Археологија во транзиција или транзиција во археологијата? Економијата и археологијата – Светот и Македонија Македонска реалност

Колективната меморија на луѓето им дава чувство на припадност. Историјата го објаснува минатото. Археологијата го истражува секојдневието на човекот.

Што ако политиката може да се најде на патот на археологијата, што се случува кога археологијата е принудена да ѝ служи на политиката?

Соочени со драматичните општествени промени, малиот обем на објективни емпириски истражувања, факторите и обрасците кои довеле до општествените промени долго време ќе останат тема на која за жал ќе се дебатира со пристрасност зависна од политички популизам, директно допринесувајќи клучните прашања и проблеми да останат неодговорени.
Општеството е сложен систем од врски. Културата е колективна свест што го отелотворува целото историско достигнување.

Каде е тука местото на археологијата?

Во нормални услови, археологијата која ги проучува материјалните остатоци  кои човекот ги обликувал како резултат на социјалните односи во минатото вообичаено делува како аполитичка дисциплина. Меѓутоа, во општества кои се во константна транзиција, националните и идеолошките пропаганди перверзно ја користат археологијата како механизам со кој постигнуваат цели, независно дали се со позитивни или негативни последици директно врз науката. Факт е дека како и сите останати науки, археологијата секојдневно се соочува со промени, независно дали се тие од теориски или методолошки карактер. Сите овие процеси се неминовни, посебно за општествена наука како што е археологијата која не може да се развива во изолација, туку само во нормални и развиени општества.

Свесно, соочени со многу посуштински проблеми со кои се судрува македонското општество, главно економски,  води кон директни конфликтни визии во кои првенствено културата, а потоа и археологијата – се маргинализирани.

Зошто?

Економијата е меѓу најважните фактори во односот на јавноста со археологијата, доколку економијата се занимава со производство, дистрибуција и потрошувачка на квалитетни производи. Културните ресурси, вклучувајќи ја археологијата и културното наследство, во нормални и развиени земји, се економски добра кои допринесуваат за афирмација и реафирмација во насока на развој на туризмот.

Бидејќи веќе констатиравме дека во современиот свет економијата е основата на сите битисувања, вредноста на стоките понудена на пазарот зависи од нејзиниот квалитет, со што се добива оптималната цена која потрошувачот би ја платил. Економијата зависи од размена на стоки. Од различни причини, културните добра, главно недвижните културни добра, не се достапни за размена на пазарот (секогаш постои можност останатите автентични движни наоди – мали предмети во форма на монети, керамичен материјал и слично – да бидат изработени во копии), при што се потребни други механизми преку кои истиот би се стимулирал во насока на регулација на протокот на добра. Механизмите за менаџирање на културното наследство бара првенствено вреднување и носење одлуки за тоа кои археолошки ресурси имаат потенцијална  вредност – некои поголема, некои помала (бидејќи да се разбереме, нема археолошки локалитети и наоди со никаква вредност) – да бидат распределени како соодветни ресурси за афирмација.

Сега, со должна почит кон сите авторитети кои во државава ги менаџираат политиките севкупно, горекажаното повторно мора да се напомене дека се практикува во нормални и развиени општества, не во општества кои се во транзиција како нашето. Со намера погоре потенцирав како во развиениот свет се менаџира со културните добра.  Во нормалниот  – развиен свет, археологијата и археолошките добра гарантираат приходи и пари за заедницата на различни начини преку: урбанизација, туризам, маркетинг и брендирање и слично.

Зошто урбанизација?

Преку воспоставување стабилна музејска поставка во рамки на музеј, потоа формирање археолошки парк во рамки на археолошки локалитет, несомнено допринесуваат да се развие туризмот. Со големото присуство на туристи, заедницата има апсолутна потреба за урбанизација, подобрување на урбаниот простор би понудил дополнителен економски стимул кој би влијаел врз квалитетот на животот.

Како да се развива културното наследство во нашите заедници кога во Македонија речиси и да ја нема основната алатка за менаџирање – музеј?

Сега мора да го цитирам мојот професор  Виктор Лилчиќ Адамс кој со години потенцира дека во Македонија има околу 18 градови со ординирачки музеи кои активно се занимаваат со оваа проблематика, на сметка на 20 други градови во кои нема институции преку кои би се менаџирало културното наследство. Ако во нормалните земји културните добра се дополнителен извор на приходи, во многу случаи претставуваат главен извор, а кај нас истите се оставени на раб на заборав.
За волја на вистината, постојат врвни професионалци кои безрезервно го посветиле животот на оваа проблематика. Истите тие детектирале и откриле милион археолошки добра на бројни локации во државава кои би прераснале во врвни туристички атракции. Од страна на компетентните лица е извршена примарната, основна цел – вреднувањето. Но да се вратиме во реалноста. Повторно се заглавува длабоко во моделот на функционирање на македонските институции заглавени во традиционалната бирократија како резултат на долгата политичка и општествена транзиција. Каква колективна меморија имаат општествата како нашето, заглавени во континуирана транзиција? За да го разбереме било кој сегмент од овој комплексен концепт, неопходно е да се даде големо значење на комуникацијата односно на директното запознавање со колективната меморија и култура. Комуникацијата е одраз на реалноста, факт. Но каква комуникација треба да очекуваме во општество во кое политичкиот плурализам, популизам и култрен вандализам ја има наметнато супериорноста над разумот и рационалноста?

Едноставно.

Во 20 градови нема музеи. Резултат на тоа: бројни археолози се на раб на егзистенција; Културните добра се оставени сами на себе. А кога културните добра се оставени сами на себе и се мета на илегални трагачи кои ги сквернават културните добра од државава, се вршат илегални ископувања преку кои се одливаат бројни археолошки добра. Да биде целата ситуација уште потрагична, малиот број иституции кои ги имаме, а се занимаваат токму со оваа проблематика се силувани од страна на политичките партии кои ги искористуваат како механизми за задоволување на внатрепартиските интереси, главно како апарати преку кои обезбедуваат егзистенција за нивните партиски членови  кои безмалку се некомпетентни да се занимаваат со оваа проблематика и со начинот на третирање, па културното наследство трпи сериозни последици, главно останувајќи неистражено, или во најдобар случај недоволно истражено, а со исклучок на поединци, истраженото – недоволно презентирано. Уште потрагично е што овие проблеми се само дел од секојдневието на македонските археолози. А за споделување на целиот проблем, сметам дека е потребно да се пишува со години.

Силувањето на културното наследство е слично со геноцид. Се уништува минатото на еден народ.

 

Пишува:  Даниел Ѓорѓевски

Даниел Ѓорѓиевски е дипломиран археолог на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

 

Ставовите изнесени во колумната, не се поклопуваат нужно со ставовите на редакцијата.

|2020-04-11T20:58:59+00:006 април 2020|Актуелно, Култура, Став|