Многумина не се задоволни од животот што го живеат. Не е тоа добар живот. Куќа – работа, работа куќа, како што поентираше подзаборавениот хит на Екрем Јевриќ. На работа експлоатирање, малтретирање, висење над глава од страна на шефот или газдата, за плата која не се смета за доволна, ниту за праведна. Дома – истото та истото. Тепање на времето, вртење канали по телевизорот, скролање на фејсбук тајмлајнот, расправање со домашните за неважни работи. Издувен вентил еднаш годишно на одмор, каде исто така се тепа времето, висење по кафулиња/ресторани/кооперации, акање по продавници, вртење на истите муабети, бесцелно бистрење политика. Се живурка. Не само во материјална смисла, т.е. во смисла на едвај врзување крај со крај во месецот, туку и на психички план: секој ден е ист како претходниот, а јадењето и дишењето се едни од ретките индикатори дека сепак се живее. Поточно, дека се вегетира, а не дека се живее.
Многумина се незадоволни од животот што го живеат. Посакуваат да дојде до промена. Повисока плата, поинтересен живот, понормална држава. Посакуваат пристоен живот, средена и функционална држава, да нема ѓубре насекаде по улици. Ама… Зошто ако не се задоволни од сопствените животи, зошто кога сакаат промени, не се потрудат да ги издејствуваат тие промени?
Има две причини зошто е така. Првата е постоењето на консумеристичка политичка култура. Кој треба да му го промени животот на подобро на оној што не е задоволен од сопствениот живот, а кој има ваква политичка култура? Другите, не тој самиот. Согласно неговата перцепција на работите, тој смета дека негово право е да добие поволни резултати, а обврската е на другите (државата, партиите, синдикатите, газдата) да го снабдат со тоа. А кога нема да го добие она што го посакува (а ретко е така), тој чувствува дека има право да биде незадоволен и да ги обвинува за корумпираност и неспособност. Но, во таквите моменти нему ниту на крај памет не му паѓа дека тој треба повеќе да се ангажира самиот во јавните работи и на работното место ако сака да добие поповолни резултати за себе.
Овој пристап кон јавните работи е очигледно утописки. Нема унапредување на правата и интересите без сопствен ангажман. А кога го нема сопствениот ангажман, кога властодршците и капиталистите ќе бидат оставени без контрола, само зашто кажале дека ќе работат во корист на оние под нив, тогаш, се разбира, тие нема да го направат она што го кажале и непречено ќе си го бркаат личниот интерес. Но зошто, и покрај огромниот број примери дека консумеристичкиот пристап кон јавните работи не доведува до подобрување на ситуацијата на многумината што посакуваат подобар живот, тие не свртат нов лист? Кога еднаш ќе ме излажеш, срам да ти е. Кога двапати ќе ме излажеш, срам да ми е. Зошто ова не функционира во реалноста за многу луѓе? Зошто, и покрај бројните примери на злоупотреба на моќта и празни ветувања, многумина не се трудат самите да преземат нешто за да си ја подобрат ситуацијата?
Тука доаѓаме до втората причина зошто многумина се подготвени да си тераат со живуркањето, и покрај тоа што не се задоволни ниту од сопствениот животен стандард ниту од квалитетот на животот. Животот што тие го живеат за нив е прифатлив живот. Тој воопшто не е сјаен, не е ниту добар – лош е, сив е. Но, е прифатливо лош, се тера, се врзува крај со крај, претставува нешто што може да се прифати како основен минимум, како помало зло. Не е дојден ножот до коска. Далеку од тоа. Колку пари толку музика? Така испаѓа работата. Со толку низок ангажман во борбата за сопствените права и достоинство тоа е животниот стандард и квалитет на животот што се добива. И… за многумина тоа е сосема прифатливо. Луѓето што се задоволиле со прифатливиот живот се мртви души, живи сенки, тие немаат идеали, кренале раце од стремежот да се подобрат, не се подготвени да ги променат навиките и одбиваат да се борат за подобар живот. Зашто нивниот живот можеби не е пристоен, не е достоинствен, лишен е од оној квалитет на животот што го прави животот достоен за живеење на еден Човек, но од друга страна тој и не е така лош. Задоволени се минималните потреби, не се гладува, се има покрив над главата, се има пари за малограѓанско и консумеристичко арчење на времето.
Кога човек ќе заглиби во прифатливиот живот, кога не сака и одбива да се потруди да се бори за пристоен живот и кога тоа ќе стане масовна појава во едно општество, тогаш настанува такво мртвило на ниво на цело општество во кое има само кукање, но не и борба, само чекање на готово, но не и организирање и делување.
Што може да ја раздрма ваквата состојба? Веројатно само падот на животниот стандард под нивото на прифатливиот живот. Веројатно сѐ додека не биде Ѓорѓи од сите страни сардисан, тешко дека ќе се побуни. Но, можно е и тоа да му се случи на Ѓорѓи, во контекст на надоаѓачката економска криза. Застоеноста на воздухот во средината каде луѓето избираат да живуркаат наместо да живеат создава впечаток дека работите ќе си останат исти до недоглед. Но, иднината често крие изненадувања, особено за малограѓанинот.
Автор: Здравко Савески