Дијалог со Ана Блажева по повод Меѓународниот ден на вдовиците.
Доктор Блажева Ана е професор и истражувач на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје, нејзината докторска дисертација беше „Меланхолијата и политичкото, и за политичките потенцијали на меланхолијата преку етнографско истражување на студентското движење во 2015 година“, во однос на Студентскиот пленум, а денес се сложи со нас да поразговара за жените и феминизмот. Женското прашање сè уште не е решено во Македонија, но и на Балканот. Ќе се обидеме со Ана да расчистиме одредени дилеми што веројатно ги мачат повеќето од нас. Меѓународниот ден на вдовиците го земаме како повод затоа што вдовиците се можеби оние жени кои конечно по смртта на својот сопруг се ослободуваат од родот, но им се наметнуваат низа на обврски и потешкотии.
Никола Шиндре: „Доктор Блажева, да се биде човек во провинција е мачно, без разлика на родот, постојаноста/непроменливоста е сеприсутна во животот. Сепак, жените имаат поголеми ограничувања, а со тоа помали шанси за подобар живот. Како да се размислува за да се променат овие односи на моќ и хиерархија?“
Ана Блажева: „Женските искуства се разликуваат, но и допираат на многу точки, живеењето во помали места, села и градови може да даде една заедничка димензија, но тука се и други оски по кои тие се диференцираат во однос социјалниот статус, образованието, семејните динимики, личните интереси и сл.
Односите на моќ се во постојана динамика, а системските рамки во кои тие движат се дефинирани преку хиерархиските социо – економски односи што ги создаваат капитализмот и патријархатот. Малите места можат тескобно да ги перпетурираат и отсликуваат доминаните нормативи и хегемонија но и да бидат точки на отпор, на мали експерименти и нови искуства. Кога го пишувам ова мислам на малите колективи, задруги, комуни и сл. кои често се создаваат токму на периферијата и имаат за цел да создаваат поинакви односи од оние што доминираат во мејнстримот во пошироката заедница. Вакви примери денес има мноштво во кои се ослободуваат нови простори надвор од патријархалните и капиталистичките односи, но и во поинаква спрега со средината. Зависно од условите овие мали искуства и експерименти може да добијат можност да се умножуваат или задушуваат.“
Н. Ш. Батлер кажува дека родот е случајност, па ако го прифатиме тоа, тогаш веројатно би требало да зборуваме и за другите делови од идентитетот на жената. На пример, како да се раскине со традицијата за да се ослободи човекот кој е работничка или домаќинка?
А. Б. Не би ја толкувала Батлер на ваков начин. Нема ништо случајно ниту произволно во родовите идентитети ниту улоги. Тоа што Батлер го понуди според мене е на линија на Фукоовата анализа за односите на моќ што не се статични, во смисла дека иако постои јасно дефинирана хегемонија, постои динамика и моќ која може да се генерира и користи и во/од позицијата на потчинетост. Односно понуди отворање на нови можности за користење на родовата дихотомија и перформирањето на родовите улоги и идентитети. Токму оваа димензија на динамиката на моќ во социјалните односи ме инспирираше да истражувам во доменот на афективното. Инспирирана од културната теорија на емоциите на Сара Ахмед мојот интерес го насочив кон истражување на начините на кои афективните искуства ја обликуваат социјалната динамика. Од таму прашањето дали постои политички потенцијал во меланхолочното искуство и маргинализираната позиција што го поставив во својата теза, го одговорив потврдно преку истражувањето со студнетското движење и Студентскиот пленум. Политичкиот потенцијал на потчинетите, опресираните, експлоаританите не произлегува единствено од енергетскиот потенцијал на гневот затскриен зад меланхолијата, туку во поврзувањето. Доживувањето на маргинализацијата во сопствената кожа е многу осамено искуство, но поврзувањето преку споделени искуства е моќен процес на зајакнување што генерира огромен потенцијал за лична и социјална промена.
Н. Ш. Ние сме имале долга историја на жени борци, нашата партизанска приказна е испишана од Ирини Гини, Естреја Овадија Мара, Невена Георгиева Дуња. Но, одговорно е да се признае дека денешното македонско општество раскрстило со тие наративи. Како да се создаваат наративи во кои што ќе се пронајдат жените како хероини, но во тие наративи да се пронајдат и мажите како нивни сојузници?
А. Б. Нашето општество не може ниту живее излолирано од глобализираниот свет. Во таа смисла, недостатокот на препознавање, уважување на локалниот историски континуитет денес можеби се заменува со хероини кои ги гледаме во филмови, серии итн. Има придвижување во оснажување на женските ликови. Но, тоа не е доволно во она што претходно го говоревме промената на социјалните односи. Во секој случај издвојувањето на жените во феминистичките заложби не е доволно. Можеби прашање е кои се „хероите“ што се бореле или се борат заедно со жените за родовата еднаквост? Родовата асиметрија, но уште повеќе патријархалните хетеронормативни рамки не се никако „женско прашање“, тие се прашање на општествена зрелост и добросостојба.
Н. Ш. Неминовно е дека солидарноста е првиот чин на заедништво и ослободување. Но, треба да се разграничуваат сојузниците. Родот, расата, класата и сексуалноста неминовно одат заедно. Како да се синдикаллизираат работничките за да се заштитат од капиталистките?
А. Б. Моите политички заложби не се фокусираат на тоа да развиеме резилиентност или добри механизми како да се штитиме едни од други, туку напротив, како да создадеме услови и да станеме агенси на промените што ги сонуваме и посакуваме. За разлика од стандардниот наратив на политичка борба, мојот е на политика на грижа. Ваква сфатена политиката тежнее кон промена на начинот на кој го организираме заедничкото и како се грижиме едни за други, за себе и за околината.
Н. Ш. Нашето општество е бавно, но ако се пристапи критички кон идентитетските политики, тогаш треба да се запрашаме какви треба да бидат барањата на лезбејките, трансжените, Ромките, сексуалните работнички за да одлучуваат директно во однос на женското прашање кое што до денес е претежно среднокласно, хетеро и бело?
А. Б. Идентитетските политики не се проблематични според мене на дневно ниво, ниту артикулирањето на интерсекциските прашања на жените или родовите, сексуалните и другите малцинаства. Во таа смисла сметам дека сечие прашање и акција, здружување, па и проект на крајот на денот можат да имаат некакво значење за оние кои се вклучени и кои ќе артукулираат одредено свое искуство, позиција, барање или да постигнат промена. Проблемот со идентитетските политики е проблем на системските рамки. Основна фрустрација се меѓите на исклучувачките системи што генерираат нееднаквост и целосна деструкција на сите капацитети и ресурси на животот – капитализмот. Во услови во кои живееме и сме приморани да функционираме за да преживееме многу е потешко да се мобилизира доволно ресурси за одговор на сите детектирани страдања.
Н. Ш. Народната изрека е дека првиот занает на светот е проституцијата, а сепак таа работна дејност уште е морализирана и проблематизирана. Што кажува критичката психологија за овој проблем? Како да се отфрли моралот, а да се задржи етиката? Како сексуалното ослободување може да придонесе за намалување на проблемите на работниците и работничките од оваа дејност?
А. Б. Сексуалната работа (термин што единствено донекаде успева да не го морализира ниту виктимизира, а да го смести во доминатниот систем) е уште еден домен на родовата асиметрија и системското насилство произведено во патријархатот. Во суштина за мене е исклучително чувствителна афективна работа што пресретнува толку лични и социјални текови врз телата на оние што се вклучени. Ранливоста и моќта што во тој простор се создава и злоупотребува ја отсликува сенката на општествената ранливост и деструкција во исто време. Јас имам длабока понизност пред сите жени, мажи и родови и сексулани малцинства, секој, што се изложиле себеси на таков начин во светот. Во исто време ме вонемирува и ме преплавуваат димензиите на овие радикални искуства. Немам доволно капацитети за да го опфатам ова исклучително деликатно искуство на начин што заслужува. Во мојот поглед нема место за морал и особено кога станува збор за сексуалнта работа. Со моралот нека се занимаваат оние што сметаат дека имаат некакво посебно место од кое можат да судат. Одговорноста од друга страна е секогаш најголема во оние што имаат моќ да креираат услови во кои луѓето ги пресретнуваат и задоволуваат потребите и можат достојно да живеат.
Н. Ш. Двајцата знаеме дека домашата работа нема да биде платена барем во овој век. Тогаш, отфрлајќи ги сите политики, сакам да ве прашам за крај директно, но суштински, како да сонуваме? Какво политичко и економско уредување да бараме за да се плаќа трудот за домаќинството, трудот за одгледувањето деца, трудот за грижата за инвалидите или лицата со посебни потреби, трудот за грижата за старите?
А. Б. Борбата за вреднување на домашната работа не е борба за плата, туку борба за еманципирање на свеста за „бесплатната“ репродуктивна и афективна работа што милијарди жени ја вложуваат секојдневно низ вековите во одржување, репродукција на „работната сила“, а со тоа и на капиталистичките односи и систем на експлоатација во кое жената е девалуирана, деполитизирана и локализирана не само во работните односи, јавната сфера туку пред сѐ во домот. Во таа смисла повикот не е да се плаќаат репродуктивните услуги, како што сега се дел од комодифицираните односи и целосно родово одреден најслабо платен труд, туку да се види, препознае и вклучи репродуктивниот домен кога се анализират социјалните и капиталистички односи и патријархатот. Но уште поважно и во борбата против механизмите на експлоатација на трудот. Ова е во суштина е антикапиталистичка битка. Силвија Федеричи која е една од феминистките што учествуваше во марксистичката анализа токму на оваа изоставена димензија на капиталистичката критика во доменот на репродуктивната работа ги лоцира и политичките потенцијали за антикапиталистичката борба или борбата за подобар и поправеден свет, или одржлив свет. Еве еден можен патоказ за сонување!