Зборот „квир“ означува нешто настрано, различно, поинакво, сосема страно за општото или генералното. Со овој збор во минатото се нарекувале хомосексуалците, односно мажите кои љубат други мажи. Најсоодветен збор во македонскиот јазик на „квир“ е „педер“ и можеби во иднина треба да престанат да се користат наводници кога се употребува. Бунт пак, означува најчесто неорганизирана акција од страна на населението кое што не сака веќе да го трпи постојниот status quo и итно бара промени. За разлика од востанијата, штрајковите и револуциите бунтот е поблага форма на израз на незадоволството на населението. Бунтот е спонтан, често без одредени формулирани барања, но со една општа мисла или идеја за промени.
Низ историјата честопати се случувало одредена група на луѓе да се бунтува против власта со одредени барања, услови и повелби за подобар живот, за промени на постојното, но не секогаш бунтовите се успешни. Бунтовите не се секогаш успешни затоа што се брзи и спонтани акции кои немаат за крајна цел одредена стратешка определба на населението како заложба за реализација на барањата, но повеќе за цел земаат нешто како апел или аларм за властите дека одредени тековни состојби веќе надминуваат одредени граници на спокојност, стабилност и сигурност кај населението.
Денес, во екот на пандемијата на КОВИД-19, при екот на климатската криза предизвикана од глобалното затоплување и издувните штетни гасови од индустријата, сѐ поголемиот број на различни барања упатени до властите насекаде низ светот, драстично зголемениот јаз помеѓу богатите и сиромашните конечно треба да се постави прашањето за тоа каде се случуваат бунтови, како треба да се алармира целокупното население за состојбите во кои што се наоѓа општеството. Во Македонија барањата се движат од заштита на природно незагадените подрачја од ново загадување (електрификација, гасификација, урбанизација), барања за социјални трансфери (пензии, социјални исплати, здравствени лекувања), барања за просветни дејности (учебници, преводи на книги, културна дејност) и разни форми на микро барања, како на пример заштита на паркче во голем град, асфалтирање на улици, барања за тротоари итн…
Веројатно педерите (тука под овој израз се подразбира ЛГБТИ заедницата што треба да тежнее да стане политички субјект) како една маргинализираните заедници треба почесто да го поставува прашањето за бунт против постојниот систем на вредности и економски модел на функционирање на светот – капитализмот. Но, квир бунтот сам по себе не е доволен ниту да ги испорача барањата на педерите, а ниту пак да ги поврзи со други слични итни барања на различни заедници кои се во нужда. Така, бунтувањето или алармирањето за итностите на оваа заедница треба да се универзализираат, односно да се воопштат и да се наметнат како барања на повеќе заедници кои што мака мачат за преживување во капитализмот.
За да се разјасни општоста на барањата што може да ги има која било група, а во случајов педерите треба да се тргне од претпоставката дека барањата се однесуваат и за секого индивидуално, но и групно, како барања на поединецот и барања на јавноста (класата). Дополнително, барањата и бунтот секогаш треба да се наменети, како што Фром смета, за одредени слободи, а не против одредено ропство. Инаку кажано, барањата против патријархатот не треба да станат барања за матријархат, туку барања за една порамноправна егалитарност на секое живо сушстество. Барањата против капитализмот треба да станат барања за комунизам, а тие против загадувањето на околината да станат барања за чиста и здрава животна средина. На тој начин појасно се посочува кон што се стреми одредена група што се бунтува, а од друга страна може да привлече повеќе луѓе кои ќе сакааат да го заземат истиот стремеж во јавноста.
Педерите најмногу страдаат од загадувањето животната средина и недостатокот на јавни простори. Сечењето на дрвјата и зеленилото ги уништува зелените оази кои што им допуштаат на сите кои имаат забранета љубов да споделат погледи и воздишки со своите љубени. Лезбејките страдаат што во текот на својот живот немале своја сопствена соба. Има сѐ повеќе станбени единици (станови) во Скопје, секој ден нивната цена расте, а џебовите на работниците се веќе испразнети. Оттука, прв начин на пркос или бунт на педерите треба да биде преточен во чистење на парковите и собирање на сметот од нив. Секој кој го чисти паркот ја има слободата да ужива во хигиената и зеленилото. Доволно е една група педери да започнат за да се приклучат многумина стрејтери кои ги поимаат концептите за убавина и добрина. Лезбејките мора да апелираат за прашањата за домувањата, тие се можеби првите кои треба да го постават барањето за право на домување како предност пред правото на имот. Сите се станари секаде, но не секој има имот некаде.
Лезбејките знаат дека семејството не секогаш гарантира рамноправност и еднаквост, но точно затоа треба барањата против патријархатот да ги преименуваат во барања за посуштинска рамноправност на сите индивидуи. Тие можеби први треба да пркосат со поставување на прашањето за бесплатно и достапно јавно здравство за сите. Тоа е универзално барање кои во иднина ќе ги солидаризира со сите родилки кои починале при пораѓај, со сите болни од карцином кои барале пари за лекување, со сите кои чекаат на бескрајните листи за хируршки интервенции.
Транс луѓето исто како лезбејките знаат дека немањето на детска соба знае да биде голем проблем во животот што носи големи последици и подоцна. Тие треба да пркосат со барања за соба за секој студент. Барање за бесплатни топли оброци за секој еден што студира факултет. Чистејќи го дворот на „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ треба гласно да се вика за бесплатен топол оброк, за бесплатно здравство, за соба за секој студент, за стипендии и за размена со Балканот, Европа и Светот. Солидарноста во оваа држава е останата само во рамки на постојните форми на човекување – во семејството, а тоа е сепак традиционална форма на солидарност. Другарувањето ќе се јави во моментот кога сите ќе ги бараат материјално нужните услови за живот, домување, исхрана и култура.
Квир бунтот треба прво да запази дека борбата против капитализмот треба да го наметне прашањето за што ќе се борат луѓето во иднина и никому не треба да му биде срам да каже дека се бори за комунизам. Борбата „за“ е секогаш пострастна, пожестока и поинтересна за водење кога некој знае каде да се упати за да стигне кон целта. Педерите треба да излезат за пократко работно време, за бесплатно и достапно здравство, за достоинствена плата, за слободно време, за чиста и здрава животна средина, за воздух, за вода. Тие први треба да се впуштат во авантура за целосно преиспитување на економскиот модел затоа што тие се и едни од првите кои ги трпат последиците од неправедноста на системот. Нивната храброст за овие разумни прашања сигурно ќе поттикне многумина други да се борат за овие педерски, а универзални барања за подобро утре.
Конечно, бунтот за леб, за работа и за плата треба да се надополнува постојано, постојано треба од ново да сепоставуваат одредени прашања што ги мачат сите кои сакаат да пркосат за да може бунтовите, еден по еден да се спојат еден ден и да препраснат од барања на толпите во барања на класите. Но, пред сето тоа треба да се почне од најважното, а не најмалото – промената и бунтот во себеси. Веројатно прво не треба да се биде консумер, потоа да се почитува блискиот, љубовта гласно и јасно да се изразува, да се чисти улицата и паркот, да се протестира за национализација на енергетскиот сектор, да се протестира за топол оброк во студентските мензи итн… за да може да се стигне до универзализација на сѐ повеќе барања во едно – тоа за конечна промена на системот.
Да се почне со мали чекори за да се дојде до големи победи.
Автор: Никола Шиндре
Објавено во зинот на „Дуња“