Од 3 до 5 Септември, 2020 година се оддржа петтото јубилејно издание на фестивалот „Друга приказна“ – регионален книжевен фестивал на малите фикции. Оваа година фестивалот беше посветен на детските приказни, раскази, стиховорби и песни и го носеше насловот „Грозовилата во страшната шума“. Посетителите можеа да погледнат изложба на фотографии од претходните изданија на фестивалот курирана од Владимир Јанчевски, можеа да чујат детски приказни, но и да погледнат театарски изведби за деца.
Самото име на фестивалот „Друга приказна“, одржувајќи се на другата страна од Вардар на платото на Младинскиот културен центар и оваа година третирајќи една важна, ама малку актуелна тема – издаваштвото за деца, веројатно придонесе посетителите да се почувствуваат дека може и надвор од доминантниот наратив да разменат ставови за теми кои што се доста важни, како во поглед на културата, така и на просветата.
Другоста на фестивалот, пак се означи и на самото отворање од страна на организаторот на фестивалот Никола Гелевски кој со својот строг и остар, но и конструктивен начин даде критика за властите задолжени за културата, поточно Министерството за култура и непланското и лошото административно работење на тој сектор од власта. Така гостите можеа да се почувствуваат ослободени од обврската фестивалот да биде отворен од политичкиот естаблишмент и да можат целосно да уживаат во можностите и убавините на содржините што овогодишното издание на фестивалот можеше да ги понуди.
Првата вечер, како и на претходните изданија се одржа натпреварот „Овде паѓаат крупни зборови“ на кој што учество зедоа повеќе познати македонски писатели, како Калина Малеска, Ана Голејшка Џикова, Владимир Лукаш, Петар Андоновски, Билјана Црвенковска, Снежана Стојчевска, Д. А. Лори, Ана Аврамовска, Николинка Ќорвезироска, Катерина Трајановска и Владимир Мартиновски. Овој пат жири комисијата беше составена од еднаков број на членови деца и возрасни, па така оние за кои што беа наменети приказните можеа да одлучат што им се допаѓа, а што не. Петар Андоновски читаше за прасиња и за глувчиња, а Владимир Мартиновски покажа дека како што успешно го задржува вниманието на студентите може и на најмладите. Црвенковска читаше за некои планети и ги врати повеќемина од возрасните во своето детство кога читале научно фантастични романи за деца. Победник на фестивалот беше приказната на Ана Голејшка Џикова која што беше изведувана од Владимир Лукаш. Тој се потруди да се стави во облеката на Ана и да им го одземе вниманието на децата, но и возрасните.
Јана Бауер беше добитничка на главната награда на фестивалот за својата книга „Грозовилата во страшната шума“ со илустрации на Керолајн Тау, во превод на Лидија Димковска, а издадена од Издавачката куќа „Артконект“. Книгата прв пат е издадена на словенечки јазик во 2011 година, а писателката е особено популарна помеѓу словенечките детски читатели со своите фантастични приказни за деца. На фестивалот пак, Нела Витошевиќ имаше сценско-театарска изведба „Приказ на Грозовилата“ во која што учествуваа неколку млади актери.
Оваа година на фестивалот можеше да се види и театарот на сенки „Наш мал театар“ составен од актерите Нина Максимова и Благојчо Стојанов со претставите „Заробената љубов“ и „Девојчето со дрвото во портаколовото кралство“, кои што ги третираа темите за храброста, љубовта, убавината, заедничкото живеење и различните култури. Сенките го задржаа вниманието и на возрасните, како заради самата приказна и изведба (претстава), но и поради техниката. Кај нас не може често да се гледаат театарски претстави на сенки, па веројатно овој крик за различен израз на овие млади актери ќе ја мотивира јавноста да покрене прашања за важни теми за културата на најмладите, како на пример повеќе инвестирања во театрите, но и разните формални и неформални актерски групи што работат со деца.
Доротеј Нешовски, Билјана Црвенковска, Симона Спировска, Фросина Крушкаровска и Искра Димковска одржаа неколку работилници за најмладите на кои што им посветиле внимание, но вложиле и труд да ги учат и воспитуваат за изразувањето, формите на израз, културата, читањето, книгите и приказните.
За повозрасните веројатно интересни беа дискусиите за реалните проблеми со кои што се соочува македонското општество, односно незаинтересираноста на властите за културата прикажано низ слабите финансирања во културата, негрижата за редовни и навремени планирања за програмите кои што треба да се остваруваат, односно непоимањето на такви програми и планови. Чувме и критики за старите монополи во издваштвото, но и генерално за слабите можности во овој контекст да се произведуваат солидни и добри содржини. Овие дискусии веројатно не треба да се водат само на фестивали, но и да им се даде еден поширок контекст за состојбите во културата во нашата држава.
Фестивалот се затвори со музички перформанс на повеќемина уметници и културни работници кои што ги изведуваа своите омилени песни за деца од нивното детство, па така и публиката имаше можност да ужива во преработката на тие за постарите „старо-нови“ песнички, а за помладите сосема нови песни што можеби ги немаат чуено. Особено интересна беше изведбата на Ана Христова која ја испеа „Биберче“ на оригинален јапонски јазик.
Да се надеваме дека во иднина критиката кон постојното, односно другата приказна ќе може да се прелее од фестивалите и да се разлее низ калдрмата пред Младинскиот културен центар за да може да се отворат прашања што суштински ќе ги адресираат проблемите со културата, но и со нашето општество. Генералната негрижа за негувањето на зборот, јазикот, книгата и издаваштвото.
Не би смеело да не се забележи дека просветните простории – оние во кои што треба најпрво да почне да се воспитува младиот човек, да се образува за да може да ја познава културата немаат елементарни предуслови за работа. Училишните библиотеки немаат финансии за одржување на библиотечниот фонд, нема солидна национална програма за библиотечни фондови за нови наслови, но и финансии за креирање на една подобра форма на културни можности во нашата држава, особено во просветата – местото каде што најмладите треба да се воспитуваат и образуваат.
Многу млади, особено оние од внатрешноста нема да имаат никогаш можност да добијат пристап до некои нови наслови, но, таква можност нема да имаат ниту оние од сиромашните семејства. Веројатно во иднина ќе треба активно сите чинители да се заложат повеќе за сите аспекти на проблемите во културата.
Никола Шиндре