Толку долго сум била тажна што ме запрепасти,
огромната жолта месечина
плавната како медена роса
на острицата од ридот,
дебела и неумолива
се колебаше таму колку можеше,
а потоа го почна — кој ќе ѝ замери —
своето бавно лизгање.
Како да требаше да ми покаже што недостасува.
Како светот да прашуваше, Ќе научиш ли
да стоиш крај оваа болка?
Не, реков,
посакувам да е мртва.
Реков не. Но светот
рече да.
Оригинал: “I had been sad for so long that it shocked me,”, Ruth L. Schwartz, 2013
Препев: Грација Атанасовска