Дијалог со Петар Чуриќ по повод Меѓународниот ден на работникот – 1 Мај.

По повод 1 Мај – Интернационалниот ден на работникот зборувавме со Петар Чуриќ – комунист и член на Марксистичка организација – Црвени, секција на Интернационалната марксистичка тенденција.

Никола Шиндре: „Петар, секоја година на ново се отвора дебата за правата на работниците, но уште не се отвора расправата за правата на работничката класа. Како ти гледаш на индивидуализацијата на борбата за подобро општество, но и потенцијалните вмрежиувања?“

Петар Чуриќ: „Иако самата дебата за правата на работниците не се однесува на некои апстрактни работници, туку на конкретните, на работничката класа којашто постои, сепак, евидентното избегнување на поимот класа т.е. неговото отсуство од вокабуларот на синдикалните и дел од политичките организации на трудбениците не означува само одреден манир на изразување или политичка коректност туку нешто посуштинско.

Најпрво, тоа претставуа уште еден продор на вредностите на доминантната идеологија (заснована на индивидуализам, антагонизам и алчност) во нашите редови. Ваквата поделба меѓу работниците, пред сѐ по пазарна/струковна основа, каде синдикалниот опсег на борба и залагање се ограничува на доменот на конкретната професија има таков ефект да се замени класната свест и интерес со тесноградиот интерес на конкретната професија.

Односно, ваквата бескласност на работниците претставува обид за деполитизација на нивната борба. Следствено, бескласната работничка борба може да се поима единствено во рамките на постоечкиот систем, не доведувајќи го во прашање, туку единствено како залагање за подобрување на одредени законски норми или работни услови, но ништо повеќе од тоа. Еден вид стерилизирање на потенцијалноста на работничката класа.

Можноста за здружување и заедничко дејствување е отворена, коренот на нашата опресија е ист, а системот не може да ги прикрива многубројните наталожени контрадикции.

Н. Ш. Голем дел од неправдата кон работниците доаѓа и од еколошката и климатска криза што се случува. Како да се создава свест за неконзумеристичко живеење, како може тоа со личен пример да се покажи, а како да се работи во комуналната заедницата?

П. Ч. Се разбира дека е неопходно да дадеме личен пример во промовирањето на еколошките прашања, како и да учествуваме во покренување на зелени акции и иницијативи, односно градење на свест за проблемот и последиците кои се на повидок. Но, иако индивидуалната акција има важна улога, не смееме да западнеме во заблуда дека еколошката криза може да се решава на ниво на индивидуата, затоа што се работи за системски проблем, кој се наоѓа во с’ржта на начинот на оперирање на капиталистичката економија.

Кристално јасно е дека од последиците на еколошката криза, односно климатските промени, најмногу ќе бидат погодени најсиромашните и најексплоатираните работници, парадоксално, тие најмалку може да бидат обвинети за прекумерен конзумеризам, кога и најосновните потреби, како здрава храна, чиста вода, живеалиште, основна здравствена заштита итн. им остануваат недостапни. Ако конзумеризмот го дефинираме како прекумерно и беспотребно трошење на ресурсите, тогаш тоа може да биде одлика единствено на богатото малцинство, а никако не на сиромашните работници.

Затоа не смееме да ја прифатиме логиката на аргументирање дека сите луѓе се еднакво виновни за еколошката криза, особено не затоа што немаме сите еднакво право во процесот на одлучување, во одредувањето на начинот на производство и прераспределбата на ресурсите. Она што ми пречи, а што често се имплицира од коментаторите, се обидите да се редистрибуира одговорноста, додека, истовремено профитот, односно добивката од постоечкиот систем останува концентрирана, и не се доведува под знак прашање.

Суштината е дека капитализмот го исцрпе својот прогресивен историски потенцијал и сега станува сериозна опасност и пречка за понатамошниот развој на човештвото – пред нас неодминливо и апсолутна конкретност се поставува прашањето: социјализам или варварство?

Н. Ш. Пандемијата ќе ги забрза историските процеси. Пандемијата со ХИВ/СИДА ги помести границите на квир заедницата и така нивниот статус дојде на дневен ред. Која заедница/класа/јавност ќе бара во иднина ревизија на овој општествен договор?

П. Ч. Ако се водиме по логиката во самото прашањето, дека афектираните го ревидираат  постојниот општествен договор, тогаш лесно доаѓаме до одговорот дека тоа би била работничката класа т.е. работниците во целина како најпогодена група. Сведоци сме дека и времето на пандемијата на КОВИД – 19, интересот на владеачката класа е спротивставен на општествениот интерес, имено, додека светот бара лек, владеачката класа и понатаму бара профит.

Но, сепак ваквото гледање е претерано симплифицирање. Имено, потенцијалот за промена на нашата стварност несомнено постои, светот е во длабока криза – идеолошка, економска и еколошка. Но, тоа само по себе е недоволно, односно не е можна револуција без револуционерна организација. Затоа револуционерниот развој на настаните треба да ни даде поттик да градиме работнички институции и организации кои ќе треба да ги артикулираат револуционерните барања на работничката класа. Тоа е задачата која стои пред нас и од која зависи било каква суштинска промена.

Н. Ш. Работничката класа се состои од различни заедици, јавности, групи. Како да се соработува, односно како да се разменуваат ставовите во иднина, на пример како квалитативно да се спојат градскиот и селскиот пролетеријат? Како да се поврзат самовработените и прекарните работници, а да се одѕвонат универзалните барања за животни и материјални услови?

П. Ч. Владеачката класа, водена од својот интерес да ја одржи постоечката идеологија како доминантна, по дефиниција е насочена кон делење и расцепкување на работничка класа и свртување на нејзинте делови меѓусебе. Историски гледано имаме голем број на примери кои го докажуваат ова, одредувања и опресија врз основа на боја на кожа, народност, полот, јазикот итн. Ваквото смислено делење на работничката класа, историски продуцира специфични форми на опресија кои не смеат да останат неадресирани од страна на комунистите. Затоа комунистите отворено застануваат против сите форми на опресија коишто се резултат на капиталистичкото општество бидејќи нашата идеја за ослободувањето се однесува на човештвото во целина.

Но, не смееме да заборавиме дека, како и во минатотот така и денес, сите овие идентитетски одредувања се користат од владеачката идеологија за делба на работничката класа и дефокусирање од антагонизамот внатре основната дихотомија меѓу работниците и капиталистите т.е. од класната борба. Денеска се поочигледна станува тенденцијата на алиенирање и исклучиво фокусирање на специфичната форма на опресија која одреден дел од работничката класа ја искусила, или сеуште ја искусува, притоа губејќи го од вид „главниот непријател“ и причинител на самото угнетување. Во своја екстремна форма, ваквото сегментирање е целосно контрапродуктивно на нашата борба, затоа што одново ги алиенира работниците, затворајќи ги во херметички заедници на претходно конструираните идентитети и одново антагонизирајќи ги.

Значи, квалитативното спојување, поврзување на разните делови на работничката класа може да се случи само преку самосвеста за припадност на таа класа и согледување на  заедничкиот материјален интерес за сопственото ослободување од системот/светот којшто не е создаден од нив, туку за нив. Токму таа заедничка борба треба да ги содржи елементите на идното општество, транцендирајќи ги сите поделби.

Н. Ш. Покрај прашањата за капитализмот, отворени се и тие за патријархатот. Патријархатот најмногу ги угнетува жените, но исто така тој систем не им одговара ниту на мажите – работници, ниту на квир мажите. Како можат мажите да се ослободат од стегите на патријархатот?

П. Ч. За воопшто да можеме да бараме решение, најпрво треба да го разгледаме прашањето на потеклото, односно од каде произлегува патријархатот. Доколку прифатиме дека патријархатот се јавува заедно со зачетокот на класното општество – појавата на приватната сопственост и следствено поделбата на трудот во класното општество, тогаш тој всушност претставува најстара форма на ропство и опресија која во целост ја прожима структурата на севкупното класно општествено уредување. Како таков, патријархатот, стои во основата на постоечките општествени односи и е еден од нивните главни морални столбови на кои се потпираат. Неговата манифестација во одредување на родовите улоги, дефинирање на сексуалноста и сл. не е еднозначна, напротив, тие се менуваат согласно конкретните историски услови, но неговата функција останува секогаш иста, а тоа е сочувување на класното општество.

Како за жените, така и за мажите борбата против патријархатот мора да биде насочена против условите кои го создале. Бидејќи коренот на патријархатот е во основата на самото класно уредување, единствената солуција која во целост може да ја укине патријархалната структура е – укинување на самото класно општество.

Н. Ш. Навиките се менуваат лично и колективно. Неминовно дека одредени колективни навики треба да се променат за да може да се развиваат можности за подобро, поправедно и порамноправно општество. Како да ги менуваме навиките?

Навиките се длабоко вкоренети модуси на однесување – создадени од конкретните материјални околности. Навиките најчесто претставуваат некритичко, општествено прифатливо или наметнато репититивно однесување. Менувањето на навиките во суштина значи една револуционерна активност на умот, напуштање на конформитетот, согледување на несоодветноста од востановеното однесување, тоа значи свест за проблемот, антиципирање на последиците од продолжувањето на таквото постапување, како и потребата за соодветна радикална реакција. Тоа е првиот чекор на лично учество во потребната промена. Сепак тоа во никој случај не е доволно, можностите за развивање на похумано и егалитарно општество може да се развиваат само преку организирање на луѓето кои стекнале увид и увереност за неразумноста, опресијата и несоодветноста на одговорите коишто општеството ги продуцира (културата, оттука и навиките) во однос на проблемите со кои сме соочени. Најпосле, менувањето на навиките бара менување на околностите кои ги продуцираат, а тоа е можно само на општествено ниво.

Н. Ш. Конечно, како да се сонува за идното општество? Можеби ослободувањето од капитализмот нема да успее целосно да ги ослободи сите или секого. Како да се размислува за иднината?

П. Ч. Дали борбата (и насилна) против првичната опресија, којашто има за цел трансцедирање, а не нејзино репродуцирање, е нова опресија или пак негација на истата и општествено порамнување? Ослободувањето од класното општество би ги ослободило и угнетените и угнетувачите од дехуманизирачката состојба во која се наоѓаат.
Прашањето како да се мисли алтернативата е мошне комплексно, новосоздадените односи во корен ќе ги изменат општествените релациите, а праксисот на хуманизацијата не конечен туку е перманентен. Затоа е невозможно да знаеме со апсолутна сигурност како ќе изгледа иднината, но можеме да претпоставуваме. Новата реалност мора да се гледа низ призмата на укинување на профитот од економските односи, демократизација на сопственоста врз средствата за производство, рационализација на производството, општествен приоритет би биле развојот на науката и културата, соодветно задоволување на животните потреби на луѓето, одумирање на старите форми на поделба – на национализмот, сексизмот, хомофобијата итн. Ова се само некои од хипотезите или насоките кои би го трасирале новото општество, базирано на општочовечките вредности и идеали.

|2022-07-03T18:36:04+00:0028 април 2021|Актуелно, Гласни идеи, Култура, Свет|