Деновиве нѐ потресе најавата за најнова образовна реформа во нашата татковина Османлиска Македонија. Имено станува збор за „Концепцијата за ново основно образование“ која ја работи една интелектулана камарила, чиј состав на нас обичната раја не ни е познат. Интересна новина за која сум уверен дека произлегла од напредната интелегенција, која напредувала низ разни невладини организации и курсеви за никнување на интелектуалци и експерти за сѐ, а за ништо подетално. Нивниот врвен квалитет и експертиза, силен како слана под ударот на сонцето во ноември, верувам дека ако ништо друго ќе генерира проблем, кој ќе ни помогне да се подобриме како општество.
Пред да зборуваме за реформата треба да имаме во предвид два базични факти. Финска спаѓа во рангот на земји кои вложуваат најмногу финансии во образование и наука. Имено таа одвојува 5 % од својот БДП за образование. Дури за периодот 2019-2026 година од страна на Владата на Финска, бил предложен буџет од 6.8 билиони евра за Министерството за образование и култура. Ние од друга страна во Османлиска Македонија издовјуваме дури 3.7 % од БДП за образованието. Подлабоко нема да навлеземе. Овој податок доволно говори за нашите рамништа, кои по сѐ изгледа, или барем како што на рефоматорите им изгледа, сме една рамнина во која ние паралено и еднакво живееме со Финска.
Во нашиот медиумски простор преовладува терминот реформа на постојното образование, но дали тоа навистина е така? Имплементирање на финскиот модел во суштина е воведување на целосно нов образовен систем. Трагедијата е во тоа што за ова никој јавно не говори, а го покриваат со превезот реформа. Што е спорно во ова? Сакале ние или не, моделот на образование е општествено стереотипен (еден модел на образование функционира само во едно општество), односно образовниот модел е дефиниран од целокупната производно економска опстојност на едно општество. За да замените модел на образование, треба да ги промените коренито општествено-економските и производните сили, кое тоа образование ги опслужува. Поинаку кажано треба да извршите промени на силите кои на тоа образование му овозможуват материјален простор за функционирање. Бидејќи очигледно е дека реформирањето во суштина е етаблирање на потполно нов образовен модел со свои карактеристики, тоа значи дека ни требаат потполно нови општествено економски и производни односи. Реалност која не верува дека им е јасна на гласноговорните на оваа идеја. Впрочем сите тие живеат во некаков фаталистички европски сон, спиејќи во скап кревет, кој власта им го доделила за нивната сервилност. За разлика од нив мнозинството од населението, а тука спаѓаат учениците и наставниците, кои пак спијат на рогузина постелена на тврдата македонска земја.
Ние кои што не сонуваме, но знаеме дека нашите училишта, нашите општествено економски односи, се една полна мизерија. Една идила каде што напоредно живеат современите неолиберлани дивеења на капиталот и феудалниот менталитет, кој се промовира и зајакнува кај населението. Колку населението е понеписмено, позависно од партиските вработувања, толку посилна е власта на фаталните сонувачи.
Да не заборавиме дека нас ова не ни е прва реформа. Си ги повторуваме низата неуспешни педагошки експерименти, кои ги има безмалку, колку што сме имале влади до сега. Во последниот период бевме во чекор со Кембриџ образованието, ама не она во Англија, туку она во Гана и Индија. Благодарноста за ова цивилизациско достигнување им го должиме можеби на истиот таков ков сонувачи но една друга не помалку кримоногена властела. Веројатно знаете дека секоја властела си има своја камарила, а некои камарили имаат по повеќе властели, зависно кој добива избори, овие одат да им ги обновуваат светите права дека се напредна интелегенција. Цело тоа израмнување со англиското образование, не чинише над 30 милиони наши пари, кои завршија во политички џебови. Директниот бенефит од тоа за нас рајата се дефинитивно образовно осакатените деца!
Финската реформа многу веројатно ќе почне и ќе ефектира со истото тоа образовно сакатење. Зошто? Пред сѐ поради неколку причини. Најпрво поради фактот што сѐ ова, се носи преку ноќ без соодветна анализа на на сите опстојни параметри. До ден денес ние рајата, меѓу кои има и стручни кадри, немаме на увид никаков елаборат. Немаме образложение за тоа како сѐ ова ќе влијае врз просветните работници. Дали МОН ќе гази преку судбините на стотици кадри, кои ќе имаат намалени примања или пак ќе останат без работа? Од друга страна кој ќе ги сноси последиците ако овој педагошки експеримент не успее? Се редат редица прашања, кои очигледно не допираат до соодветните институции, кои ни укажаат можеби суптилно, но сепак јасно дека до крај ќе ги спроведуваат реформите. Доколку мотивот е глупаво да ископираме и преведеме некој учебник и да склопиме програма која ќе ја предава несоодветен кадар, и се тоа да го наречеме образование, по еди кој си терк, тогаш горко и тешко на нас, а богами и на оној на кого се повикуваме. Оваа реформа само ќе ги наполни џебовите на издавачките куќи блиски до власта кои ќе печатат нови бескорисни учебници, кои веројатно некоја наредна власт повторно ќе ги отфрли. Треба повторно да доживееме да се оградат од нашето образование како што Кембриџ се огради од нашето „Кембриџ образование“?
За крај да разјаснам зошто во суштина го употребив терминот Османслиска Македонија? Во историјата постои еден концепт на реформирање кој се нарекува „Османлиски реформи“. Тоа се празни реформи, копии однекои други земји, кои не биле на исто рамниште со земјата во која се применуваат, а од друга страна пак земјата која ги применува нема намера преку нив и воопшто да се подобри и да го постигне нивото на земјата која ја копира. Целта на османлиската реформа е во суштина, носење на акти и одлуки, доделување средства на еди кој си џебови, а сѐ тоа да биде претставено како алиби – врв на европскиот прогрес. Во пракса тие реформи не постојат или се слабо изведени, но со сигурност може да се каже дека имаа квалитативна вредност на нула. Така се добива едно општество како нашето, во кое паралелно сме и модерни, но сме и најназадни по реалните опстојности. Ова беше карактеристика на нашата татковина кога таа се викаше „Трите вилаети“ односно „Османлиска Македонија“. Денес нашата татковина менталитетски па и економски гледано е на исто рамниште. Реформите во последниве три децении се типично османлиски, квантитативни а никако квалитативни. Од нив добробит имаат само оние кои ги смислуваат и оние кои обезбедуваат нужна инфраструктура за нивно остварување.
Образованието е поголемо од било која камарила. Од тука повикувам кон отфрлањето на оваа нетранспарентна концепција, да се приклучат сите здраворазумни и одговорни чинители на нашите засегнати професии. Партиски полтрони кои ги наполнија школите, од директорите на тие партиски установи, како и од неофицијално невладините, а де факто владините организации не ни се потребни. Интелектуалната камарила која поддршува сѐ владино и сѐ што им носи бенефит, која е стручна за сѐ, а за ништо подетално, барем сега во услови кога постојат илјадници стручни кадри, за момент треба да занеме! Јас како дипломиран историчар, а верувам и колегите нема да го прифатиме нивното мислење и нема воопшто да биде валоризирано, доколку тоа навлегува во нашите зони на стручно делување. Време е да се расчисти со османлиските практики во современоста!
Пишува: Васко Гичевски
Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.