Редакцијата на Гласник по повод една година од создавањето на иницијативата Гласни Идеи, која прерасна во дебатна емисија одржувајќи се на интернет платформите ЗУМ и Јутјуб, го пренесува ова кратко интервју со Џејлан Велиу, една од главните иницијатори на оваа емисија и водителка на голем дел од разговорите во неа. Сите дебатни емисии на Гласни Идеи во изминатата година беа прикачени и промовирани и од порталот Гласник.
Гласник: Џејлан, пандемијата предизвика потреба од преселба на многу иницијативи од физичкиот простор во онлајн просторот и неговите платформи, дали ова беше единствената причина на вашата иницијатива или имаше други причини?
Џејлан Велиу: Идејата за подкаст ја имавме уште пред почетокот на пандемијата. Имено заедно со другарите од редакцијата на Гласни идеи, а и со другарите кои не поддржаа и охрабруваа за оваа идеја, свесни бевме дека јавниот простор е окупиран од страна на мадиумите кои во голем дел се на платен список на владеачката класа. Знаејќи го ова ни се наметна идејата дека треба да постои гласило/медиум кој ќе ја кажува другата страна на приказната. Медиум во кој гостуваат оние за кои мејнстрим медиумите не се достапни.
Иако оваа идеја постоеше од порано, сепак пандемијата ја забрза нејзината реализација. Имено, со воведувањето на првиот полициски час, а и карантин, забележавме дека со седењето дома трошиме поголеми количини на електричната енергија, што за нас рабитниците тоа значеше поголеми сметки, при услови на зголемена невработеност и намалени плати. Заедно со неколку другари креиравме онлајн петиција за воведување на евтина тарифа на електричната енергија во цело деноноќие додека трае вонредната состојба. Петицијата постигна зачудувачки резултати, во неполни 48 часа ја потпишаа 36.000 граѓани. Ние охрабрени од интересот на граѓаните, петицијата ја поднесовме во Влада, каде побаравме да се разгледа и донесе одлука. Нормално, Владата ниту ја разгледа петицијата, ниту пак донесе некаква одлука. Исто така малиот интерес на медиумите за петицијата не поттикна да ние самите се потрудиме да ја прошириме оваа вест, при што се спомена и идејата за снимање на емисија.
Веќе знаевме дека моментот за подкаст е дојден. Ја снимивме првата емисија на Гласни идеи, со наслов „Евтина тарифа на електричната енергија додека трае вонредната состојба“. На почетокот морам да признаам дека бевме загрижени околу тоа дали ќе имаме теми за третирање и соговорници. Но, системските проблеми станаа толку големи што теми никогаш не ни недостасуваа. Имајќи во предвид дека обичните граѓани се обезгласени, не ни недостасуваа ниту гости, кои немаат друг медиум каде би биле слушнати.
Г: Како ја проценуваш политичката и интелектуална дебата во државава?
ЏВ: Политичката интелектуална дебата во државата? Зарем постои таква дебата? Се шегувам, секако дека постои, но далеку е од тоа да биде интелектуална. Да бидам искрена, одамна не ги следам емисиите насловени како „дебата“ на кои гостуваат припадници на владеачката класа, кои најчесто се или партиски војници или пак „независни“ експерти, а кои имаат за цел да го замајуваат народот преку нивните т.н препукувања. Тие „дебатерите“, никогаш под знак прашалник не го ставаат (не)функционирањето на системот, туку меѓу себе се обвинуваат за тоа која власт била полоша, која власт го осиромашила народот, која власт била предавничка итн итн, а во суштина тие се борат само за дел од колачот наречен држава или попрецизно, буџетот на државата. Мислам дека на повеќето граѓани оваа состојба им е јасна, па затоа или не ги гледаат тие дебати или пак ги гледаат за да се зафркаваат со гафовите, лапсусите, незнаењето, простотилукот, лажењето и контрдикторностите на дебатерите.
Од мојот досегашен одговор најверојатно е јасно дека интелектуалната политичка дебата во државата не можам да ја проценам, бидејќи не можете да процените нешто што не постои. А квази интелектуалната политичка дебата ја проценувам како обид за манипулирање на народот. Последен пат кога гледав таква дебата имав чувство дека дебатерите се зафркаваат со интелегенцијата на народот.
Г: Кои се вашите планови и цели за наредниот период, земајќи предвид дека од влегуваме во период во кој рестриктивните мерки за КОВИД-19 се заоструваат?
ЏВ: Тешко е во вакво несигурно време на здравствена и економска криза да се имаат цврсти планови. Нашите планови се во иднина да се прошири редакцијата на Гласни идеи, а исто така и содржините на самиот подкаст. Но сепак тоа зависи од повеќе објективни фактори.
Нашата првична цел беше да се слушне гласот на обесправените и обезгласните во општеството. Полека но сигурно ја достигнуваме таа цел, бидејќи во нашите емисии се почесто гостуваат обични луѓе кои ги кажуваат нивните проблеми, кои даваат друга слика за реалноста од онаа посточката. Знаете, тешко беше на почетокот да убедиш обичен човек да гостува и да го зборува она што најмногу го тангира. Бидејќи овој трул систем толку многу ја има уништено самодовербата на луѓето, што тие самите не се сигурни во себе, имаат некој чуден страв дека не се компетентни да зборуваат на одредена тема. Но, таа бариера успешно ја надминавме, убедувајќи ги нашите гости дека ништо не е погрешно кажано, ако тоа има за цел остварување на нивните човекови права.
Втора наша цел беше тоа што ќе се каже да допре до масите, да народот слушне што имаат да кажат и обичните луѓе, да ја слушнат и нивната перцепција, да почнат да веруваат дека нивниот глас е важен во општеството и дека со кревање на тој глас почнува борбата за промена на овој систем, со нов подобар и похуман систем. И оваа наша цел се движи во посакуваната насока, бидејќи се повеќе луѓе го препознаваат подкастот.
Трета цел ни беше да се прошриме и во земјите од регионот, верувајќи дека на тој начин ќе ги зближиме народите од околните земји врз основа на класната свест и врз основа на истите проблеми со кои се соочува обичниот човек. Сега за сега нашиот подкаст допре до Албанија и Грција од каде имавме и соговорници. Ова е спротивно од она што го прави владеачката класа, додека таа шири национализам, нетрпение и стереотипи, ние пркосиме на национализмот, укажувајќи на тоа дека борбата на обичните луѓе е иста и дека треба интернационално да се води.
Заострувањето на мерките секако дека има негативен ефект од аспект на нашите активности, но сознанието дека веќе влеговме во економска криза ни е показател дека ќе треба да бидеме уште поактивни од сега, бидејќи по мејнстрим медиумите нема да се зборува за очајната состојба во која паѓа работничката класа.
Г: Што е тоа што и недостига на нашето општество и култура?
ЏВ: Ова е многу комплексно прашање, но ќе се потрудам сето тоа што недостасува во нашето општесто и култура да го сублимирам на кратко, поделено во три етапи.
Критичката мисла како основен недостаток.
Најзабележителен е недостатокот на критичката мисла и молчаливото прфаќање на цела реалност каква што е. Но немањето на критичката мисла е сепак производ на другите елементи кои недостасуваат. Тргнувајќи од самиот образовен процес па се до моментот кога човекот станува работник, е воден од погрешни вредности и цели во животот. Имено, самиот образовно-едукативен процес ги учи децата да бидат послушни и вредно да работат за да ги достигнат посакуваните животни услови, коешто учење не соодветставува со реалноста. Недостатокот во едукацијата не децата или погрешното едуцирање доведува до тоа децата да имаат погрешна претстава за стварноста, што пак резултира со немањето на критичка мисла. Самото немање пак на критичка мисла доведува до прифаќање на ова реалност и борба за себеснаоѓање во системот, што резултира со немање на емпатија, толеранција, разбирање, солидарност и чувство на припадност на класта. Наместо елементите кои недостасуваат, овој систем има наметнато искривени вредности, според кои, човек е отуѓен од сите други луѓе а и од себеси.
Насочување на критиката во правилна насока или препознавање на проблемот.
Постојат поединци кои до некаде се ослободиле од влијанието на системот врз нивната мисла, но тоа е далеку од потребното. Обично кај повеќето од овие луѓе постои критичка мисла, но таа не е насочена кон коренот на проблемот. Критичарите кај нас најчесто ги критикуват производите на системот кои ги препознаваат како негативни отколку самиот систем кој ги произведува. Критиката ја насочуваат парцијално кон одредена појава (корупција, нефункционално здравство, кршење на човекови права и слично), отколку кон главниот виновник – капиталистичкиот поредок.
Водење на активна борба
Во третата етапа би зборувала за оние кои ги надминале првите две етапи, односно поединци кои се свесни за реалните општествени проблеми и имаат развиено критичка мисла. Но на голема жалост пак, кај овие поединци недостасува акцијата, вмрежувањето и активното водење на борбата против капитализмот. Овие поединци најчесто не можејќи да се справат со гневот кој го чувствуваат и не можејќи да ги премолчат негативните појави, јавно се конфронтираат со владеачката класа, но тоа го прават преку социјалните мрежи и преку некои мали акции, со кои не и наштетуваат на владеачката класа, а со тоа повторно остануваат немоќни.
Сублимирано, на нашето општество и култура и недостасуваат, критичката мисла, препознавањето на коренот на проблемот и водењето активна борба.