ќе исчезнат нашите развиени тропски шуми. Биодиверзитетот на видовите ќе се намали за дополнителни 10 проценти. Рибниот фонд на сите морски риби кои сега се ловат ќе се намали во просек за повеќе од 90 проценти во однос на нивото од 1950 година. Резервите на повеќето главни метали ќе се исцрпат, вклучувајќи ги златото, бакарот, среброто и цинкот, заедно со многу од клучните метали кои се користат во технологиите за обновлива енергија, како оловото, индиумот и антимонот. Ако може да им се верува на претприемачите од Силиконската Долина како Илон Маск, ќе можеме да замениме некои од овие метали преку обезбедувањето руда од Месечината и астероидите. Но, екстракцијата во вселената нема да ни помогне околу шумите и рибите. Ниту ќе ни помогне околу нашата криза со почвата: при сегашната стапка на осиромашување, горниот слој од почвата на земјоделските површини во светот ќе биде повеќе или помалку бескорисен до 2050 година, а до 2075 година ќе исчезне.
Растот на БДП не е еквивалентен на човечкиот прогрес
И покрај овие очигледни проблеми, поради некоја причина почнавме да веруваме дека растот на БДП е еквивалентен на човечкиот прогрес. Претпоставуваме дека доколку БДП се зголемува, тоа ги подобрува нашите животи: ги зголемува нашите приходи, создава нови работни места, значи подобри училишта и болници итн. Тоа можеби беше точно во минатото, кога светот беше релативно празен од луѓето, а човечкиот отпечаток беше релативно мал во однос на дарежливоста на Земјата. За жал, тоа повеќе не е точно. Во САД, БДП постојано растеше во последниот половина век, а сепак средните приходи стагнираа, стапката на сиромаштија се зголеми, а нееднаквоста порасна. Истото важи и на глобално ниво: додека глобалниот реален БДП речиси трикратно порасна од 1980 година, бројот на луѓе што живеат во сиромаштија, под 5 долари дневно, се зголеми за повеќе од 1,1 милијарда. Зошто е така? Зашто по одредена точка, растот на БДП почнува да произведува повеќе негативни резултати од позитивни – повеќе „безвредност“[1] отколку богатство. Причината е зашто повеќе нема области каде акумулацијата не му нанесува штета на некој друг, на пример, преку заградување на земјата, деградирање на почвата, загадување на водата, експлоатирање на луѓето или менување на климата. Ја достигнавме точката каде растот на БДП почнува да создава повеќе сиромаштија отколку што ја искоренува.
Кога целиот глобален политички естаблишмент застанува зад целта на раст на БДП, човечкиот и природниот систем доаѓаат под огромен притисок. Во Индија тоа доаѓа во обликот на заграбување на земја. Во Британија, преку приватизацијата на јавните услуги. Во Бразил добива облик на дефорестација на амазонскиот басен. Во САД и Канада носи хидраулично разбивање на карпите и катранов песок. Во целиот свет значи подолго работно време, поскапо домување, осиромашена почва, загадени градови, отпад во океаните и – пред сѐ – климатски промени. Сето тоа во име на растот на БДП. Луѓето кои притискаат против овие деструктивни трендови ќе ви кажат колку залудно тоа изгледа. Залудно е зашто на нашите влади не им е гајле. Не им е гајле зашто според нивното најважно мерило на прогресот, уништувањето се пресметува како стока и мора да продолжи по секоја цена. Тоа не е бидејќи луѓето се инхерентно деструктивни. Тоа е бидејќи создадовме правило што нѐ охрабрува да се однесуваме на деструктивен начин. Како што кажа Џозеф Стиглиц: „Она што го мериме го одредува она што го правиме. Ако мериме погрешни работи, ќе ги правиме погрешните работи.“
Можно да се намалат производството и потрошувачката, а истовремено да се зголемуваат индикаторите за човечки развој
Веќе имаме изобилство податоци кои покажуваат дека е можно да се намалат производството и потрошувачката, а истовремено да се зголемуваат индикаторите за човечки развој како среќата, образованието, здравјето и долговечноста. На пример, Европа има повисоки индикатори за човечки развој од САД речиси во секоја категорија, со 40 проценти помалку БДП по глава на жител и со 60 проценти помалку емисии по глава на жител. Екцесивноста на САД не им носи ништо кога станува збор за работите кои се навистина важни.
Колку навистина ни е потребно за да имаме долги и среќни животи? Може да му пристапиме на тоа како на емпириско прашање. Во САД, очекуваната должина на животот е 79 години, а БДП по глава на жител е 53.000 долари. Но, многу земји имаат постигнато слична очекувана должина на животот со само мал дел од овој приход. Костарика има повисока очекувана должина на животот од САД со БДП по глава на жител од само 10.000 долари. Се разбира, може да се очекува дека дел од екцесивниот приход и потрошувачка што ги гледаме во богатиот свет носи подобрување на квалитетот на животот, кое не е опфатено со очекуваната должина на животот. Но, дури и кога ќе ги погледнеме мерењата на севкупната среќа и благосостојба, цела низа земји со ниски и средни приходи се рангирани високо. Според Светскиот извештај за среќата, Костарика им парира на САД. Бразил е подобар од Британија и тоа со само четвртина од приходите. Ова кореспондира со наодите на растечкото поле на „економијата на среќата“, која ни кажува дека среќата се зголемува со приходот само до одредена точка – точка која богатите земји одамна ја надминаа. Во САД, на пример, стапките на среќа достигнаа врв во 1950-те, при БДП по глава на жител од само околу 15.000 долари (во долари од 2010 година) и плафонираа од тогаш. Впрочем, она што нѐ прави среќни не е повисокиот приход, туку поголемата рамноправност, добрите односи и силните социјални гаранции.
Во светлината на сето ова, можеби не треба да ги сметаме земјите како Костарика за недоволно развиени, туку за соодветно развиени. Општествата во кои луѓето имаат долги и среќни животи при ниски нивоа на приходи и потрошувачка не треба да ги гледаме како заостанати средини што имаат потреба да бидат развиени според западниот модел, туку како урнеци за ефикасно живеење – и да почнеме да бараме од богатите земји да ја намалат својата екцесивна потрошувачка.
Тоа може да се покаже како силен обединувачки повик во глобалниот Југ, но може да биде тешко да ги убеди западњаците. Тешко, но не и невозможно. Според скорешните испитувања на потрошувачите, 70 проценти од луѓето во земјите со средни и високи приходи веруваат дека прекумерната потрошувачка ги става во ризик нашата планета и општество. Слично мнозинство верува дека треба да се стремиме да купуваме и поседуваме помалку работи и дека тоа нема да ја наруши нашата среќа. Со други зборови, свеста веќе се гради. Луѓето се подготвени за еден поинаков свет.
Нашиот модел на експоненцијален раст на БДП лежи во самото средиште на нашата криза
Ако научниците се во право кога кажуваат дека нашиот модел на експоненцијален раст на БДП лежи во самото средиште на нашата криза, тогаш од таму треба да започнеме, кога станува збор за замислувањето алтернативна иднина. Еден од клучните први чекори би бил да се ослободиме од БДП како мерило за економскиот напредок и да го замениме со нешто поразлично. Има на располагање повеќе алтернативни мерила на успехот. На пример, Индикаторот за вистинскиот прогрес (ИВП) тргнува од БДП, но потоа ги додава позитивните фактори како куќниот и доброволниот труд, ги одзема негативните фактори како загадувањето, исцрпувањето на ресурсите и криминалот, а врши и прилагодување за нееднаквоста. Одреден број држави во САД, како Мериленд и Вермонт, веќе почнаа да го користат ИВП како мерило за прогресот, иако како секундарен во однос на БДП. Костарика е на пат да стане првата земја што тоа ќе го направи, а Шкотска и Шведска може наскоро да следат.
Мерењето на ИВП ни дава целосно поинаква слика на општеството од БДП. Ако ги споредиме глобалниот ИВП и БДП, ќе видиме дека ИВП се зголемувал заедно со БДП до средината на 1970-те, а потоа останал на тоа ниво – па дури и почнал да се намалува – додека БДП продолжил да расте.
Тоа покажува дека растот на БДП повеќе не се трансферира во подобро општество. Последиците од поместувањето кон нешто како ИВП би биле суштински. Ако нашите влади се раководеа од максимизирањето на ИВП, тие ќе беа поттикнати да создадат политики што ќе ги овозможеа добрите економски резултати и ќе ги поништеа лошите. И не мора да биде ИВП. Може да биде нешто друго: Индексот на среќна планета, утврден од Фондацијата за нова економија, кој ги мери очекуваната должина на животот, среќата и еколошкиот отпечаток; или Индексот за подобар живот на ОЕЦД, кој се фокусира на 11 димензии на општествената и еколошката благосостојба; или кој било друг збир од индикатори, кој сѐ уште не е утврден. Штом се ослободиме од тиранијата на БДП, може да имаме отворена дискусија околу тоа што навистина го цениме и како сакаме да го мериме прогресот. На некој начин, тоа е крајниот демократски чин. А она што е сигурно е дека резултатот ќе биде многу поразличен од БДП. Всушност, тој веројатно воопшто нема да вклучува вечен раст, зашто било што да се поттикнува да расте до вечноста – дури и добрите работи – е филозофски апсурдно.
[1] Illth – термин на Џон Раскин, англиски сликар и критичар на уметноста, со кој тој ги означи производството и акумулацијата кои немаат некоја корисна цел и кои предизвикуваат „разно уништување и проблеми… во сите насоки“ (заб. на прев.).
————
Извадок од книгата на Џејсон Хикел „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“, објавена на македонски јазик од издавачката куќа „Аз-буки“ во 2019 година.