Со оглед на тоа што Демократските социјалисти на Америка сега бројат 48.000 како свои членови, а социјалистичките кандидати како Александрија Окасио-Кортез притискаат за бесплатни универзитети и Здравствена заштита за сите, Американците повторно дискутираат за капитализмот наспроти социјализмот. За среќа, тие не го прават тоа на стариот начин на Студената војна преку некритично славење на едниот и демонизирање на другиот. Наместо тоа, тоа е дебата за изборот што Американците мора да го направат сега помеѓу задржувањето на капитализмот и промената на системот во некој облик на социјализам. Како што често се случува во дебатите, оваа дебата нè прави свесни за проблемите и разликите околу тоа како ги разбираме нејзините основни термини. За да биде појасно и за да постигнеме напредок во оваа важна дебата, треба да престанеме да го спојуваме „капитализмот“ со пазарот. Ова се прави премногу често и тоа од сите страни на дебатата.
Пазарите се средство за дистрибуција на ресурси и производи, стоки и услуги. Размената quid pro quo ги дефинира пазарите: едно лице нуди да му продаде на друго лице кое нуди да купи во меѓусебно договорен сооднос што може или не може да биде посредуван од пари. Да се каже дека постои пазар значи дека таков систем на размена е она што ја прави дистрибуцијата. Да се каже дека постои пазар не кажува ништо за тоа како се врши производството или како ресурсите се претвораат во производи. Од друга страна, капитализмот е опис за тоа како е организирано производството на стоки и услуги и како учесниците се однесуваат едни кон други во процесот на производство. Така, спојувањето на „капитализмот“ со „пазарниот систем“ го губи од вид фактот дека пазарите можат да постојат во однос на различни системи на производство.
До ова можеме да дојдеме и на друг начин. Пазарите биле механизми на дистрибуција во општества со многу различни системи на производство. На пример, во економиите засновани на поробување на луѓе, што резултирале со систем на производство што вклучува господари и робови, „инпутите“ и „резултатите“ – вклучувајќи ги и робовите – често се купувале и продавале на пазарите. Оттука, може да зборуваме за пазари на робови: кога робовскиот систем на производство коегзистирал со пазарен систем на дистрибуција.
Да земеме друг пример. Феудалните поседи биле системи на производство што ги спротивставувале господарите и кметовите. Бидејќи кметовите не биле робови, не постоел пазар на кметови. Тие се дистрибуирале преку други, непазарни системи. Сепак, нивните нечовечки инпути и резултати можеле да се дистрибуираат преку пазари, а во европскиот феудализам често се дистрибуирале преку размена на пазарот. Капиталистичките системи на производство – организирани околу односот вработувач-вработен (наместо господар-роб или господар-кмет) – исто така може да коегзистираат со пазарните системи на дистрибуција. Во капитализмот, нечовечките инпути, работната сила (способноста да се врши труд) и резултатите често се дистрибуираат преку размена на пазарот.
Така, збунувачки е да се зборува за капитализмот како за „пазарен систем“. Пазарните системи на дистрибуција се разликуваат според своите специфични карактеристики, во зависност од различните системи на производство и системи на експлоатација со кои коегзистираат. Капиталистичките пазари се разликуваат од пазарите на робови, а тие двата се разликуваат од феудалните пазари, но сите тие се пазари. Покрај тоа, пазарите обично коегзистираат и имаат интеракции со државните апарати. Тие интеракции се карактеризираат со поголем или помал степен на државна интервенција: од ригидно регулирање на размената па сѐ до „слободната“ трговија или пазарите каде регулацијата е минимизирана или отсутна. Државниот апарат исто така може да го укине пазарниот систем и да го замени со поинаков систем на дистрибуција.
Сепак, во таков случај, капитализмот не е укинат поради тоа што пазарот е укинат. Ако производните претпријатија останат структурирани околу односот вработувач-вработен, тие остануваат капиталистички со или без коегзистирачки пазарен систем. Бидејќи тоа што државата ги заменила пазарите со некаков административен (на пример, плански) систем на дистрибуција не кажува ништо за системот на производство. Ресурсите и производите на капиталистичкиот систем на производство можат да се дистрибуираат преку пазари кои се повеќе или помалку регулирани од државата или преку непазарни системи на дистрибуција. Истото важи и за ресурсите и производите на робовскиот и феудалниот систем на производство.
Зошто е важно да се прави разлика помеѓу пазарите и другите системи на дистрибуција и системите на производство? Одговорот произлегува од разбирањето дека повеќето економски системи комбинираат еден или повеќе системи на производство со еден или повеќе системи на дистрибуција. Долго време, аналитичарите на ваквите комбинации – и ентузијастите и критичарите – беа склони да ги спојуваат двата система заедно, како да се еден. Всушност, дефинирањето на капитализмот како „пазар“ или „слободен пазар“ е токму такво спојување.
Карл Маркс доста се потрудил да направи разлика помеѓу критиката на пазарната размена од својата критика на капиталистичкото производство. Тој верувал дека главните општествени проблеми на неговото време – нееднаквоста, цикличната нестабилност итн. – се појавуваат поради капиталистичкиот систем на производство исто онолку или повеќе отколку поради пазарниот систем. Тој бил критичар и на двата, но критиките ги држел одвоени поради аналитичка јасност и револуционерна стратегија.
Од почетоците на капитализмот, реформаторите се обидувале да ги ублажат неговите остри рабови често преку државна интервенција на пазарите. Минималната плата, максималните каматни стапки, прогресивното оданочување итн. се помеѓу механизмите што ги избирале. Поопшто кажано, реформаторите одговарале на распределбата на богатството на капитализмот, која е водена од профитот, на тој начин што државата го прераспределува тоа богатство според некапиталистички (непрофитни) критериуми.
Поекстремната критика на пазарите ги заменувала нив во корист на други механизми за дистрибуција на ресурсите и производите како што се централизираните или децентрализираните државни институции задолжени за дистрибуција, приватните институции што се слично задолжени итн. Сепак, доколку и кога системите на производство продолжуваат да ги поставуваат едни наспроти други вработувачите и вработените, сите различни системи на дистрибуција кои се дискутирани погоре – „слободниот“ пазар, регулираниот пазар и непазарниот – коегзистираат и имаат интеракција со капиталистичкиот систем на производство.
До оној степен до кој проблемите на капитализмот – нееднаквоста, нестабилноста (циклуси/кризи) итн. – произлегуваат делумно од неговите производни односи, реформите насочени исклучиво на регулирањето или заменувањето на пазарите нема да успеат да ги решат. На пример, кејнзијанските монетарни политики (насочени кон повишување или намалување на количеството пари во оптек и, соодветно, на каматните стапки) не го допираат односот вработувач-вработен, без разлика колку нивните варијации го прераспределуваат богатството, ги регулираат пазарите или ги заменуваат пазарите во корист на државно-администрираните одлуки за инвестициите. Исто така и кејнзијанските фискални политики (повишување или намалување на даноците и државното трошење) не го адресираат односот вработувач-вработен.
Кејнзијанската политика, исто така, никогаш не ѝ стави крај на цикличната нестабилност на капитализмот. Њу дилот и европската социјалдемократија го оставија капитализмот на своето место и во државните и во приватните единици (претпријатија) за производство, без оглед на нивните крупни реформски агенди и програми. Со тоа, тие ги препуштија капиталистичките вработувачи да се соочуваат со поттици и да добиваат ресурси (профит) за да ги заобиколуваат, слабеат и на крајот да ги укинат повеќето од тие програми.
Далеку е подобро богатството да не се распределува нееднакво уште од почетокот отколку да се прераспределува отпосле за да се поправи нееднаквоста. На пример, Френклин Рузвелт во 1944 година предложил владата да воспостави максимален приход заедно со минималната плата; тоа е еден од различните начини на кои може да се ограничи нееднаквоста и со тоа да се избегне прераспределбата. Обидите за прераспределба се соочуваат со затајувања, спротивставувања и неуспеси што се присоединуваат кон ефектите од самата нееднаква распределба. Порано или подоцна, социјалниот мир и кохезија се жртви на прераспределбата. Реформирањето на пазарите додека ги оставате непроменети односите/организацијата на капиталистичкото производство е слично на прераспределбата. Исто како што моделите на прераспределба не успеваат да ги решат проблемите втемелени во распределбата, реформите фокусирани врз пазарот не успеваат да ги решат проблемите вкоренети во производството.
Од 2008 година, капитализмот повторно ни ги покажа своите длабоки и нерешени проблеми на циклична нестабилност, продлабочување на нееднаквоста и неправдите што ги носат со себе и двете. Нивната истрајност ја отсликува онаа на капиталистичката организација на производството. За успешно соочување и решавање на проблемите на економските циклуси, нееднаквоста во приходите и богатството итн., треба да го надминеме капиталистички систем на производство, втемелен на вработувачи и вработени. Демократизацијата на претпријатијата – преминот од хиерархиите на вработувачи и вработени кон работнички задруги – е клучниот начин што е достапен овде и сега за да се оствари промената што ни е потребна.
Работничките задруги демократски одлучуваат за распределбата на приходите (плати, бонуси, бенефиции, удели во профитот итн.) меѓу нивните членови. Нема некоја мала група на сопственици и управни одбори што тие ќе ги изберат, како во капиталистичките корпорации, да донесуваат такви одлуки. Така, на пример, би било многу помалку веројатно дека неколку лица во една работничка задруга ќе заработат милиони, додека повеќето други нема да можат да си дозволат да ги испратат децата на факултет. Одлуката на демократската работничка задруга за распределба на приходот на претпријатието ќе биде далеку помалку нееднаква од она што е типично за капиталистичките претпријатија. Социјализмот за 21-от век може и треба да вклучува премин од капиталистички во економски систем заснован на работнички задруги како централен за неговата заложба за помала нееднаквост и помалку социјални конфликти околу прераспределбата.
Текстот е преземен од Truthout.org