Дијалог со Ана Дишлиeска Митова по повод затворањето на 11. Филозофски филмски фестивал

Ана Дишлиеска Митова

Ана Дишлиeска Митова е дипломец на Институтот за филозофија и директор на Филозофскиот филмски фестивал. Таа е една од најзадолжените за целосното функционирање на единствениот филмски фестивал што на филозофски начин ја третира седмата и воедно најпотенцијалната уметност денес во нашата држава.

Никола Шиндре: „Да се биде директор на еден ваков фестивал е особено важна должност, но и слобода. Честопати е споменувано дека овој фестивал настанал од едно ливче со желба запишана на некој студент, но тоа можеби е само мит. Како растеше фестивалот и кои се најважните работи што според Вас ги има достигнато?“

Ана Дишлиeска Митова: „Ви благодарам на поканата за ова интервју во „Гласник“. Интересен е овој мит, јас лично прв пат го слушам, но убаво е кога има мит зад историјата – можеби има и малку вистина тука. Фестивалот настана пред единаесет години, во времето кога и самата бев студент на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Заедно со колешката Јасмина Поповска, сега професор на Институтот, отворивме мал, неформален простор за дружење на студентите по филозофија којшто низ годините прерасна во она што е Фестивалот денес. Во тоа време, чувствувавме потреба дека, покрај формалниот дел на студиите, ваков простор ни е насушно потребен и дека треба да го пробиеме „митот“ за филозофијата како апстрактна дисциплина. Заедно со уште неколку колеги на Институтот во тоа време бевме филмофили и, некако природно оваа врска помеѓу филмот и филозофијата, се наметна како еден понепосреден начин да се допрат оние универзални човечки прашања коишто подеднакво ги предзвикуваат и филозофите и режисерите. Гледајќи од денешна перспектива, токму ова е и она што го сметам за едно од најголемите достигнувања на Фестивалот. Ова трансдисциплинарно поврзување на двете области, токму во еден фестивал којшто е единствен по својот вид и обем во светот.“

Н. Ш. Во нашето општество филозофската мисла не зазема стратешка положба при креирањето на јавниот дискурс, односно мислење, а ниту пак во одлучувањето за одредени поважни општествени пресечни точки. Како да се пренесат филозофските расправи од просветните и културните установи во јавноста воопшто?

А. Д. М. Па, мислам дека ова е еден од начините. Филозофијата е родена на агората, и токму таму и припаѓа. Тоа е нејзин природен и вистински топос, местото каде што преку „дијалог“, основната алатка на филозофијата, може да сопоставуваме перспeктиви, размислувања, да мериме аргументи, да си ги збогатуваме светогледите и да си ги прошируваме хоризонтите (и личните, и колективните). Затоа овој Фестивал се обидува токму да покрене значајни хуманистички и општествени прашања, инспирирани од седмата уметност, и да покрене дијалог и критичка рефлексија со публиката заедно со гостите – професори, експерти и истражувачи со позадина од филозофијата, хуманистичките науки и филмот. Овие „вкрстувања“ и интерсекторски поврзувања: филозофијата и филмот, филозофијата и образованието (пример за ова е една интересна иницијатива којашто истовремено ја развиваме со Филозофскиот филмски фестивал и со Филозофското друштво на Македонија – Философијата со деца), филозофското советување итн., мислам дека се токму начинот којшто може да ја врати релевантноста на филозофијата и да ја претстави како „училиште на слободата“ како што ја нарече УНЕСКО, еден од главните поборници за изучување на филозофијата во светски рамки.

Н. Ш. Фестивалот е единствен филозофски фестивал од овој вид во нашата држава. Како да се работи на зачувување на приматот на добро сработен фестивал со прекрасна програма, а истовремено да се отстапува простор и за нови вакви или слични идеи за некои идни филозофски дискусии?

А. Д. М.  Филозофскиот филмски фестивал е единствен од овој тип во Македонија, во регионот, но и еден од ретките во светот коишто работат во областа на филм-философијата. Единствен и по неговиот фестивалски формат, со компетитивни програми и со бројни активности и за младата публика. Работењето на успешна реализација на еден ваков Фестивал секако не го исклучува отворањето на простор и за други слични иницијативи од доменот на филозофијата коишто ќе работат паралелно. Впрочем, покрај Филозофското друштво на Македонија во последниве години го посведочивме раѓањето на една нова, свежа иницијатива – „Аксиома“, токму поттикната од колеги филозофи коишто понудија доста интересни проекти во последниве неколку години. Во моментов се работи и на философијата (и фил(м)ософијата) со деца, и сето ова се проекти коишто отвораат различни простори за филозофска и уметничка експресија, но мислам дека простор секогаш има и за нови, автентични идеи коишто можеби ќе ја предизвикаат публиката со некаков поинаков концепт, или ќе отворат некаков нов простор за критичко и креативно промислување на стварноста и на човечката состојба.

Н. Ш. Освен Кинотеката во Република Македонија има можеби околу педесетина ако не и повеќе руинирани кино сали кои не го преживеале времепловот на транзицијата. Како фестивалот во иднина планира да ги отвора и овие прашања што ќе придонесат кон повеќебројна публика, но и повеќе заинтересирани вљубеници во филмот?

А. Д. М. Ова е прашања коешто е многу комплексно и коешто пред сè е во надлежност на одговорните институции. Ова е проблем со којшто се соочува целата културна јавност во Македонија, како организаторите, така и публиката. Фестивалот и Филозофското друштво на Македонија како негов организатор, се независна културна иницијатива и здружение на граѓани, коишто во нашите услови, се дел од целата оваа средина на ентузијасти (поинаку, тешко би имало култура во Македонија!) коишто работеа во услови на „култура на шкрги“, и не само поради пандемијата последнава година. Оваа година поради редуцираните финансии и пандемиските услови, ФФФ Караванот е одложен за 2022, но тоа е на пример една од иницијативите за враќањето на животот (скромно, но во рамките на нашите можност, еден мал придонес) во кино салите и во другите градови во земјата. Караванот пред пандемијата секогаш се одржуваше во Свети Николе, Штип (прекрасна кино сала којашто треба да биде разработена), Прилеп (исто така, една сала во еден од поголемите градови во Македонија којашто за жал тешко функционира годиниве), Битола и Охрид пред некоја година… На ова поле, она што ние како мали, независни културни инцијативи верувам можеме да го направиме е постојано, тврдоглаво, борејќи се за правото на култура, да ги подбуцнуваме со остенчето институциите да го направат своето.

Филозофски филмски фестивал

Н. Ш. Во „Атлантида“ (2019) во режија на Украинецот Валентин Васјанович најјасно се гледа дистописката визија на уметникот прикажана низ сиви нијанси на фотографијата и лаконското слово. Може ли денес одговорно да се тврди дека светлечките реклами само ја прикриваат дистопијата во која што живееме, наместо да отскријат нови предизвици за нас како колектив?

А. Д. М. Па, да… Живееме во ерата на сликите и на „фаст фуд“ индустријата (вклучително и филмската). Дистопијата не е некое идно место, во одредени сфери таа е тука, ако имаме очи да ја видиме. Но, истовремено верувам дека тука е и (можната) утопија, исто така доколку умееме да ги согледаме нејзините семиња коишто се наоѓаат во нас и во луѓето околу нас. Прашањето е тоа каде ќе го ставиме фокусот. И на кој начин ќе ја трансформираме сопствената перцепција, како ќе ја „припитомиме“ за да создаваме  слики на еден поубав свет, но и еден поубав свет за нас како индивидуи, и како општество.

Н. Ш. Во „Ева“ (2011) на Кике Маило, пак роботите се распаѓаа на прашањето „Што гледаш кога ќе ги затвориш очите?“ затоа што роботите не сонуваат. Човекот сонува и тоа третина од својот живот спие, а сепак на ова прашање многумина не сакааат да одговорат или се плашат да си го постават прашањето затоа што тоа сепак многу отскрива. Како и за што да сонуваме?

А. Д. М. Интересно прашање… Прашање на коешто секој еден од нас сметам дека треба лично да одговори. Самата можност за сонување, самата способност на тоа да се замисли или да се допре до „некој друг свет“ е веројатно една од оние одлики на тоа да се биде човек, и веројатно една од најубавите. (Треба да) сонуваме и индивидуално, (треба да) сонуваме и колективно. Сонуваме и со филозофијата за „можните светови“, но сонуваме и со режисерите (уметниците), заедно пред Големото платно, честопати за еден поубав, подобар, повистинит свет. Искрено се надевам дека немаме заборавено да сонуваме за еден ваков свет, секој со својата идиосинкразија, но и сите заедно, како човештво…

Н. Ш. За крај, цената на влезниците од 50 и 100 денари е многу симболична, но зарем единствениот Филозофски филмски фестивал не би требало и буквално сосема да ги отвори вратите за своите посетители или пак има други бариери што треба да се совладаат за да може тој што сака филозофија слободно да влезе во аулата или фојаето на Кинотеката идната година?

А. Д. М. Фестивалот оваа година ја понуди целата Ретроспектива Тарковски бесплатно за својата публика – и краткометражните филмови на рускиот корифеј (во рамките на Главната програма на ФФФ), но и сите седум долгометражни филмови, и во Скопје и во Свети Николе. Покрај ова, Официјалната селекција на краткометражни филмови со двете вечери на кратки филмови исто така беше со слободен влез, а како секоја година и Едукативната програма. Независните културни иницијативи се кревки „институции“ коишто за жал честопати зависат од милоста на националните и локалните културни институции и се во постојан предизвик да се борат за овие „островчиња“ на културата (коишто за среќа ги имаме доволно во Македонија, и многу прекрасни организатори и културни работници – кои иако честопати заборавани од институциите, упорно работат во културата). Но за да опстојат фестивалите, овие мали, симболични влезници за дел од програмата се неопходни. Се надеваме дека Фестивалот беше достапен за публиката, како и дека нудењето на бесплатни карти за студентите од Институтот за филозофија, ФДУ и Универзитетот „Еуропа Прима“ исто така е во прилог на проширување на овој простор и допуштање секому право на култура, право на седмата уметност и филозофијата.

 

|2022-07-03T18:35:42+00:0028 јуни 2021|Актуелно, Гласни идеи, Култура, Свет|