Дијалог со Бојан Станиќ за сонот спроти Денот на ослободувањето на Битола од фашистите
Бојан Станиќ е млад активист познат низ алтернативните културни кругови во Скопје и во Битола. Тој се бори за можноста да се оствари простор необременет од стегите на главнотековната доминантна култура и простор ослободен од моралниот поредок на власта во оваа држава. Денес тој се согласи да ни го раскаже неговиот сон спроти будењето во слободна Битола.
Она што малкумина знаат е дека првите пушки за ослободување пукнале на 11 Октомври, 1941 година во Куманово и Прилеп и дека од тогаш е почната борбата за народни театри и во двата града. Во Куманово театарот кубири, а во Прилеп чека нова зграда…
Знаејќи дека борбата против фашистите, колонијалистите, андартите, балистите, милитаристите почнала од некој сон за слобода, ние сакавме Станиќ да ни го раскаже неговиот сон за слобода спроти оваа темна ноќ пред ослободувањето.
Никола Шиндре: „Станиќ, како е да се сонува за киното што го носело името „Партизан“, денес често изговорено и со грешен акцент, а кога е именувано означувало име и на борец за слобода, братство и единство и класна правда?“
Бојан Станиќ: „Па, дел од тој простор во еден момент беше стриптиз клуб наречен „Капитол“, така да имињата се очигледно флуидна категорија и јас не се врзувам многу за нив.
Тоа што ни е потребно е слободен простор каде би можеле да се изразуваме, без разлика дали тоа било старо кино со име „Партизан“, екс-ноќен клуб „Капитол“ или ќе се работи за некои други ѕидови и кров.
Најважни се луѓето и идејата, сега и тука. “
Н. Ш. Што сонуваш ти кога сте таму собрани неколкумина млади во едно исто време и простор? Како сонуваш за тој простор? Како изгледа тој простор во твојот сон и што се случува?
Б. С. Сонот е независен културен центар кој физички и програмски би го изградиле со сопствени раце, притоа имајќи целосна автономија и одговорност за нашите постапки.
Секако, пак би сакал да напоменам дека сонот не ни е врзан за конкретен простор или иницијатива, туку постои независно од околностите т.е. сè додека има желба и потреба за слободен простор, сонот ќе продолжи да постои.
Н. Ш. Викаат дека не е зградата она што го исполнува просторот, но луѓето во него. Како сметаш дека во иднина треба да се исполни тој простор? Кој ќе се грижи за него и како?
Б. С. Токму во таа насока ми беа и претходните одговори, и пак ќе повторам: најважна е екипата и идејата.
Просторот треба да се исполни со сè она што значи жива култура, без разлика дали се работи за музика, филм, возење скејт, литература, бмх, театар или нешто седмо, и без разлика на комерцијалната привлечност на содржините. Исто така треба да е инклузивен за сите оние кои се на маргините, без простор за омраза.
Што се однесува до грижата за просторот, нормално тоа останува на оној кој го користи. Не може да се бара слобода, без да се преземат одговорностите кои ги повлекува таа слобода.
Н. Ш. Идејата за јавното се гради низ приказните што се градат за просторот во кој што се наоѓаат луѓето што ги живеат. Каква приказна сакате да изградите за ова кино?
Б. С. Би сакале да изградиме приказна преку која покажуваме дека сè што е потребно е малку волја и дека можеме самите себеси да си помогнеме, земајќи го тоа што ни треба, без да очекуваме ништо од никого. (а со тоа исто така и да не зависиме од никого)
Понекогаш за да се случат убави работи е потребен само мал leap of faith .
Н. Ш. Маргиналците имаат поголемо право да се гласни. Гласот од таму мора да е со голем интензитет за да биде чуен. Како да ве чуе власта?
Б. С. Немаме интерес да не чуе никој, ниту сакаме да молиме некого кој е во позиција на моќ. Тоа што го сакаме е да изградиме мрежа на меѓусебно помагање каде што заедницата ќе си помогне самата на себеси.
Доста е очекување и барање некој да нè спаси.
Н. Ш. За да стане сонот јаве треба да се разбудиме, а за да ја пречекаме пролетта треба да се подготвиме за зимата. Сонот е убав, но како да го промениме кошмарот во кој што живееме?
Б. С. Мислам дека не може да постои готов блупринт и рецепт за подобро утре кој само треба да го следиме.
Затоа според мене, сè што можеме да направиме е да се трудиме да носиме одлуки во духот на светот кој сакаме да го изградиме, да учиме од грешките и меѓусебно да се издигнуваме, па по некое време, пролетта сама ќе си дојде.