Недела, убав сончев, но и ветровит ден во Скопје. Сончевите денови во Скопје се најубави кога дува ветар затоа што тогаш е чист воздухот. Се разбира дека чистиот воздух е ретка појава во метрополата, па затоа многумина кога дува мислат дека острината во носот им доаѓа од ветрот без воопшто да помислат дека тоа е можно и од чистиот воздух.
Центарци можеби и излегле надвор од Скопје за да ја гледаат природата, да отидат на Матка или некаде на друго место, но сепак не беше празно. Чат пат имаше по некој човек што брзаше да напазари од Буњаковец пред започнувањето на подготовките за фамилијарниот неделен ручек. Други пак, сакаа да уживаат во чистиот воздух на последниот ден од февруари.
Откако ефектите од глобалната климатска криза зедоа подрастичен замав и почнаа да се чувствуваат скоро цела година и скоро секој ден на момент, особено ако е тоа празник или пак и делник, а кога е убаво времето или воздухот чист човек сака да се оттргне од тие мачни мисли и само да поужива во сончевите зраци додека не станат штетни.
Одев од Дебар маало кон Католичка црква, па се разбира дека како и секој разумен и молчалив човек не сакав ништо да ми го расипе расположението на тој ден и се обидов да скршнам по уличката на која што за среќа Паркинг Центар сѐ уште немаат исцртано паркинг места, таа помеѓу Градската библиотека, основното училиште и Архитектонскиот факултет.
Скршнувајќи, го здогледав дворот на факултетот и напросто кажано, човек сам си пати од наравот, па наместо да бидам на раат од автомобилите и возилата јас почнав да пловам низ ѓубре. Притоа, вие што ќе ги отворите фотографиите ќе видите дека станува збор за ѓубре. Тоа што го видов не може да се објасни со зборовите отпадоци, отпушоци или ливчиња или хартивчиња, тоа е начисто кажано ѓубре.
Имаше сограѓани кои свесно избрале да не им смета таа случка и мирно уживаа во чистиот воздух и убавото сонце. На крајот на краиштата и јас пиев кафе над ауспух. Па, сите мора да избереме нешто. Ова не е Западна Европа за да ние добиеме сѐ. Впрочем, така се учи солидарноста. Еден ќе одмара на сонце и во ѓубре, друг ќе плива во кал, ама ќе му биде тивко. Тој што сака мир и зеленило не би требало да оди в парк, но да се качи на зелен кров, а така веројатно ќе може да ужива во сѐ.
Не знам кој е задолжен за јавната чистота, а најверојатно никој не е задолжен за нашите прашања затоа што тие се прашања што не мачат нас, ние кои не знаеме да гледаме подалеку од нашиот нос и сме загрижени само за она што го гледаме околу нас. Јас, навистина не можам да видам каде отидоа 200.000 вакцини, но само нечистотијата. Воопшто не е убаво за човекот кога ги гледа само непријатностите.
Можеби требаше да изберам да гледам во Небото, ама пустото дека Сонце не можев да ја кренам главата, а кога погледнав долу, пак си реков и со право Бог им ја сратил можноста на свињите да ги гледаат ѕвездите.
Мислејќи на тоа дека свињите можеби не гледаат нагоре, ама гледаат лево и десно, се завртив на лево, па видов дека дворот на Градската библиотека е убаво закатанчен од сите можно влезови и страни. Нашата држава сепак книгите ги чува со огромно внимание. Споредбено со дворот од левата страна, пак човек ќе си каже дека е подобро и да е затворен, а можеби најдобро е воопшто да не се размислува на таа тема. Така најлесно би било.
Кога сме кај тоа што е најлесно, јас пак вака мачно прашувам, како да гледам за да видам убаво, а не грдо?
Никола Шиндре