Триесет години во Македонија се менуваат работите – за да не се променат. СДСМ на власт, па ВМРО-ДПМНЕ, па пак првите па пак вторите… Ниту е тоа случајно ниту пак Македонија е некаков исклучок од правилото. Како типична земја од периферијата на капитализмот Македонија има корумпирани партии на власт. И не се работи за тоа дека ние едноставно сме немале среќа со политичарите, дека тие биле исклучително способни лажови, па пред избори едно кажувале за потоа на власт друго да прават. Системот го прави можно вршењето на власта само од страна на корумпирани политичари кои преку обезбедувањето поволна законска регулатива и раздавањето јавни пари преку тендери ги канализираат парите до џебовите на капиталистите. И сѐ додека системот не биде променет, само корумпирани партии во служба на капиталот ќе ја вршат власта.
Но, зошто да не можат да се тргнат од власт корумпираните партии? Нели имаме многу партии, зошто наместо за досегашните, да не гласаме за новите, за оние што се немаат извалкано?
Зашто постоењето повеќе партии не е никаква гаранција за постоењето избор на изборите. Повеќепартизмот може да не биде ништо повеќе од само корисна алатка за креирање илузија дека работите се поинакви одошто се. Прво, зашто го прикрива вистинскиот локус на економска и политичка моќ. Луѓето мислат дека партиите се тие што владеат, а тие всушност се само посредникот (proxy) на владеењето на капиталот. Второ, партиите исто така имаат улога на пренасочувач и амортизер на народното незадоволство. Кога луѓето ќе станат незадоволни од сопствената економска состојба, од недостигот на демократија и правна држава, од корупцијата (сето тоа речиси без исклучок извршувано во интерес на крупниот капитал) – настрадува дадениот политичар на власт. Тогаш на негово место се „избира“ „од страна на граѓаните“ нов политичар – што ќе го продолжи спроведувањето политики во интерес на крупниот капитал. Како награда за сето ова политичарите добиваат дел од колачот и всушност за тој дел тие се борат едни со други. А поголемиот дел од колачот завршува кај крупниот капитал. Неговото владеење е во сенка, потешко е да се забележи, но токму затоа е поефикасно.
Кога капиталот ќе успее да воспостави контрола над економскиот и политичкиот живот на една земја, не капиталистите се со секоја власт, туку секоја власт е со капиталистите. Тие ја воспоставуваат својата контрола над партиите преку моќта на парите. Купуваат политичари со тие пари. Но, и повеќе од тоа. Преку нив градат систем што ќе биде отпорен на предизвикувањето преку правењето од политиката „скапа играчка“. Ако без пари не може да се води политиката, тогаш неа ќе ја водат оние што имаат т.е. што ќе добијат пари. Ако тоа се правилата на игра, партијата која не располага со значителни финансиски средства станува невидлива за гласачите и нејзе ѝ е отворен патот кон маргинализацијата. А кога тоа не е доволно, капиталот работи на маргинализација на партијата што го предизвикува неговото владеење преку дополнителен прилив на пари до партиите под негова контрола (за тие да ги употребат своите ресурси против таа партија), како и преку медиумски бојкот од страна на медиумите што се во рацете на капиталот. И, се разбира, диспропорцијата во финансиски средства се користи за поткопување на партијата предизвикувач на статус квото преку поткупување на нејзини истакнати поединци, дискредитирајќи ја неа во очите на поддржувачите. А кога таа партија веќе ќе го изгуби потенцијалот да ја предизвика моќта на капиталот, тогаш таа може добро да послужи како декор на системот, надополнувајќи ја илузијата дека имало демократија и суштински повеќепартизам без разлика што зборува против него.
Кога капиталот ја контролира политиката, може да постојат повеќе партии, но отсуствува реален избор, зашто сите партии или му служат на капиталот или се подготвени да му служат. Тогаш повеќепартизмот е илузија, привид за тоа дека постои избор. Која и да биде партијата што ќе биде на власт, капиталот ќе владее. Корисен пример за тоа како повеќепартизмот може да биде сведен на алатка за прикривање на реалниот центар на моќ претставува постоењето на сличен илузионистички повеќепартизам во повеќе држави во кои власта ја имаа (а некаде сѐ уште ја имаат) комунистичките партии. Иако под влијание на капиталистичката пропаганда многумина мислат дека во овие држави постоела само една партија, во многу случаи тоа нe било така. Во многу од нив, покрај комунистичките партии, имало и други партии. Така било во Бугарија, Чехословачка, Полска, Источна Германија, Виетнам. Така е и денес, во Кина и Северна Кореја. Во Кина, покрај комунистичката, има уште осум партии, кои владеат заедно со неа, а во Северна Кореја има три партии.
И исто како што фактот што во овие држави постоеја/постојат повеќе партии не го негира фактот дека таму власта беше/е сконцентрирана во комунистичката партија, така и во капиталистичките држави голиот факт на постоење повеќе партии не може да се смета за доволна причина да се тврди дека навистина постои повеќепартизам, демократија, избор и дека сето тоа не е само смоквин лист за прикривање на вистинската власт – таа на капиталот преку партиите кои нему му служат.
Кој е излезот од таквата ситуација? Сигурно тоа не е да се појавиш на гласање кога твоето право е да извршиш избор помеѓу 10-15 партии помеѓу кои нема вистинска разлика. Кога нема вистинска разлика, може и 50 исти партии да учествуваат на изборите, пак ќе биде исто. Постоењето на избори нужно не значи дека постои и избор.
Кога капиталот ја контролира ситуацијата во земјата, кога изборите не можат да произведат резултат кој ќе го предизвикаат и разнишаат владеењето на капиталот, тогаш системот може да се вика и демократија, но во него не владее народот, туку капиталот. Во него народот е обезвластен.
Тешко е соочувањето со фактот дека сме обезвластени. Но игнорирањето на обезвластувањето и самозалажувањето дека не сме обезвластени – само го перпетуира обезвластувањето. Ако сакаме да исчекориме, да имаме реална моќ и да создадеме иднина во која нема да бидеме лажени, газени, експлоатирани, осиромашувани, тогаш патот не е гласањето на изборите со привиден повеќепартизам кои го прикриваат владеењето на капиталот. Патот е спознавање на суштината на проблемот, утврдувањето на решението за него, организирањето и спротивставувањето.
Да, може една од стратегиите на разбудениот народ да биде и учество на избори. Но само кога ќе се создаде партија која не само ги застапува неговите интереси, која само од страна помага среде морето пасивност и готованство, туку партија која органски ќе произлегува од самиот експлоатиран и потиснат народ, кој ќе биде подготвен да ја вложи својата енергија, надеж и верба во неа. Само тогаш учеството на изборите нудат избор за потиснатиот и експлоатираниот и само тогаш тој може преку избори да издејствува промени кои нема да бидат само козметички.
Автор: Здравко Савески