9 мај е Ден на победата над фашизмот, тоа е денот кога е потпишана безусловната капитулација на Третиот Рајх и со тоа е ставен крај на воените сили на фашистите ширум Европа. На овој ден Берлин е ослободен од Црвената Армија и со тоа се раѓа нова надеж за целото светско население. Безусловната капитулација била потпишана кратко по полноќ, па ја зедовме слободата овој разговор да оди ден порано, односно денес на 8 Мај. 75 години по ослободувањето од нацистичкиот режим во Германија и Австрија и завршувањето на Втората светска војна, повторно сме на предизвик, овојпат нејасна воена состојба против непознат непријател – корона-вирусот. Борјан Менкиноски е млад магистрант на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, а со него ќе поразговараме за изградбата на нашата држава по Големата војна, како и изградбата што треба поскоро да дојде.
Никола Шиндре: Борјан, нашата држава има големи културни знаменитости, археолошки локалитети, аквадукт, неколку позначајни тврдини, градби од минатото особено верски објекти, но и прекрасни бруталистички градби од постземјотресно Скопје, но поважно од социјалистичкиот период на Македонија. Што мислите во однос на историјата на урбанизмот во нашата држава?
Урбанизмот онаков каков што го познаваме, почнува да се манифестира во првата половина на 20тиот век, и тоа најзначајните примери за урбанистички планови се токму за Скопје. Меѓу најпознатите планови се бројуваат оние на Леко, на Михајловиќ, на Кубеш па нели и најпознатиот – оној на Танге. Меѓутоа битно е да се напомене дека тие се само мал дел од сите планови кои биле направени за Скопје во текот на целиот 20ти век, така што урбанистичкото планирање во Скопје не е новина, туку е практика која е движечка оска на развојот на градот низ годините за да денеска изгледа онака како што изгледа и да функционира онака како што функционира. По катастрофалниот земјотрес во 1963тата година, градот навистина станува едно поле на кое најголемите светски имиња во сферите на архитектурата и урбанизмот ќе ги тестираат своите прогресивни идеи, поле на кое првпат ќе се сретнат поларизираните светски сили по поразот на фашизмот. Контрастите на култури и идеи кои во тоа време се среќаваат на овие простори ќе произведат образец врз кој локалните урбанисти и архитекти ќе творат низ текот на наредните декади. Скопје станува град кој според некои е и “премодерен за своето време”, но само онолку долго колку што има колективна желба и колективен залог да се реизгради градот и да се тргне по патеката на прогресот. Меѓутоа со распадот на СФРЈ и приватизацијата на производството и институциите, вредноста на колективното добро опаѓа. Наспроти некогашните заложби за јавни површини за колективно користење, новото општество бара повеќе корисен простор за креирање капитал. Државата наместо да функционира како инструмент за спроведување на колективната воља, таа во даден момент во транзицијата се става во улога на бизнис посредник помеѓу јавните простори како производ кој таа го нуди и приватниот капитал како купувач на она што не е замислено да биде приватно добро. Таквото недомаќинско однесување кон јавните простори и нивното продавање на највисокиот понудувач доведе до ситуација каде урбанистичките планови вредат малку, па во еден момент и самите стануваат предмет на измена по нарачка, резултирајќи со циркузот кој го нарекуваме Центар на Скопје.
Н.Ш. Овде планирањето на просторот како и да не постои. Ние имаме многу неергономични простори, немаме зеленило, немаме велосипедски патеки, празни тротоари. Впрочем, сосема исчезна празниот простор од градот. Како треба да се справуваме со сето ова?
Нам само ни се потребни добри легислативи и активно спроведување на истите. Матрицата врз која е граден градот предвидува во својата морфологија и паркови, и јавни површини и тротоари, кои и сами ги памтиме, и за кои имаме и записи да ги погледнеме. Но неодржливото урбанистичко развивање на градот во изминатите три декади оди во правец на тоа да неизграденото земјиште биде гледано само како градежна површина за стопанисување, креирајќи при тоа една реалност во која интересот на капиталот комплетно ја има проголтано идејата за колективното добро. На тој начин голем дел од градските јавни простори кои претходно беа во служба на јавниот интерес, денеска се узурпирани, креирајќи една нездрава животна средина како основ за понатамошен развој на градот и општеството. Со намалување на капацитетот на јавните простори, се намалува и сврзното ткиво односно кохезијата помеѓу тие простори и колективот – корисниците на тие простори. Како резултат на тој нарушен баланс се јавува феноменот на целосно губење на вредноста на тој јавен простор. Јавниот дијалог – односно консултирањето на засегнатите граѓани и стручната фела кога се разработуваат планови од јавен интерес е императив во процесот на одржливо развивање на урбаната средина и враќање на вредноста на колективното добро.
Н.Ш. Во однос на планирањето на заедничките јавни простори – училиштата, амбулантите, универзитетите и болниците сосема заостануваме од нашите соседи, Европа… Што треба да бараме за целосно да го реобмислиме просторот по мерка на човекот, ученикот, пациентот, инвалидот, жената со дете? Како треба да се планира заедничкото за да ни служи и при личното користење на тој простор?
Ние заостануваме во почитување на законски регулативи и во чувство за одговорност кон заедничките добра, но не би рекол дека заостануваме во планирањето. Кај нас има егземпларни примери на објекти од јавен интерес, особено во сферите на образованието и здравството, како на пример кампусот на УКИМ, градската библиотека “Браќа Миладиновци”; гимназиите Орце Николов, Ј.Б. Тито, Никола Карев, основното училиште Ј.Х. Песталоци; Градската болница 8-ми септември (Воена болница). Но сите овие примери се како оази во една навидум хаотична ситуација во главниот град. Проблемот се јавува во сврзното ткиво помеѓу нив, односно јавниот простор и инфраструктурата. Јавното добро треба да се планира како би било ергономско, удобно и привлечно за користење. Во превод – јавните простори треба да комуницираат со корисникот, да бидат негова водилка при движење низ градот. Тоа значи дека тие треба да бидат човекомерни, односно да створат чувство на удобност кај корисникот. Спомениците, објектите покрај самото корито на реката Вардар, објектите на сред улица како споменикот на Мајка Тереза, заедно со просторот кој го креираат меѓу себе се пример за непривлечна и неергономична на изградената околина. Тој простор не ве води низ процесот на искусување на градот, туку напротив, претставува апсурден лавиринт помеѓу објекти чија што намена не ја оправдува нивната појавност и постоење. Заради сите овие работи е екстремно битно да се врати влијанието на јавниот дијалог како носечки столб во процесот на одлучување и планирање. Да се вратат високите критериуми за квалитетна животна средина и квлаитетна изградена околина, кои ќе бидат основа за било каков план или градежен зафат. Само во општества во кои се почитува стручната професионалност и експертиза на професиите, без разлика дали е тоа во сферата на урбанизмот или архитектурата или било која друга сфера, можеме да работиме на креирање на здрава околина и чувство на припадност и привлечност кон јавните простори кај самата јавност која ја чинат токму корисниците на тие простори.
Н.Ш. Домовите на повеќето работници во државата се скромни, тоа се тесни станови со една или максимум две спални соби, несоодветна вентилација, осветлување… Се разбира, никогаш не може да се создаде идеално домаќинство за секоја фамилија, но која е одговорноста на оние кои градат? Како да се создадат услови за пристоен дом за секој човек?
Социјализмот во поглед на стандарди за домување го фрла во длабока сенка модерното неолиберално општество. Се пониските стандарди (ако воопшто постојат) во процесот на проектирање на објекти од областа на домување се сведуваат најчесто на локацијата во рамки на градот, па така купувачите прават голем компромис во однос на квалитетот на самиот дом. Немањето на одржлив и брз јавен транспот ги демотивира граѓаните и работниците да живеат подалеку од работните места во удобноста на поголем дом и подалеку од градската бучава – односно ги обврзува да бараат живеалиште во централното градско подрачје кое беше предмет на најголемата градежна експанзија. Тука се јавува проблемот на одговорноста на оние кои што градат – дали воопшто има некакво чувство за одговорност? Под притисок на неолибералната реалност и потребата од овозможување услови за лична егзистенција, се почесто стануваме сведоци на ситуации каде одговорноста на архитектот прави компромис со капиталот на инвеститорот. Тој компромис секогаш, без исклучок, паѓа на грбот на употребната вредност на домот и корисниците на истиот. За да се спречи тоа да се случува во иднина, мора да се втемелат одново стандардите за пристоен дом, и тие да бидат непоколеблива константа во процесот на проектирање. Не смееме да дозволиме и понатаму да правиме компромиси со капиталот, бидејќи квалитетот на животот на луѓето е во директна линија со квалитетот на домот во кој живеат.
Н.Ш. По отпочнување на неолибералниот капитализам во Македонија, не само структурните и инфраструктурните проблеми, се јавија и проблеми со вкусот. Убавата јасна исцртана архитектонска линија, разграничена од природата, а сепак овоплотена во духот на единството на тие две противречности не успеа да опстои. Имаме страшни глетки на кич и вулгаризација на просторот. Како да се промени тоа?
Еден од основните елементи на јавниот интерес при урбанистичко планирање е и квалитетот на општото добро, односно привлечност кон користење на јавниот простор. Од случајот на центарот на градот во проектот Скопје 2014 кој е вулгаризиран до степен на губење на идентитет, ние мораме да научиме битна лекција – архитектурата историски се јавила многупати во улога на медиум за гласни политички или општествени идеи, како на пример модерната која произлезе од потребата за градење на хумани социјални градови градени на премисата на социјалнто домување; но она што мораме да го научиме и никогаш не смееме да го дозволиме е да се остави таа да биде лична интерпретација на политички идеи во рацете на политичарите. Како да се промени тоа што веќе се случи? Да бидеме нескромни и да даваме храбри идеи. Визијата за модернистичко Скопје се базира врз најхрабрите идеи на светската архитектонска сцена на 20тиот век. Зошто да не покажеме дека имаме капацитет да повторно бидеме храбри, и да кажеме дека овој пат ќе го креираме градот кој ќе биде дом за сите, а не само за некои?
Н.Ш. Успешни се оние општества и системи кои немаат јасна граница помеѓу јавното и приватното, но имаат повеќе можности дел од приватното да го остварат преку јавното, а за дел од јавното да се грижат како да е приватно. Како се решаваат овие проблеми низ мислата и идејата на архитектот?
Одржливиот развој на градовите подразбира дека ниедно општество не останува стерилно во една фаза, туку експоненцијално се развива, а заедно со него и потребата за адаптација или изградба на нови градежни капацитети. За таа цел, архитектот е потребно да има визија за развојот на непосредната, па и на пошироката околина околу просторот на кој проектира. Да го предвиди развојот на бројот на населението, паралелно со тоа бројот на превозни средства и инфраструктурните капацитети. Да ги разбира навиките на населението, да ги задоволи сегашните а предвиди идните нивни потреби, да овозможи максимален квалитет на животна средина преку имплементација на зеленило и одржливи и обновливи извори во своите проекти. А низ директно изведливи примери – да ги реимплементира полуприватните простори кои претставуваат преод од јавното кон приватното, а се јавуваат во вид на тремови, перистили, преддворја итн. Тоа се хумани простори кои го ја ублажуваат транзицијата од јавното кон приватното. Да ги врати во употреба кровните тераси кои беа еден од најрепрезентативните модернистички елементи на објектите од областа на домување изградени во минатиот век. Архитектот треба да учи од минатото, да работи во сегашноста, и да размислува за иднината.
Н.Ш. За да се стигне до најдоброто, треба да се почни од најмалото. Која е вашата визија за најдобар град и што треба да сториме веднаш за да може да го создадеме?
Мојата визија за најдобар град е да се издигнеме на ниво на епитетот кој ни беше даден во 1963 – “Град на солидарноста”, но овој пат солидарноста да биде меѓу нас. Граѓаните на овој град, населението на оваа држава. Меѓу корисниците на овие јавни површини. Тековната пандемија јасно и гласно ни укажува на фактот дека ова глобално општество полека ќе се регионализира, па затоа ајде да ја искористиме ситуацијата и да се свртиме назад и погледнеме малку во својот двор, односно кон својот град. А што треба да направиме откако ќе погледнеме? Треба сите веднаш да се вклучиме кон креирање на нашата непосредна околина, да се вклучиме во нејзиното планирање, и најбитно – во нејзиното одржување. Да бидеме извор на нови визии и предлози за подобрување и унапредување на изградената средина. Да се однесуваме кон јавното со еднакво внимание како што се однесуваме кон приватното. Да дадеме поддршка на добрите идеи, и да ги критикуваме лошите. Да застанеме заедно на страната на колективниот прогрес!
Во прилог ви претставуваме уште неколку фотографии од некои од архитектонските ремек дела во Скопје, а по избор на Борјан Менкиноски.