Џелјан Велиу е млада комунистка и политичка активистка, родена во Битола, а сега живее и работи во Скопје и која се занимава со хуманитарни акции, борба за работничка правда, борба за заштита на животната средина, угнетените, сиромасите. Оваа есен, Социјалниот центар „Дуња“ наполни пет години опстојување во центарот на Скопје, пред неколку дена беше смртта – роденденот на народната хероина Невена Георгиева – Дуња, чиешто име денес го носи социјалниот центар, а до крајот на оваа пандемиска – вирусно-борбена година ќе организираат неколку настани за развој на градската социјална заедница на работничката класа.
Никола Шиндре: „Џелјан, оваа есен Социјалниот центар „Дуња“ прослави пет години опстојување во центарот на Скопје. Како е да се биде дел од одржувачите на едно такво зборно место?“
Џ. В Социјалниот центар „Дуња“ се формираше во 2016 година и во месец октомври го прославивме петттиот роденден. Убаво е да се биде дел од колективот на еден ваков центар. Тоа е така поради повеќе причини. Една од најосновните карактеристики е тоа што ние тука го живееме општеството за кое се бориме. Ги негуваме вредностите кои намерно се изоставени во капитализмот, како што се, рамноправноста (во С.Ц Дуња сите сме рамноправни како што треба да биде и во општеството за кое се бориме), солидарноста, другарството, взаемната помош и заедничарењето. Бидејќи ние тука сме солидарни едни со други, и не само едни кон други туку и кон надвор, кон оние кои не се дел од колективот. Потоа, другарството, ние внимаваме нашето однесување да биде максимално другарско, и алиенирано од негативни карактеристики, заедничарењето е исто многу важно, бидејќи создава колективна свест, затоа тука често готвиме заедно, хигиената во просторот ја одржуваме заедно, дури имало и акции за правење ајвар и слатко од различни овошки. Ние практикувајќи различни вредности од општествените успеваме веќе пет години да го одржуваме овој центар кој притоа функционира непрофито, односно на база на донации.
Е сега, секако има и потешкотии во функционирањето, особено во финансискиот дел, но успеваме да ги пребродиме со помошта на луѓето кои ја препознаваат искреноста во нашите цели и нѐ поддржуваат преку донации.
Н. Ш. Смртта на Невена Георгиева – Дуња е нејзин роденден! За жал или за среќа, еден од начините да се стане во историјата е тој – да се стане за слободата. Каква е историјата на Дуња и „Дуња“? Како ја раскажувате заедничката приказна?
Џ. В. Најверојатно потребата за слобода е онаа која те тера да станеш против угнетувачите. Во случајот на Невена Ѓоргиева Дуња тој факт е очигледен бидејќи таа се борела против фашизмот, од кој била и убиена на свиреп начин. Имено, Дуња била партизанка која на своја 16 годишна возраст се приклучила на партизанското движење, а во исто време таа е првата жена партизанка. Во текот на 1942 година била доста активна во првиот скопски партизански одред, а истата година бива убиена од полицискиот участок и контрачетите. За нејзиното убиство да биде поука за востанатиот народ, ѝ ја отсекле главата која ја ставиле на некој изолг во Велес, а телото ѝ го набиле на колец и така го шетале низ велешките села за да послучи како пример за тоа што може да ве снајде, ако се борите против угнетувачите.
Во денешницата иако угнетувањето не е толку свирепо, тоа сепак постои. И додека постои, ќе постојат и оние кои се борат против него. Имено, СЦ „Дуња“ го носи ова име токму во спомен Невена Георгиева Дуња, со стремеж да ја продолжи антифашистичката борба, како и борбата за подобро општество каде никој нема да биде угнетуван.
Н. Ш. Една зима таму спиеја бездомници, две зими таму се собира храна и трета зима како поскапува електричната енергија откако е отворен центарот. Како колективот на организацијата се справува со поскапувањата на електричната енергија и каква порака испраќате до работниците за солидаризација?
Како што кажав претходно, солидарноста е една од најважните вредности кои ги негуваме тука. Зимата 2016/2017 ние вратите ги отворивме за бездомните лица кои десеттина дена престојуваа во овие простории. Понатаму, често пати правиме хуманитарни акции преку кои им помагаме на луѓето кои се на работ на егзистенцијата.
Ние уште претходната година се приклучивме во организирањето на протестите против поскапувањето на електричната енергија кои траеја безмалку три месеци. Но, тие протести беа неуспешни, бидејќи електричната енергија се поскапи за 7.4%, а има и најави за повторно поскапување на истата. Познавајќи нѐ нас и нашата константност во борбата, ние сигурно дека нема да молчиме при ново поскапување, но тоа не е доволно, бидејќи промените доаѓаат кога земјоделците и работниците заедно излегуваат на улица и се борат за социјалните прашања. Имено, ова општество не се соочува само со поскапување на елекричната енергија, туку и со распаднат здравствен систем, со распаднато образование, криминал и корупција и сите останати негативности на кои можеме да помислиме.
Нашата порака до работниците е да се солидаризираат меѓу себе и да се борат за сопствените права, бидејќи промената нема да падне од небо, мора да се избориме за истата. А, методите за тоа се многубројни, тргнувајќи од протести сѐ до генерален штрајк.
Н. Ш. Денес започнува зимата – најладното годишно време на овој дел од Европа иако со климатската катастрофа зимите стануваат потопли. Како да се практикува зелено заедништво? Како е подобро да се одржува зеленилото?
Јас не сум компетентна да зборувам на оваа тема бидејќи моето знаење во однос на одржувањето на зеленилото не е големо. Но, сметам дека одржувањето на зеленилото спаѓа во сферата на системската грижа или негрижа. Секако, тука важна е свесноста на луѓето за одржување на животната средина, но свесноста во овој случај е од секундарно значење. Во однос на ова прашање во „Дуња“ се трудиме максимално да се грижиме за животната средина, така се грижиме за нашиот двор во кој има неколку дрва со различни овошки, исто така рециклираме пластика, хартија, стакло и електричен отпад. А во духот на зедничарењето и грижата за животните, тука заедно со уште двајца луѓе кои не се дел од колективот се грижиме и за мачињата кои живеат токму во нашиот двор. Ако како фотографија треба да се опшие „Дуња“, тогаш на таа фотографија би имало мачиња и луѓе кои под сенката на овошните дрва функционираат заедно.
Н. Ш. На 24 Декември во петок ќе има поетско читање во „Дуња“ по повод собирање на средства за купување храна на луѓето на кои им е најпотребна. Каква поезија ќе се чита на поетската вечер? Кој ќе може да се чуе?
Ќе се одржи хуманитарно читање на поезија. Изборот на поезија секако дека го оставаме на самите поети кои ќе читаат, но верувам дека голем дел од поезијата ќе биде социјално ангажирана. До овој момент, се читање се пријавени Андреј ал Асади, Исток Улчар, Марија Ангелова, Диме Данов, Зоран Василески и Мануела Златкова. Но, повикот е отворен и сѐ уште може да се пријавуваа и други лица кои се заинтересирани за оваа акција.
Н. Ш. На 24 Декември ќе имате хуманитарна акција за собирање средства за неопходна храна и топла облека за најнесигурните во ова општество. Како ги одржувате овие акции и што означуваат тие за вас, но и за тие кои ги добиваат средствата?
Џ. В. Веќе втора година организраме редовно хумантарни акции. Ги организираме обично во траење од два дена. Прво објавуваме повик за донации на социјалните мрежи со време и датум кога собираме донации. Тој ден тука доаѓаат луѓе кои донираат храна, облека, средства за хигиена, училишен прибро и парични средства. По завршување на акцијата ние правиме пакети со храна и им се јавуваме на онолку лица за колку што имаме пакети. Тоа е тешкиот дел всушност бидејќи немаме капацитет да собереме храна колку што има гладни луѓе, па мора ние самите да направиме класификација во однос на тоа на кого му е најпотребна нашата помош. Вториот ден веќе ги раздаваме направените пакети, на начин што луѓето доаѓаат тука, во „Дуња“ и ги подигнуваат пакетите со храна. Овие акции за нас претставуваат мали гестови на солидарност, преку кои се трудиме да помогнеме на најзагрозените категории, но нашата најбитна борба е борбата за општество каде нема да има потреба од вакви акции, односно општество во кое нема гладни луѓе.
Луѓето кои ги добиваат донациите се задоволни од нашата помош, но често се соочуваме со проблемот на недостаток на храна, за онолкав број на луѓе кои се во нужда. Исто така за нив изненадувачки беше моментот кога дознаа дека ние сето ова го правиме волонтерски бидејќи за жал во ова општество ништо не се прави бесплатно. На почетокот не ни веруваа, мислеа дека добиваме средства од некои фондаци и дека сме посредници меѓу фондациите и самите нив. Но, со тек на времето се зближивме со тие луѓе и успеаја да ја доловат суштината на нашите акции.
За крај, уште еднаш ги повикувам љубителите на поезијата, а воедно и хуманите луѓе, да ја поддржат нашата донаторска акција која ќе се одржи од 17 до 19 часот на 24 Декември овој петок и поетското читање коешто ќе започне во 20 часот, веднаш по хуманитарната акција. За поетското читање е предвидена влезница од 100 денари, а собраните средства ќе се употребат за новогодишни пакетчиња за децата од социјално загрозени семејства.