Десет причини зошто НЕ Сител!

 

 
 Рекламирањето во Сител носи неколку проблеми со себе

1.Не може да се рекламираш во Сител, доколку истата телевизија била едно од причините за дисемнирање на најгадниот вид на пропаганда. Исттиот метод на пропаганда којшто те толчел како најситен прдеж, ти го усвојуваш и за истиот велиш дека е во интерес на граѓаните.

2.Начинот на којшто се врамуваат вестите, информациите и пристапот до јавноста е начин за којшто ние пелтечевме со години (особено јас- Ха!), дека овој начин нашето општество го уназадува и истото го носи до обрасци на конзервативни вредносни и општествени устројства. Гледачот го пасивизира до тој степен, од истиот прави суштество еднакво на камен, дрво или некој друг предмет. Ги одржува во живот митовите доминантни во општеството и создава/одржува хегемонија којашто не им одговара на сите граѓани, туку само на дел од граѓаните.

3.Пазарните аргументи се неиздржливи и на истите не мислам ниту „мрсул да им залепам, а камоли да им сопоставам контра аргументи“, но можам да кажам дека јас и моите познаници и другари се боревме/бориме за општество, коешто во креирањето на културните и општествени политики, пред се’ Економските (со големо Е), ќе изостанува пазарната логика. Затоа што, таа пазарна логика ги повлекуваше сите горенаведени импликации, коишто не срозуваа со години, и еве се’ уште продолжуваат со исто темпо.

4.Правните перспективи се уште позначајни. Правно таа телевизија се соочува со сомнежи/обвиненија потегнати од страна на СЈО, за кои ќе треба да одговараат на суд одговорните уредници. Пред да помине низ правните цедилки, услугите на таа телевизија се спорни и проблематични, поради некои од причините кои ги спомнав погоре. Аргументот дека „им плативме за да имаме рамноправен однос со медиумите“ е исто депласиран и плиток, затоа што не можеме оваа телевизиска куќа, која била симболот на една општествена и културна дегенерација да ги порамниме со останатите медиуми, особено не со оние кои на свој грб го доживеаја бичот на власта од отпорот поттикнат поради автономија.

5.Аргументот дека, ова е начин да се допре до оние „со испраните умови“, е исто така проблематичен од неколку аспекти. Се поставува прашањето: дали со истите методи со кои претходната власт манипулираше со граѓаните, може да се изврши еманципација на истите тие граѓани.. Друго, доста е арогантна приказната дека само на овој начин може да се слушне еманципациската реторика и дека само овие носители на промените (СДСМ) знаат како до еманципација. Да не се чудиме на крај кога (можеби), ќе испадне дека, целта било да се усвојат средствата за „производство“ само, а не и промената на односите на производство – малку со марксистички метафори. Затоа е проблематично да ги купуваш овие медиуми.

6.Парите потрошени во Сител, сигурно не ја донеле победата на изборите. Факт е дека, предизборните кампањи во Македонија за себе врзуваат многу пари и средства, коишто на крај одат јабана – демек да се прошири гласот. Тука влегуваат и големиот дел на билборди, големи и скапи митинзи, материјали коишто ретко кој ги чита, на крај сеприсутноста е на некој начин егзекуција на моќ. Да се каже дека ние сме моќниот. Ова е уште една перспектива за промена на условите како да играме. Затоа што, на крај има политички партии, коишто не можат да го иследат моделот на „Плати па клати“, со тоа либералниот демократски модел запаѓа во своевидна криза. Криза, којашто „демократските“ „„перјаници““ во Македонија никако да ја забележат како парадокс.

7.Сител телевизија и нејзините сопственици, се заштитници на крупниот капитал, односно на пазарната капиталистичка логика. Таа логика беше сеприсутна во времето на ВМРО ДПМНЕ. Оттаму, таа логика бескрупулозно корумпираше голем дел од системот, со една силна брутализација на економска реприватизација на се’ што остана не приватизирано. Преку нејзините хегемонски пипци, идеологијата на слободниот пазар ја одржуваше како единствена и непроменлива. Од друга страна, претседателот на СДСМ и премиер на Македонија, неколку пати неделно по јавните гласила не’ потсетува дека е голем левичар. Значи идејата за приватизации и слободен пазар треба да му е туѓа.

8.Сител со својата пропаганда и конзервативна манипулација, низ годините често удираше и кон најслабите. Во 2012 година објавија наслов на прилог во дневник наречен: „Со кампања хомосексуалците бараат истополови бракови“. Често главниот уредник на таа партија, од позиција на уредник се исмејуваше со оваа група на граѓани. Оттогаш е променета  само власта, а главниот и одговорен уредник е се’ уште во функција во таа телевизија. Со тоа, хомофобијата во оваа општество стана многу доминантна, а како вредност сообразуваше со вредностите промовирани од претходната власт. Оваа перспектива не верувам дека ќе се промени во блиска иднина.

9.Сител телевизија беше негативно наклонета и кон Албанците. Особено нивниот уредник, кој како што кажав погоре се’ уште не е променет. Албанофобијата е еден чекор кон поттикнување или зголемување на национализмот и шовинизмот во државава. Не велам дека доаѓа оттаму, многу често иницијатори на национализмот била власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Вториве се денес глатко рехабилитирани.

10.На крај, сите ние, кои на некаков начин се организиравме и боревме изминативе години, очекуваме промена во однос на третманот на медиумите од страна на власта и нивниот кон власта. Особено во политичките собитија. Сакаме различен пристап кон политиката, а не турбо-фолк политиканство. Сакаме промени во однос на комуникацијата со јавноста. Знаеме ние дека во либералната демократија медиумите се цврсто врзани со политиката, и најчесто едни со други се заемно условени за поширока коегзистенција. Меѓутоа, не сакаме да живееме во општество во коешто власта ќе ја уредува политиката на медиумите. Особено не со конзервативни и реакционерни содржини, кои ќе ја прицврстат нормалноста на присутното и сегашното. Постои сериозна опасност од продолжување на користење на услугите на „куртон“ медиумите, преку кои минатата власт „решето“ го направи секој чекор за економско, социјално и културно, а пред се’ политичко ослободување.

Затоа, не Сител!
|2017-11-01T12:47:25+00:001 ноември 2017|Актуелно, Став|