Група на граѓани, поттикнати од случајот со насилството врз студентот Сирхан Усеин од страна на контролори на ЈСП, организираат мирен протест пред просториите на претпријатието.
ЈСП е јавно претпријатие кое долго време се соочува со проблеми на лошо управување, неодговорно работење, дискриминација на корисниците на услуги, а во последно време сѐ почесто и насилство.
Ваквата состојба во ЈСП колуминираше со насилството и дискриминаторскиот однос на вработени во претпријатието (контролори) врз студентот Сирхан Усеин, кој при користење на услугите на ЈСП минатата недела (09.02) беше навредуван и физички нападнат од страна на контролорите.
На протестот ќе се бара стопирање на насилството, дискриминацијата, сексистичките испади на контролорите и генерално стопирање на омразата кон различните луѓе. Уште позначајно, овој протест го изнесува барањето за инклузивност на сите групи во нашата заедница, особено на ромската популација, при вработувањето во претпријатието.
Ви го пренесуваме целиот текст што стои во описот на настанот:
„Денот 9.2.2020 веројатно на повеќето луѓе не им претставува ништо, но на студентот Сирхан Усеин веројатно ќе му остане долго во сеќавање, за жал, по непријатната случка со којашто се соочи. Поради технички проблем на автобуската линија 53, сите патници биле принудени на напуштање на автобусот и преминување во друг автобус со истиот број. При влегувањето во автобусот најпрвин беше турнат и навреден од страна на друг патник, а хоророт допрва започна кога контролорите на автобусите директно се упатија кон него и му побараа билет, а откако утврдија дека има годишен билет како студент започнаа со физичко насилство и вербални навреди.
„Јас сум главен тука, како сакам ќе направам“, „Имаш ли јадено ќотек некогаш ти?“ , „Знаеш ли кои сме ние“, беа само дел од навредите пред студентот Сирхан насилно да биде исфрлен од автобусот.
Позитивниот, успешниот млад студент Ром каков што сите го познаваме, се почувствува ПОНИЖЕН, ДИСКРИМИНИРАН, ОМАЛОВАЖЕН и НАВРЕДЕН.
Уште колку студенти, студентки, млади, стари, возрасни и останати се почувствуваа загрозени, понижени и омаловажени поради насилното однесување на контролорите на ЈСП?
Доста е веќе дискриминација, доста е од силеџии, доста е од сексуални навреди и напади, доста живееме ограничено. Институциите секогаш се оградуваат од дискриминацијата и дека тоа кај нив не постои, а сведоштвата на граѓаните сепак не велат така и тие секојдневно живеат во страв.
Доста е! Придружете ни се на овој протест, денес СИРХАН е жртва, утре ќе бидеш ти ако не се бориме денес. Ајде да му покажеме на ЈСП дека за омразата и стравот нема повеќе место во оваа држава.
Преку овој протест:
1. Бараме отпуштање на двајцата контролори кои го нападнаа на Сирхан Усеин
2. Зголемена внатрешна контрола кој ќе го регулира
3. Бараме вработувања на Роми контролори“