„Метахуманистички манифест“ од Хаиме дел Вал и Стефан Лоренц Сорњер

1. Што е метахуманизам? Метахуманизам е критика на некои од основните премиси на хуманизмот како на пример слободната волја, автономијата и супериорноста на aнтропои поради нивната рационалност. Метахуманизмот го продлабочува погледот на телото како поле од релационални сили во движење и на реалноста како отелотворен иманентен процес на постанување што не нужно завршува во дефинирани форми или идентитети, но може да се развие во бескрајни аморфогенези. Чудовиштата ветуваат стратегии за изведување на овој развој подалеку од хуманизмот.

2. Светот како релационален комплекс – Метачовекот како Метатело: Метахуманистичката критика предлага продлабочување на сфаќањето за реалноста како поле на релациски тела или метатела во променлив и конститутивен однос. Оттука, ние се обидуваме конечно да ја надминеме Картезијанската поделба помеѓу телото и умот, објектот и субјектот, предложуваме поглед на умот како отелотворен релациски процес, и на телото како релациско движење што оперира од молекуларните и бактериските, низ индивидуалните и физичките, до социјалните, планетарните и космичките нивоа и низ други димензии на искуство. Нема можност да се мапира тоталитет или ограничувања на силите што создаваат метатело и нема крајна надворешност за нив, сепак тие може да гравитираат околу јазолни точки што се сметаат за иманентен перспективизам и формирањето, ниту за релациите на моќта.

3. Кон заедничко релациско тело: Традиционално релациoналноста се развивала или подлежела на различни системи на интензивни регулативи. Во современиот капитализам на афекти релационалноста станува сè поподлежна на контрола низ технологиите што произведуваат глобални стандардни афекти со дистрибуирање на дискретни кореографии. Панкореографијата е биополитичкиот мета-систем на контрола во кој што метателата превентивно се усвоени. Tреба да се покажат можностите за повторно прифаќање и редефинирање на технологиите на постанувањето.

4. Кон политики на движење и радикален плурализам: Радикалната плуралистичка политика е непатерналистичко движење што работи низ моќни структури за да ја избегне ретоталитаризацијата на политиката. Тоа не цели кон идеална конечна состојба, туку ја потенцира потребата за перманентно надминување на современите предизвици што се појавуваат од потребата низ комбинирањето на иманентизмот предложен од метачовекот со перспективизмот на пост-човекот, потенцирајќи ја важноста на движењето наспроти идентитетот.

5. Метачовекот како постанатомско тело: Предлагаме да ги преиспитаме анатомиите, формите, картографиите или идентитетите што го конституираат хуманистичкиот концепт на антропос и технологиите што создаваат такви репрезентации. Анатомијата, како карта на човечките и социјалните тела може да биде артикулирана само од надворешна перспектива на телото. Ја предиспитуваме Картезијанската поделба што нè ситуира како надворешни субјекти на објективна реалност и на други субјекти. Со прифаќање и субверзирање на технологиите на перцепција можеби ќе ја раствориме состојбата на надворешност и со тоа анатомијата и судбината на телото, не поради нова анатомија, туку поради постанатомско тело. Метахуманизмот предлага естетика на аморфното земајќи ги метамедиумот, метаформирањето и метаформативот како можности за конечно редефинирање на сетилните органи.

6. Металуѓето како метасексуалци: Метасексуалноста е продуктивна состојба на дезориентација на желбата што ги предизвикува категориите на половиот-родовиот идентитет и сексуалната ориентација. Метателото не може да се категоризира со термините на морфолошкиот пол или род, туку повеќе е аморфогенеза на бесконечно можни полови: микрополови. Тоа е постквир: ние ги надминавме сфаќањата на родот како перформатив. Метаполот не само што ја предизвикува диктатурата на анатомскиот, гениталниот или бинарниот пол, туку и ограничувањата на видовите и интимноста. Пансексуалноста, јавниот секс, полиаморијата или доброволната сексуална работа се средства за редефинирање на сексуалните норми во отворени полиња на релационалност каде што модалитетите на афектите ги реконфигурираат ограничувањата на сродството, фамилијата и заедницата.

7. Редефинирање на науката и знаењето: Иманентизмот и преспективизмот нема потреба да се самоконтрадикторни концепти –ги задржуваме и двата! Сепак, ја предлагаме потребата за внесување на иманентноста во производството на знаење и ревизијата на постоечките структури. Перспективите се контингентни јазли низ слоевитите интензитети на метателото. Предлагаме двете да експлодираат и да се разложат постоечките слоеви и да се движат низ јазлите реконфигурирајќи ги перспективите како и иманентноста.

8. Кон релациска екологија – метахуманистичка етика: метателото треба да биде сфатено како самоодржливо релациско тело што ги вклучува антропоите, другите видови, технологијата и животната средина. Метахуманистичката етика отворено навестува форми на интеракција што ја отфрлаат перманентната супериорност на некоја сила над други, така што одреден ненасилен еквилибриум повторно и повторно се создава.

9. Кон трансформација, аморфогенези и итно станување металуѓе: нема потреба да се разликува помеѓу процедурите на генетското подобрување и класичното образование. Двете се потпираат на безвремените дистинкции или употребуваат дадени репрезентации на нормативен режим што не се универзални, но тие се резултат на патерналистичките политички технологии на афективното производство. Процесите за промени кај метачовекот ги разбираме како постоечки видови на аморфогенези на релациското тело, сите тие еднакво подлежат на актуелна критика.

10. Што е метачовек? Метачовекот не е ниту стабилна реалност, суштина или идентитет, ниту утопија, туку е отворен сет на стратегии и движења во сегашноста. Тоа ја имплицира потребата да се детериторијализираат слоевите на моќ и насилство и да се поттикнат нови форми на отелотворена релационалност со произведување на гранично тело што оперира со постоечките граници и ги редефинира. Едно микро-истражување ги вклучува генеологиите на телата, движењата и афектите со цел да се предизвикаат постоечките режими и произведувањето на нови форми на отпор и итност.

 

Извор: Ничеански округ

Превел: Никола Шиндре

|2020-05-24T09:33:42+00:0024 мај 2020|Актуелно, Култура, Свет, Став|