АРТИКУЛТУРА: Човекот пред се’

Неодамна во Битола се отвори задругата Артикултура. Битолчани велат дека, постоела потреба од ваков проект. Потребата од промоција и култивација на алтернативната култура го начна и ентузијазмот на овие луѓе за создавање на едно вакво место. Се’ започнало како што велат тие, на една дебата каде со носталгија се зборувало за музиката во некои минати времиња, конкретно деведесетите.

„Целиот процес е приказна сам за себе, со многу подеми и падови. Со разочарувања од луѓе од кои очекуваш дека први ќе ја прифатат идејата, до поддршка од луѓе за кои не би помислил дека би прифатиле да вложат време, енергија и секако, пари (основниот влог беше 300 евра, како петгодишна чланарина, или за оние кои не можат да одвојат толку, 60 евра како едногодишна чланарина), а без притоа да очекуваат нешто за возврат. Во самиот статут на задругата е запишано дека профитот нема да се дели помеѓу членовите. Значи, не постои идеја што не може да се реализира со малку волја и добра екипа. Граници не постојат. Освен оние кои самите си ги наметнуваме“, велат од Артикултура.

Артикултура има несвојствен вид на организација за нашите културни и организациски традиции. Структурата е анархистичка, како што пренесуваат оттаму. Хоризонтална е поставеноста на еден човек еден глас, целта е општото добро, додека одлуките се носат со консензус и без некоја идеализација предупредуваат оттаму, затоа што се’ изгледа убаво на хартија, но, во пракса е малку потешко.

 

За разноликоста на ентузијастите вклучени во овој проект зборуваат и со восхит.

„Ќе се зачудиш колку различни луѓе има во Артикултура. Од политички активни, до потполно незаинтересирани, од луѓе со левичарски ставови до десничари, од работници до бизнисмени, од долгобради, до пресно избричани. Различни сме во однос на ставови, политички убедувања, возраст, интереси, примања, музички преференции итн. Но, на различноста сакаме да гледаме како на предност, а не како на хендикеп. Дека и покрај разликите, а денес човек има за машала опции да биди различен, споделуваме добар дел на општочовечки вредности. Дискусии имало и ќе има, ама се надеваме дека заедничката цел и здравиот разум ќе надвладее“ сметаат тие.

Зборувајќи за слободата, како една од најзначајните теми во човековата култура и историја, тие неа ја дефинираат како континуиран процес на борба во насока на победување на стравот. Современите општества според нив се изградени на страв, и во вакви услови тешко човек доаѓа до искусување на тој феномен. Љубовта и борбата се компоненти кои ги красат слободољупците, според нив, и тоа се особини преку кои може и треба да се дојде до ослободување.

Во време на скудни политички односи на глобално, но и регионално ниво, ваквиот начин на функционирање претставува чин на трансформација на тие односи.

„Задругите, како и сите други фирми, функционираат во рамките на постоечкиот систем, но со самото тоа што го ставаат акцентот врз човекот и заедницата, а не врз профитот, веруваме дека се чекор напред кон градење на подобар свет. Не велиме дека се крајно решение, но сигурно водат кон едно подобро и похумано општесто. Кај нас сеуште овој начин на здружување е нов, но има земји во кои задругите се присутни во сите сектори, знаат да бројат и по неколку десетици илјади членови и да имаат сериозен импакт во нивните средини. Артикултура дејствува локално, надоврзувајќи се на еден растечки светски тренд“, потенцираат од Артикултура.

 

Артикултура има своја визија. Таа визија е проткаена со многу универзални вредности. Солидарноста и хуманизмот претставуваат нивна оска на движење.

„Веруваме дека преку промовирање на општочовечки вредности, ќе направиме сромен удел во креирање на похумано општество. Човекот пред профитот. Солидарност, заемно помагање, без авторитети и хиерархија се едни од базичните вредности на Артикултура“ сметаат тие.