Дијалог со Борјан Ефтимов по повод Југословенскиот ден на младоста
Во СФР Југославија праксата била на 25 мај – роденденот на Јосип Броз – Тито да се организираат смотри, штафети, а пионерите ширум Федерацијата го прославуваат крајот на училишната година, матурантите полнолетството, студентите иднината. Се разбира неодговорно е да се воспева минатото, а да не се мисли на иднината. Точно затоа дискутиравме со Борјан Ефтимов, магистрант на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е првиот легитимен претседател на студентите во рамки на студентските организации на академијата, а во ова интервју ќе се осврни на она што младите сакаат.
Никола Шиндре: „Вие сте студентски претседател на најстариот и најголемиот универзитет во државата, тоа сигурно е тежок товар и одговорност кои треба да се понесат, а особено кога условите за домување на студентите од внатрешноста во Скопје се ужасни, немаат доволно капацитет, студентскиот стандард е низок, а исто и примањата на родителите на студентите. Како треба да се решаваат овие проблеми?“
Борјан Ефтимов: „Студентското домување, студентскиот стандард, студентските проблеми се јавни проблеми и како такви треба да се решаваат со интервенции од страна на државата. Образованието е од јавен интерес, а за да имаме квалитетно образование мораме да имаме и висок студентски стандард. За да може еден студент да се посвети на своето образование преку кое утре ќе може да даде придонес за подобро општество, мора да има висок, или барем пристоен животен стандард. Доколку државата реши да троши повеќе на студентите тоа не се трошоци, туку инвестиции во својата иднина кои десеткратно ќе се вратат назад за целата заедница. Потребни се големи инвестиции во студентските домови како би се обезбедиле услови за живот кои не го загрозуваат човековото достоинство. Потребни се големи инвестиции во студентскиот стандард, особено за зголемување на социјалните стипендии кои изнесуваат смешни 50 евра на месечно ниво. Потребни се средства за културна еманципација на студентите, бидејќи за една индивидуа да се изгради целосно, потребно е да може да си дозволи да посети и музеј, театар, изложба или концерт.
Во моментов државата не издвојува доволно финансиски средства за студентите и нивниот животен стандард. Потребно е да ги редефинираме нашите приоритети како општество и да разбереме дека образовниот и културниот развој на нашите млади е неопходен доколку сакаме подобар живот и општество. Улогата на студентското претставничко тело е токму тука, силно да притисне и да ги принуди властите да ги сменат своите приоритети. Студентското претставничко тело треба да биде мобилизаторска сила меѓу студентите. Субјект преку кој студентите ќе се организираат и ќе дејствуваат за заштита на своите интереси и права.“
Н. Ш. Донесени беа мерки за заштита на населението од заразни болести, полициски час, прекин на наставата. Нашите универзитети заостануваат во однос на дигитализацијата, библиотечните фондови, праксата на учење на далечина, подготвеноста за брз одговор во услови на криза. Како ќе се одрази сето ова на студентите?
Б. Е. Кризата само дополнително ги обелодени недостатоците со кои се соочува македонскиот образовен систем веќе долго време, но одбивавме да ги видиме или да превземеме нешто за нивно надминување. Нашите универзитети заостануваат во секое поле, не позади европскиот, туку позади балканскиот просек, а ние, како општество, иако свесни за реалноста, одбиваме да превземеме било што за тоа да се промени.
Големите недостатоци на нашиот образовен систем негативно се одразуваат на студентите во време на криза, но и надвор од неа. Проблемите се најразлични, од проблеми со административните обврски на студентите, па се до недостаток на онлајн литература и одржливи системи за далечинско учење. Во следниот период до почетокот на зимскиот семестар, академската заедница мора забрзано да работи на надминување на овие проблеми, почнувајќи од дигитализација на бирократијата (единствен онлајн индекс, онлајн потврди, уверенија и други документи, онлајн уплати и пријави за семестар и сл.), а продолжувајќи со приспособување на програмите за учење од далечина и подготовка на соодветен систем за онлајн споделување на материјалите и литературата потребни за наставата.
Универзитетот и факултетите мора спремни да го дочекаат зимскиот семестар, како би ги минимизирале последиците за студентите. Сега се справивме доволно добро согласно околностите и беше извлечен максимумот, меѓутоа никако не треба да бидеме задоволни со импровизации. Потребен е сериозен одговор и квантен скок напред, за да можеме да кажеме дека Универзитетот и факултетите превземале се што е во нивна моќ за да ги минимизираат последиците од кризата.
Н. Ш. Високото образование и науката се двете страни на една паричка. Неминовно за да сме во тек со светските научни дострели и видици ние мора нужно да вложиме барем десетина пати повеќе финансиски средства во научните центри, академиите, библиотеките. Како Вие мислите дека треба да се развиваат овие дејности?
Б. Е. Инвестиции, инвестиции, инвестиции. Науката, исто како и високото образование, се соочува со хроничен недостаток на средства. Научно-истражувачката дејност е од јавен интерес, бенефитите ги влече целото општество, па затоа и мора да биде финансирана преку јавни инвестиции. Образованието и науката се две страни на истата паричка, не можеме да го имаме едното без другото. Научно-истражувачката дејност во Македонија е ставена на маргините, универзитетските лабаратории речиси и да не постојат, а финансиите кои државата ги одвојува за поддршка на научните истражувања се еднакви на годишниот буџет на поголем кафич во центарот на градот. Оваа ситација мора веднаш да се промени доколку сакаме напредок. Неопходно е реновирање и опремување на универзитетските лабаратории и зголемување на средствата за поддршка на научни-истражувања, но и измени во начинот на работа на факултетите како би се стимулирала научно-истражувачката работа и кај студентите. Студентите досега на ниту еден начин не се поттикнати да се занимаваат со научно-истражувачка дејност и тоа претставува голем проблем бидејќи науката и истражувањата се генератор не само на технолошкиот и медицинскиот напредок, туку и на критичката мисла и поглед на општеството. УСС-УКИМ сакајќи да го даде својот придонес во науката, оваа година издвојува значаен дел од својот буџет за поддршка на студентски научни конференции, работилници и проекти поврзани со студентската научно-истражувачка дејност. Образовниот процес за жал на ниту еден начин не ги стимулира студентите да се занимаваат со наука и истражувања, нашата цел е ова да го промениме. Сепак, УСС не може самото да направи значајни поместувања на ова поле, потребни се системски решенија и инвестиции во милионски суми доколку сакаме да се придвижиме напред.
Н. Ш. Една од дејностите кои треба да ги обавува јавниот универзитет е грижата за здравјето на студентите. Во нашата држава здравствениот систем е најслабата алка, па оттаму сакаме да знаеме како младите сакаат да ги решаваат овие проблеми?
Б. Е. Кога говориме за здравјето на студентите често мислиме единствено на физичкото здравје, притоа заборавајќи уште еден многу важен сегмент – психичкото здравје на студентите. Нема да должам за физичкото здравје бидејќи доволно е говорено за проблемите со кои се соочува нашиот здравствен систем и како тие можат да се решат. Од друга страна, во Македонија премалку се говори за психичкото здравје. За жал ова кај нас е кулутролошки проблем кој е многу опасен. Посетата на психолог се уште е табу тема, а лошата психичка состојба се исмева и етикетира како слабост на иднивидуата. Дури и кога една индивидуа ќе се охрабри да ги спознае своите проблеми и да посети психолог, тоа најчесто е прескапо и недостапно за голем дел од популацијата. Поради тоа, сметам дека апсолутно неопходно е студентската организација да го актуелиризра и да говори за овој проблем. Не само да говори, туку и да побара конкретни решенија за унапредување на психичкото здравје на студентите. Мојот став е дека студентите мора да имаат достапни бесплатни психолози преку Универзитетската поликлиника. Преку воведување на бесплатни психолошки советувања за студенти, ќе направиме голем чекор кон унапредување на психичкото здравје на студентите. Мораме да превземеме решителни чекори во оваа насока. УСС-УКИМ веќе работи на проект во оваа насока и се надевам дека до крајот на годината ќе можеме да ги очекуваме првите резултати.
Н. Ш. Имавте неколку најави за отварање на културен центар за студентите на УКИМ, па сакавме да ја дознаеме вашата визија за тој центар. Каков ќе биде, со што ќе се занимава, а што ќе промовира, како квир заедницата ќе се пронајде таму, а како студентките, каква иднина ќе заговара?
Б. Е. Студентот како поим во денешните прилики кои опстојуваат на универзитетот е деформиран во своето суштинско значење и така е поставен фундаментално погрешно во однос на есенцијата на високото образование. Студентот е поставен во позиција на потрошувач кој доаѓа на факултетот, плаќа и добива знаење од страна на професорите, знаење кое подоцна ќе го оцени преку самоевалуација. Тука завршува целиот однос на студентот, професорите, високото образование и општеството. Изгубено е целото чувство на заедница и идентитет на студентите како посебна група во општеството. Ваквата состојба ја изроди нашата идеја, која во својата реализација би значела создавање услови за реобмислување и рекреирање на поимот студент, генерирајќи притоа потенцијал за редефинирање на релацијата на високото образование и општеството. Овој простор ние го замислуваме да биде центарот на гравитирање на студентите создавајќи заедница и исплодувајќи ги солидарноста, кооперативноста и еднаквоста како вредности. Воспоставувањето на студентските културни центри во рамки на автономната зона на високо образовните институции ќе значи природна окупација на своето (автономната зона) и ќе води кон создавање на услови за перманентно поставување на барањето за препознавање на студентите како такви, посебни, со целокупниот корпус на свои потреби, интереси и цели.
Студентските културни центри треба да бидат посебни студентски автономни простори каде што студентите ќе имаат можност да го реализираат својот креативен и интелектуален потенцијал, создавајќи ново и критикувајќи го постоечкото од перспективата на студентите како заедница, но и од позицијата на секој студенти како индивидуа. Студентските културни центри треба на студентите да им понудат домашен простор во кој ќе можат да творат, културно издигнуваат, дебатираат, критикуваат и другаруваат, без притисокот да се подведат под културните и општествените норми.
Како што кажав студентските културни центри ќе ја промовираат студентската заедница, солидарноста, кооперативноста и еднаквоста, па оттука, природно, квир заедницата ќе може да го препознае овој простор како свој простор во кој ќе може целосно да го реализира својот индентитет. Овој простор треба и мора да биде отворен за сите студенти без разлика на нивниот етнички, полов, сексуален или било кој идентитет, препознавајќи ги и охрабрувајќи ги различностите, но и истовремно промовирајќи ја студентската заедница како колективен идентитет на сите.
Н. Ш. За крај, сите знаеме дека студентите се идните хонорарни работници, идните прекарни работници, идниот пролетеријат ако се доволно среќни или снаодливи, тогаш како студентите ќе се приклучат кон синдикатите за подобра иднина на оние кои ќе ја напуштат академијата со или без диплома?
Б. Е. Студентското и синдикалното организирање се слични во својата есенција. Нивната цел е да се борат за правата на своите членови кои индивидуално се во инфериорна позиција кон центрите на моќ поставени директно над нив, но кога ќе се здружат креираат една силна заедница способна да го сруши секој кој ќе ѝ застане на нејзиниот пат во борба за поголеми права и пристојни услови за студирање/работа и живот. Моменталниот економски и културен систем во светот го охрабрува индивидуализмот и индивидуалниот дух, акцентирајќи ја личната борба како единствен излез од непосакуваната ситуација. Ова е сосема погрешно, индивидуата сама никогаш нема да може да се избори против воспоставениот поредок во било која сфера, меѓутоа ако индивидуите се здружат и формираат заедница спремна солидарно и бескомпромисно да се бори за своите права, тогаш нема сила која ќе го спречи гласот на студентит/работниците. Оттука, како што е неопходно студентите да се вклучат во студентското организирање, така е неопходно и (сегашните и идните) работници да се вклучат во синдикалното организирање за да ги остварат своите права и да се изборат за подобар живот. Крајно, потребно е студентските и синдикалните организации заедно да се борат бидејќи нивните интереси се тесно поврзани и неразделни едни од други.