Дијалог со Петар Андоновски по повод Светскиот ден на книгата

23 април е Светски ден на книгата, а по тој повод се одлучивме да поразговараме со Петар Андоновски, млад македонски писател, добитник на наградата на Утрински весник „Роман на годината“ во 2015 година за романот „Телото во кое треба да се живее“. Дебитирал со романот „Очи со боја на чевли“, а „Страв од варвари“ треба да го има прочитано секој, едноставно и тој роман влегува во задолжителна современа македонска лектира. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а работи во издавачката куќа „Полица“.

Никола Шиндре: Книгата денес има друго значење позади себеси. Она што зборот „книга“ го означуваше во минатото е стеснето за денешното поимање на книгата и тоа не само во материјална смисла, во однос на тоа дека денеска книга може да се купи и поседува и во компјутер, таблет итн., но и дека книгата суштински се има променето. Новите форми на израз, новиот современ јазик придонеле да се менува значењето на книгата. Какво значење има денеска книгата и какво треба да има во иднина?

Петар Андконовски: Книгате не се загрозен вид, напротив, никогаш подостапни не биле. Но, и никогаш по обезвреднети не биле. Книгите целосно го изгубија своето значење, се сведоа на забава за на плажа. Книжевноста се претвори во естрада. Квалитетот повеќе не ни е референца, туку распродадените тиражи и награди. Социјалните мрежи се преплавени со книги, а во реалноста се помалку читатели имаме. Дури и повеќе школи за креативно пишување има отколку луѓе со талент за пишување.

Во иднина треба да се воспостават построги критериуми за тоа што треба да се објавува, да ја вратиме книжевната критика, ама онаа вистинската, не критиката на хвалоспеви, само така ќе читаме квалитетни книги и ќе им го вратиме достоинството на писателите и книжевноста.

Н.Ш. Грижата за книгата не смее да падне само врз писателите, поетите, книжевниците, таа треба да биде зачувана и во библиотеките за секој да ја има можноста да се заљуби во книгата, читањето, па да стане и верен читател, книжевник, автор… Какво е вашето мислење во однос на системската негрижа за нашето книжевно културно наследство, па и за културата на читањето воопшто?

П.А. Негрижата за културата и културното наследство е само резултат на тоа што имаме погрешни луѓе на погрешни места. Доктори и инженери за министри на култура,  партиски лепачи на плакати за раководители на културни институции. Така некако е и со книжевноста. Дипломирани студенти на книжевност работат по кол – центри, а по библиотеки луѓе кои никогаш не прочитале книга. Вредностите целосно ни се изместени. Но што се однесува до културата на читањето, од моето десет годишно искуство во продажба на книги, а имајќи предвид дека ние немаме некоја долга книжевна традиција, можам да кажам дека се чита. Особено ме радува што сè повеќе родители доаѓаат во книжарници со деца за да купуваат книги. Така се создава култура на читање. Но за жал така е само во Скопје. Во другите градови освен во библиотека луѓето немаат друг начин да дојдат до книги. Куманово, кој е втор по големина град по број на жители, нема ниту една книжарница. Локалните власти треба на издавачите да им дадат простор, да направат книжарници каде ќе се продаваат книги, каде ќе се организираат промоции и читања, и на тој начин книгите ќе станат подостапни за сите, а и ќе се подобри културата која во помалите места или не постои или е на апарати за дишење.

Н.Ш. Македонскиот роман започнува да се развива по Втората светска војна. Тоа е краток период до денес за да може да се каже дека имаме богата книжевна историја, но може да се каже дека во тој краток период сме имале „плодни“ дни за пишување, печатење и читање на македонскиот роман. Како се развива денес македонскиот роман?

П.А. Иако првиот македонски роман е објавен пред само 68 години, слободно можам да кажам дека по ништо не заостанува зад многу поразвиени книжевности. Во последните десет години овој жанр го достигна својот врв. Не затоа што тогаш се појави мојата генерација, но во последните десет години како уште повеќе да се популаризираше овој жанр, а мојата генерација само ја внесе потребната свежина.

Н.Ш. Македонските писателите пишувајќи на македонски јазик можат да допрат само до македонските читатели затоа што само Македонците го разбираат и читаат македонскиот јазик. Како е да се твори на јазик кој е медиум само во рамките на еден етникум?

П.А. Тоа што пишувам на јазик кој нема голем број на говорители воопшто не ми создава чувство на клаустрофобичност. Напротив, на македонскиот јазик гледам како на предизвик.

Н.Ш. Не се секаде еднакви можностите за развој на писателот, книжевникот, теоретичарот, библиотекарот, издавачот, јасно е дека оваа привилегија на негување на зборот најмногу им припаѓа на луѓето кои ги говорат доминантните јазици во светот. Какви се овде можностите човек да се занимава со книжевноста?

П.А. Во Македонија пишувањето не е професија, никој не може да живее од книжевноста, пишувањето се сведува на хоби. Пишувате само тогаш кога ќе имате слободно време или ако заминете на некоја писателска резиденција. За жал тоа се одразува и на квалитетот. Книжевноста за македонските писатели е луксуз. Писателите целосно се оставени сами на сабе. Средствата што ги добивате од Министерство за култура се ужасно понижувачки и без никаков критериум. Од друга страна имаме бескорисно Друштво на писатели, кое наместо да се грижи за правата на писателите и да биде еден вид синдикат кој ќе се залага за поголеми хонорари, за поголема видливост на авторите надвор од Македонија, тие се занимаваат со безначајни манифестации и трибини.

Н.Ш. Пандемијата трае, знаеме дека ќе заврши. Нема да го дискутираме исходот. Како пандемиите влијаеле врз уметноста, книжевноста, човештвото? Како ќе влијае оваа сега? Кој е вашиот сон за иднината?

П.А. Првин се надевам дека од ова ќе се извлечеме што побргу и со што помалку човечки жртви. А дека единствено ,,придобивка“ од ова ќе има уметноста/книжевноста. Во иднина очекувам дека ќе бидеме почовечни од што сме сега и дека најпосле ќе го смениме нашиот однос кон природата и животните.

Н.Ш. Деновиве секаде се поставуваат прашања за што да се чита, но таквите предлози колку со добра намера, толку се и лоши. Сакам да ни кажете како читателот треба да ја избира својата литература, а особено во период кога е обврзан, му се препорачува или едноставно се наоѓа дом?

П.А. Во вакви времиња нема некоја ,,посебна“ литература што треба да ја читате. Она што сте сакале да го читате и пред изолацијата читајте го и сега. И секако, не заборавајте да читате македонски автори.

|2020-04-23T09:30:20+00:0023 април 2020|Актуелно, Култура, Свет|