Дојранчани кажаа „НЕ“ за отворање на рудници и продолжување на работата во Казандол

ДОЈРАН, 24.07.2017 – Жителите на Дојран вчера на локален референдум се изјаснија против продолжување со работа на рудникот во Казандол, како и против отворање на нови рудници на територијата на општината

Над 95 отсто од излезените гласачи се изјасниле дека, се против отворање на нови рудници на територијата на општината, односно, да не се отвора рудник во Башибос и Бајрамбос, две села коишто се лоцирани над самото Дојранско Езеро. Жителите исто така се изјаснија дека се против продолжување со работа на рударскиот комплекс „Казандол“ во општина Валандово.

Од општинската изборна комисија во Дојран потврдија дека, референдумот е успешен. Резултатите од локалниот референдум во Дојран, треба да ги верификува Советот на општината и истите ќе бидат доставени до Владата и ресорните министерства.

Важноста на референдумот за Дојранското Езеро

Професорот по Уставно право, проф. д-р Светомир Шкариќ, во својата колумна минатата недела, објавена на блогот http://respublica.edu.mk/blog, а во однос на локалните референдуми, за кои граѓаните се изборија во последниов период, меѓудругото пишува за важноста и деликатноста на референдумот во Дојран, поради, како што вели, „Дојранското Езеро, кое е прогласено за споменик на природата со посебен закон во 2011 година“. Токму така пишува законот, вели професорот, топло и поетски: „Назив на споменикот на природата е Дојранското Езеро“.

„Станува збор за дел од Дојранското Езеро на територијата на Република Македонија со површина од 27,2 км². Тој дел, заедно со крајбрежјето и живиот свет во Езерото се прогласени за споменик на природата. Законот го утврдува и режимот на заштитата со припишување голем број забрани (13) како обврски префрлени на општината и на градоначалникот. Републиката се држи по страна, како Езерото да и припаѓа на некоја друга држава или како да е ресурс само од локално, а не и од светско значење, слично на Ладога и Белозерско во Русија, иако е мало“, пишува тој.

Тој понатаму, осврнувајќи се на Проектот на Регионалниот центар за животна средина „Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро“од 10. Декември 2015 година, нагласува дека, и Собранието на Република Македонија, како законодавец се држи на страна и без грижа на совест за еколошката драма во која се наоѓа Езерото. Овој проект е изготвен од научен тим, а според професорот, неразбирливо и неподносливо е однесувањето на Собранието, кое како висок орган намерно одбегнува да пропишува обврски за себе кога се во прашање заштитата и одржливоста на општите добра во државата.

„Проектот содржи заклучоци и констатации кои ниту еден разумен човек не го оставаат на мира: „Добиените вредности за параметрите на физичко-хемиската категоризација на водата во Дојранското Езеро, според сите правни нормативи, го поставуваат екосистемот во исклучително лоша еколошка состојба и V категорија на степенот на загаденост“ (стр. 34).

Во исто време, Научниот тим констатира дека состојбата на Езерото е алармантна и дека вината за неговата агонија паѓа врз грбот и совеста на човекот, пред се`, на оние што живеат покрај Езерото и во неговата околина: „Езерскиот систем дојде до границата на својот опстанок чекајќи единствено на природната судбина. Човекот кој ја започна неговата агонија не презеде ништо за да го намали екоцидот, туку сосем спротивно само го интензивираше со своето безгрижно исфрлање на отпадните материи“ (стр. 89)“, истакнува Шкариќ.

Ваквата состојба, вели професорот, ги кренала на нозе граѓаните на општинара Дојран, откако слушнаа дека во Казандол се отвора рудник, кој може дополнително да го кутне Езерото во уште потешка агонија.

„Прво се појави граѓанската иницијатива како облик на непосредно учество на граѓаните во одлучувањето за прашањата од надлежност на локалната самоуправа. Потоа настапи Советот на општината кој едногласно донесе одлука за одржување на референдумот на 18 јуни 2017 година. Но, една недела пред одржувањето на референдумот се дозна дека градоначалникоот на општината  не ја потпишал одлуката и дека поради тоа референдумот не може да се одржи на определениот датум. Образложението на градоначалникот беше дека Советот при носење на одлуката, не донел и одлука за финансиските средства за покривање на трошоците за одржување на референдумот“, вели тој.

На 6. Јули, градоначалникот повторно не ја потпиша одлуката за референдум во рок од седум дена. Меѓутоа, Советот брзо закажа нова седница, на која повторно едногласно ја потврди петходно донесената одлука, со што таа стана правосилна, иако без потпис од градоначалникот на општината. Така што, на 23. јули успешно беше спроведен референдумот на кој жителите на Општина Дојран се изјаснија против рудниците.

Владата има дадено концесија и за отворање на рудник со злато, сребро, олово и цинк во Башибос и Бајрамбос, две села лоцирани на Беласица, над самото Дојранско Езеро.

„Тој рудник, ако се отвори, може да биде поштетен за околината и за Дојранското Езоро и од рудникот во Казандол. Не треба да биде вон контрола ниту рудникот за дијабаз во селото Ѓопчели, во непосредна близина на Езерото, даден под концесија на Бетон во 2014 година“, пишува Шкраиќ.

Референдумот во Дојран е трет по ред против отворање на рудници на југоистокот. Претходно, во април се одржа референдум во Гевгелија, кадешто жителите се изјаснија дека се против отворање на рудник за злато на планината Кожуф. Во јуни, жителите на Богданци, исто така се изјаснија против отворање на нови рудници и дека се против продолжување со работата на рудникот во Казандол. За ова прашање на 20. Август ќе се изјаснат жителите на Општина Валандово, а референдум во врска со рудникот во Иловица, Стумичко, ќе се одржи на 03. Септември, кадешто жителите на Општина Босилово ќе имаат прилика да се изјаснат. Наскоро се очекува Општина Ново Село во Струмица да одлучи за одржувањето на тамошниот референдум.

 

Целата колумна на професорот Шкариќ можете да ја прочитате на следниот линк

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T07:48:24+00:0024 јули 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|