Ѓорѓи Рајчиноски: „Реформа: Приватизација на правосудството“

Ако од нешто не отстапуваме како држава, тоа е дефинитивно принципот на неказнивост на високата корупција. Во Македонија може да се лежи во затвор за кражба на ќебапи, но за упропастување на државата никако.

Доколку ја тргнеме на страна фантастичната неспособност на кадрите на СДСМ во управувањето и раководењето со кој било општествен сегмент, на крајот останува само криминалот.

Бегството на Мијалков, а претходно и на неговиот братучед Груевски, е само еден кристално јасен доказ на фактот дека државата во оваа форма не е ништо друго освен една алатка на елитите за одржување на својата економска и политичка доминација.

Но она што најмногу иритира (барем мене) е тоа што повторно никој нема да понесе одговорност. Замислете, премиерот бил разочаран и бара одговорност!!!

Премиерот треба да практикува одговорност и под итно да го разреши министерот за внатрешни работи од функцијата и за 24 часа да се открие кој му помогнал на „Началникот“ да ја избегне одговорноста, со сите механизми кои што извршната власт ги има кај себе.

Да не се лажеме, ништо од горенаведеново нема да се случи бидејќи како и што слушнавме во последната бомба (разговорот помеѓу Заев и Верушевски), Заев верува дека Мијалков е деловен човек со кого може да се договори. И така би! Сѐ е полесно со стотици милиони евра.

За разлика од пристапот кон Мијалков, Груевски и сите ним слични, на процесите притив Мариглен Демири, Здравко Савевски и останатите кои учествуваа во протестите кога беше демолирана канцеларијата на Претседателот на државата и после 5 години не им се гледа крајот.

Е тука веќе државата е држава и мора до крај да ги расчисти случаите без попуштање. Или да сме поконкретни, Мариглен и Здравко немаат по неколку милиони евра со кои би си обезбедиле слобода. Арно ама на „демократата“ (како Заев милува за себе да каже) и на Љубомир Јовевски (јавниот обвинител поставен од СДСМ) не му текнало да се разочараат и да побараат одговорност од обвинителите кои и после 5 години ги влечат по судници (притоа нарушувајќи го начелото на фер судење).

Но што да се прави?

СДСМ дојде на власт со ветување на ПРАВДА и дека таквите како Мијалков, Груевски, Камчев и ним сличните ќе лежат во затвор за сите злодела кои ги направиле, како за арамилуците кон државата, така и за сите уништени животи на многу луѓе во државава кои се обидуваа да им  застанат на патот.

Но бидејќи е очигледно дека и после 4 години на власт, СДСМ нема ни милиметар поместување во позитивна насока во однос на ова прашање (напротив назадуваме во однос на корупцијата), мора да се најде решение кое ќе одговара и ќе биде соодветно на нашиот систем.

Имајќи предвид дека системот во кој што живееме е некој вид на екстремен феудо-капитализам и дека распродавањето на сѐ што е јавно е примарна цел, можеби ние треба да го приватизираме казнено правниот систем, по теркот по кој што се планираат (а во минатото се реализирале) сите приватизации.

На пример, лошата финансиската состојба на Пошта, Еурокомпозит, Македонски железници и уште многу други државни компании, настаната поради лошото раководење и управување во минатото (а и во сегашноста) нема да се решава со поставување со соодветни и стручни кадри, туку со продажба (приватизација) на истите. (Во тоа кој ќе ги купи нема да навлегуваме).

Доколку неспособноста на оваа Влада (како и на сите претходни) се решава со приватизирање,  со оправдување дека граѓаните би добивале поквалитетни услуги, тогаш многу логично би било да го приватизираме правосудниот систем.

Така можеме да ги приватизираме судовите, обвинителствата, правобранителствата. Голема придобивка е што веќе адвокатите, нотарите и извршителите се веќе приватни субјекти, па Владата нема да се „мачи“ и нив да ги приватизира.

Оттука, многу логично е дека овие институции ќе ги купат големи „претприемачи“ како Мијалков, Камчев, Панделевски.

Така барем ќе сме сите на чисто.

Од една страна тајкуните и de jure ќе си ги поседуваат овие институции, а друга страна Заев тогаш многу оправдано ќе може да бара одговорност од институциите.

А народот и неговите права? Тука ќе си се потсетуваме на Горан Стефановски и неговата „Лет во место“: Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив.

Ѓорѓи Рајчиноски

 

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

|2021-02-23T09:15:14+00:0023 февруари 2021|Актуелно, Вести, Став|