Знаеме дека климатската криза ќе изврши огромен притисок врз нашите општества и начинот на живот. Многу луѓе на планетата веќе ги чувствуваат овие притисоци и поранливите од нас ќе се соочат со уште поголеми тешкотии. Сушата, порастот на нивото на морето и други предизвици поврзани со климатската криза веќе принудија значаен процент од населението од глобалниот Југ да се одцепи од своите огништа во потрага по подобар живот на друго место. Научната заедница е поделена по ова прашање бидејќи некои предвидуваат дека бројот на „климатски мигранти“ значително ќе се зголеми во наредните децении, додека други тврдат дека ваквите бројки се преувеличени. Во меѓувреме, зголеменото влијание на десничарскиот политички наратив се очекува да ги направи миграциските политики многу построги ширум светот и уште повеќе да ги отежни животите на оние кои што бараат засолниште.
Луѓето можат да се најдат на сите страни на земјината топка и да живеат во различни екосистеми користејќи ги различните природни ресурси што им се достапни. Така е со милениуми. И покрај нашата застапеност насекаде, неодамнешната студија објавена во Зборникот на Природната Академија на Науките (САД) откри дека човечките суштества живееле и напредувале во доста тесен опсег на клима на Земјата, односно на просечна годишна температура од околу 13°C. Така било во изминатите 6.000 години.
Студијата предвидува дека несправувањето со климатските промени ќе ги зголеми просечните годишни температури на опасно високи нивоа во делови од светот кои што се населени со милијарди луѓе. Ова може да го очекуваме уште во 2070 година, бидејќи температурниот опсег за неколку децении ќе се зголеми повеќе отколку што се има зголемено во изминатите шест милениуми.
Во моментов, околу 1% од површината на Земјата се карактеризира со просечна годишна температура од околу 29°C, претежно во пустината Сахара. Ако продолжиме да испуштаме стакленички гасови без опаѓање (RCP8.5), оваа „едвај населлива топла зона“ може да се прошири на 19% од површината на Земјата, изложувајќи 3,5 милијарди луѓе на опасно високи температури. Луѓето кои живеат во овие региони се едни од најсиромашните и најранливите во светот и [претежно заради колонизацијата од страна на глобалниот Север во текот на вековите] имаат пониски капацитети да се прилагодат на ваквите промени.
Друга студија од 2017-та година открила дека до 2100-та година делови од Индија и Источна Кина би можеле да доживеат топлотни бранови толку смртоносни што едноставно излегувањето надвор за неколку часа „ќе резултира со смрт дури и за најздравите луѓе“.
Луѓето ја завземаат оваа зона од 13°C во последните 6.000 години од различни причини. Таа е идеална климатска животна средина за мало земјоделство кое храни половина од глобалното население. Откриено е дека високите температури имаат негативно влијание врз физичкиот капацитет на трудот, расположението, однесувањето и менталното здравје. Една студија исто така открива дека климатските состојби во оваа зона обезбедуваат и оптимални услови за економска продуктивност.
Па, како ќе се прилагоди човештвото додека местата во кои живееме стануваат сè потопли, посуви и потешки за живеење?
Како што се влошува климатската криза, луѓето се’ повеќе се исправени пред големи предизвици; поплави предизвикани заради зголемувањето на нивото на морето или заради силни непредвидливи невремиња, пропаднати земјоделски практики заради обемна суша и екстремни топлотни бранови и др. Овие фактори, заедно со сложената мрежа на други еколошки и социо-политички проблеми ги принудуваат луѓето да ги напуштаат своите домови и да го продолжат својот живот на друго место, особено ако немаат пристап до алатки и поддршка за прилагодување на ваквите екстремни промени.
Веќе гледаме дека големи делови од глобалниот Југ кои заради климатските промени стануваат се’ помалку продуктивни (на пр. во однос на одгледување храна и заработување за егзистенција), се доведени до тоа многумина да се преселуваат во градовите и урбаните средини во рамките на нивните земји, мислејќи дека таму е полесно да се заработи за живот. Животот во овие градови обично не ги исполнува нивните очекувања. Потешко е да се најде работа, трошоците за живот се многу повисоки и високите нивоа на криминал честопати ги наведуваат луѓето да размислат за следниот, поекстремен чекор; преминување на границите.
Научни предвидувања за климатска миграција
Постојат неколку студии кои се обидуваат да го измерат нивото на очекувана климатска миграција во следните неколку децении, а предвидувањата се движат од стотици милиони до милијарди луѓе. Многу тврдат дека ваквите предвидувања се комплексни со оглед на мноштвото сложени фактори што можат да го натераат некој да одлучи да ја напушти својата земја. Во многу случаи врската помеѓу климатските промени и миграцијата можеби не е секогаш кристално јасна.
На сегашната масовна миграција од Сирија и’ претходеше најголема суша во регионот на Плодната Полумесечина во изминатите 900 години. Бидејќи земјоделството стана практично невозможно, милиони Сиријци избегаа во градовите што доведе до зголемени тензии. Студија од 2010-та година исто така открива дека периоди на суша во Мексико довеле до зголемена миграција во Соединетите Американски Држави.
Без оглед на се’, се чини дека постојат тензии дури и во однос на анализирањето на климатската миграција во рамките на научната заедница заради комплексноста на проблематиката. Мартин Шефер, еден од авторите на неодамнешната студија за Зборникот на Националната Академија на Науките, за Њујорк Тајмс изјави дека од неговиот тим било побарано да ја минимизира “можноста” за климатска миграција како резултат на промена на средните годишни температури во текот на следните децении. Тој верува дека заради ова, објавеното истражување „само површно се бави“ со климатската миграција.
Сепак, веројатно најпроблематичниот аспект на различните веројатни исходи од студиите за климатска миграција е тој што ја претставува истата како безбедносен ризик за западниот начин на живот, познат и како „секјуритизација“. Овој наратив создава широко распространето оправдување за зацврстување на границите низ глобалниот Север, како што се оние на ЕУ, САД и Австралија.
Климатската криза, миграцијата и мобилноста
Начинот на кој реагира глобалната заедница на климатската криза буквално може да значи живот или смрт за стотици милиони луѓе. Побогатите нации имаат одговорност да им помагаат на посиромашните во прилагодувањето на влијанијата од климатскиот колапс и да обезбедат засолништа и можности за раселените лица, особено затоа што најголемиот дел од одговорноста за климатската криза лежи во развиените земји.
Справувањето со кризата без натамошно одложување е од најголемо значење. Дозвлувањето планетата да се загрее до 2°C наместо до 1.5°C изложува неколку стотици милиони луѓе повеќе на ризици поврзани со климатската криза и сиромаштија до 2050-та година.
Промената на начинот на кој научната заедница ги спроведува своите истражувања околу прашањето за климатската миграција може да има позитивно влијание врз начинот на кој креаторите на политики се справуваат со овој проблем. Ова вклучува разбирање дека миграцијата не е безбедносен ризик, туку е реалност на човештвото во текот на изминатите илјадници години и е сега и поверојатно дека ќе се зголемува бидејќи нашиот свет станува се поповрзан. Истражувањата треба да се фокусираат на разбирање на комплексноста и односите помеѓу климатската криза и движењето на луѓето. Истражувањата исто така мора да вклучуваат и знаење и искуства на засегнатите заедници и домородното население за да се обезбеди посилна база на докази и да се обезбедат подобри исходи при дизајнирањето на политики со фокус на домородните права, како и правата на локалните заедници и човековиот развој.
Миграцијата исто така треба да се смета за корисна за заедниците кои примаат мигранти, особено ако таа соодветно се третира за да се избегнат или во најмала рака, да се минимизираат тензиите. Повеќе мигранти можат да придонесат многу во развојот на земјите во кои доаѓаат, но тоа може да се случи само доколку тие земји реагираат позитивно кон миграцијата. Ова значи инвестирање и подготвување на заедниците со високи морални вредности со цел да се избегне создавање на напнатост и проширување на јазот во нееднаквоста.
На крајот на краиштата, резултатите од миграцијата во голема мерка зависат од тоа како реагираат земјите-приемници и региони на тоа. Проактивното справување со климатската криза и миграцијата ќе доведе до поголема отпорност, намалување на сиромаштијата и мир. Недостаток на акција кон кризата, заедно со агресивен став кон миграцијата ќе создаде поголема несигурност во одгледување на храна, продлабочување на сиромаштијата и на крај, повеќе човечко страдање.
Климатски Набљудувач / The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.
Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова
Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.