Деновиве можат да се забележат билборди во Скопје кои со пофалба зборуваат за справувањето на Пучот против Ердоган минатата година. На билбордите стои дека фондацијата „Тика“ ги финансира истите. Билбордите се на македонски, турски и албански, но има верзии и на англиски јазик.
Според Здравко Савески, политолог и член на „Левица“, не е дозволиво сопствениците и закупниците на билбордите да пишуваат се што сакаат на нив. Савески коментира и против пропагандата на друга држава во нашето општество.
„Да, билбордите се приватна сопственост. Но, тоа значи дека нивните газди можат да прават што сакаат?! Вклучително, да шират пропаганда на друга држава? Власта нема ингеренции во вакви случаи? И да нема, може да се сменат законите, правилниците, одлуките на локалните совети за вакви бламажи во демократска земја да не поминуваат!“ истакна Савески на својот фејсбук профил.
Фондацијата „Тика“ е позната по тоа што инвестира големи пари во реконструкција на исламски верски објекти од отоманскиот период. Често е поврзувана со релации блиски до Ердоган и неговиот пристап кон политиката.
Минатата година, на 15 јули, беше спречен пуч од страна на власта во Турција. Според изјавите на властите, но и на Ердоган, пучот беше организиран и спроведуван од блиски луѓе на Фетулах Гулен. Оттогаш, над педесет илјади граѓани во Турција беа уапсени и стотици илјади граѓани суспендирани од работна должност.