Договорот за „Казандол“ раскинат, продолжува борбата против останатите издадени концесии за изградба на рудници во југоистокот

СКОПЈЕ/ВАЛАНДОВО, 28.03.2018 – По долгата борба и јавен притисок врз новата влада, да си го одржи дадениот збор од предизборната кампања, односно да ја прекине изградбата на рудници, вчера на прес конференција премиерот Зоран Заев соопшти дека, договорот со концесионерот „Сардич МЦ“ за ископување на злато, сребро и бакар под селото Казандол, Валандово, еднострано се раскинува. Уште околу 84 вакви договори како закана по животната средина и животот на луѓето го демнат југоистокот. Активистите од Спас за Валандово порачуваат дека свесните луѓе од регионот будно ги следат политиките и нема да дозволат останатите доделени концесии да прераснат во рудници.

„Вчерашната одлука на Владата за еднострано раскинување на договорот со инвеститорот за рудникот Казандол е резултат на речиси две-годишно организирање на граѓанскиот отпор во Југоистокот и водење на долга институционална борба. Заради тоа, оваа одлука е голема победа за Југоистокот, но треба да биде и лекција за сите локални и за централните власти: во процесот на организирање на овој отпор се изгради капацитет и мрежа на свесносовесни индивидуи и групи на луѓе кои будно ги следат политиките во сферата на животната средина и одржливиот развој во земјава и кои нема да дозволат останатите доделени концесии за металични минерални суровини низ земјата да прераснат во рудници“, велат од иницијативата „Спас за Валандово“ за Гласник.

Причината за раскинување на договорот за „Казандол“ е дека постројката за бакар не е завршена во предвидениот рок, односно февруари 2017 година. Активистите против изградба на рудниците долго време укажуваа на овој правен аргумент, а владата конечно покажа слух за да дејствува.

„Владата денеска донесе одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија на Казандол бидејќи концесионерот не ја исполнил обврската од Договорот за концесија  во рок од две години од денот на доделување на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар“, изјави Заев на вчерашната прес конференција во Скопје.

Одлуката за раскинување на договорот со концесионерот треба да влезе во сила денес по објавувањето во Службен весник.

Во изминатиот период, редакцијата на Гласник редовно известуваше за борбата против изградба на рудници во југоистокот, застанувајќи на страната на јавниот интерес, а против приватните експлоататори, чијшто единствен интерес е профитот на сметка на уништувањето на животната средина, а со тоа и животот на луѓето во југоисточниот регион.

Како стигнавме дотука

Жителите во југоисточниот дел на Македонија долго време се организираа во неформални иницијативи и активистички групи да дејствуваат преку дебати, собири, информирање на јавноста за опасноста од планираното отворање на т.н. „рудници на смртта“. Тие, исто така организираа референдуми  во Гевгелија, Дојран, Валнадово, Богданци, Босилово и Ново Село. На некои од нив имаше доволна излезеност, на некои не, но секаде каде што имаше референдуми над 90 % граѓаните се изјаснија дека се против отворање на рудници во нивната околина. За ваквиот успех и практикување на демократијата, професорот по уставно право, Светомир Шкариќ не ја криеше својата воодушевеност од политичкото делување и организација на граѓаните од југоистокот.

„Се случи нешто ново во Република Македонија што треба да се забележи со златни букви во нејзините анали. Од голема мака и бројни тешкотии се отвори нов етички процес, неопходен за целиот свет, кога е во прашање борбата против екоцидот“, напиша Шкариќ во неговата колумна минатиот Јули.

Исто така, активистите паралелно бараа правни пукнатини во криминално доделените концесии и договори и организираа протести кои беа најмасовни во тој регион. Солидарен протест се одржа и во Скопје, а покрај тоа и две трибини со наслов „Како да се справиме со рудниците во југоисток?“ во Социјалниот центар Дуња каде што, граѓаните од Скопје имаа можност да се запознаат со деталите на оваа борба и како може поефективно да се вклучат во истата.

Овој успех оди на грбот на секој што се вклучи на било каков начин во борбата против „рудниците на смртта“. Тука, не треба да се заборават и најзасегнатите субјекти – селаните од околните села во Казандол кои сведочеа за нивната територија која изобилува со ретки земјоделски производи но истовремено е и единствено поле за преживување, и за тоа  како ќе влијаат рудниците врз нивните животи и пред јавноста го кажаа своето категорично „не“ за рудници.

Што понатаму?

Како прво, работата со Казандол е далеку од завршена. Украинските инвеститори „Сардич МЦ“ се закануваат со меѓународна судска постапка/арбитража за заштита на нивните права поради претрпување на огромна материјална штета во износ од  380 милиони евра. На оваа евенутална постапка, граѓаните не може да влијаат многу, но тоа што може да се направи е притисок, со цел механизацијата што побрзо да се тргне од Казандол, таа локација да се заштити, т.е. да не се даде повторно на друг концесионер кој би ги запазил сите правни рокови, и конечно, да се ревитализира екосистемот во првобитната состојба и тоа да стане повторно место  коешто сточарите го користеа и повторно ќе го користат за испаша на својата стока.

Како второ, рудникот Иловица во Струмичко е следен на листа за градење. Тој е исклучително опасен проект кој е поголем и носи поголема штета, не само за Македонија но и за соседните држави. Рудникот во Иловица треба да ја има шестата највисока брана на планетата на хидројаловиште со висина од 276 метри, што би било прва од таков тип, затоа што во светот не постојат хидројаловишта со толкава висина. Но, како и во случајот со Казандол има бројни неправилности. Процедурите за издавање на двете концесии за Иловица се спротивно на законот, техничките проекти и студиите се непрофесионално изработени и најважно од се’ – граѓаните апсолутно се против отворање на рудник во срцевината на земјоделска Македонија.

Трето, потребно е во јавноста да се покрене дебата за тоа како да се запре издавањето на ваквите концесии кои ќе имаат битен ефект врз животот на граѓаните. Како да се стане важен дел од одлучувањето за слични вакви проекти во нашите живеалишта. Како може огромни пространства кои значат живот за голем дел од населението да се дадат на фирми и да се приватизираат? Ден денес, се’ уште не може да се добијат документи за рудникот во Иловица, или за другите рудници во понапредна фаза. Вклучувањето на граѓаните во ваквите процеси ќе има пресудно значење за планирањето но и транспарентноста на овие процеси.

Четврто, покрај овие рудници, има уште 84 концесии за нови рудници. Притисокот во јавноста би се зголемил со поголемо вклучување во работни групи за овие концесии за да има конструктивен дијалог но исто така, тие состаноци да се користат за редовно информирање на јавноста. Овие работни групи со владата треба да бидат сериозни и професионални, а не како досега што беше во случајот со Казандол, збир од конфузија и проѕирен ПИ-АР за инклузивност.

Петто, причината поради која беше дадена оваа концесија беше економска. Затоа тука треба да се прошири и разгледа прашањето со сиромаштијата во овие краишта. Одржливиот развој е очигледен одговор.  Преку одржливи одговорни политички стратегии, проекти со обновливата способност на природната средина, кои ќе имаат и економска и социјална регенеративност ќе се намали просторот за доделување на крајно неисплатливи и штетни концесии за трајно уништување на плодното земјоделско земјиште.

Авторка: Сенада Ибраимова

Фотографии: Сенада Ибраимова