Со овој антиманифест на Алисон Ескаланте редакцијата на „Гласник“ ја отвора рубриката „Конгрес“ која што за цел ќе има да ја објавува мислата на прогресивните квир критичари и теоретичари на нашето општество. Со ова сакаме да ги охрабриме оние кои сакаат да ги полемизираат расата, класата, родот и сексуалноста да пишуваат и да расправаат за идеите за подобро и поправедно општество за сите.
Алисон Ескаланте е млада теоретичарка која што неколку пати ја има разбранувано јавноста со дел од своите текстови. Овде ќе го објавиме и нејзиното дополнување на овој антиманифест кое излегло подоцна како дообјаснување на забелешките упатени во однос на недостатокот на посериозна и посеопфатна материјалистичка анализа. Ова четиво не е идеално, но сметаме дека е важно за објавување за да се развијат посеопфатни дискусии и кај нас.
Оваа рубрика ја отвараме на 17 Мај – Меѓународниот ден на ЛГБТИ заедница, но би сакале нашата редакција почесто да добива разнолики размисли за да може да се развијат качествени дискусии.
Критиката на Алисон Ескаланте за потпирањето на транс заедницата на родовиот есенцијализам и предлогот за радикално негирање на решението за родовото отуѓување и опресија
Родов нихилизам: антиманифест
Вовед
Ние сме во ќор-сокак. Актуелните политики за транс ослободување се приклонија кон искупувачко поимање на идентитетот. Без разлика дали преку дијагноза од доктор или психолог или преку лично самопризнавање во форма на социјален исказ, ние веруваме дека има некоја внатрешна вистина за родот којашто ние мора да ја откриваме.
Бесконечна низа од позитивни политички проекти го трасираше патот кој ние денеска го одиме, бесконечна низа од заменки, знамиња на гордоста и етикети. Сегашното транс политичко движење се обидува да ги прошири родовите категории, со надеж дека ќе може да ја ублажи нивната штета. Оваа позиција е наивна.
Џудит Батлер реферира на родот како: „Апарат со кој се врши производство и нормализација на машкоста и женскоста, заедно со интерцијалните облици на хормоналното, хромозомското, психичкото и перформативното што родот ги презема“. Ако сегашните либерални политики на нашите транс другари и браќа и сестри се вкоренети во обидите за проширување на општествените димензии што овој апарат ги создава, тогаш нашата работа е барање со цел тие да се срушат до темел.
Ние сме радикали кои доволно се обидуваа да го спасат родот. Не веруваме дека тоа ќе ни помогне. Ja гледаме трансмизогинијата којашто сме ја доживеале, родовото насилство со коешто нашите другари, транс и цис, се имаат соочено и сфаќаме дека самиот апарат го прави тоа насилство неизбежно. Доста ни е.
Не се трудиме да создадеме подобар систем затоа што ние воопшто не сме заинтересирани за позитивните политики. Сега бараме само немилосрден напад на родот и модалитетите на социјалните значења и разбирливоста што ги создава.
Во сржта на родовиот нихилизам лежат неколку принципи кои ќе бидат истражени тука: антихуманизмот како основа и камен-темелник, укинувањето на родот како барање и радикалната негативност како метод.
Антихуманизам
Антихуманизам е камен-темелник врз кој почива анализата на родовиот нихилизам. Тој е клучна точка од каде што почнуваме да ја сфаќаме нашата моментална ситуација. Под антихуманизам подразбираме отфрлање на есенцијализмот. Не постои есенцијално човештво. Не постои човечка природа. Нема трансродно себство. Да се биде субјект не значи да се дели метафизичката (онтолошката) состојба на битието, битисувањето со други субјекти.
Себството, субјектот е производ на моќ. „Јас“ во „Јас сум маж“ или „Јас сум жена“ не е „јас“ што ги трансцендира тие искази. Тие искази не ја откриваат вистината за „јас“, туку го констатираат. Маж и жена не постојат како етикети за одредени метафизички или есенцијални категории на битието, тие повеќе се дискурзивни, социјални и лингвистички симболи што се историски условени. Тие еволуираат и се менуваат низ времето. Нивните импликации отсекогаш биле детерминирани од моќта.
Она што сме ние, самата срж на нашето битие, можеби нема да се најде во категоричкото подрачје на битието воопшто. Себството е конвергенција на моќ и дискурси. Секој збор што го користите за се објасните себеси, секоја категорија на идентитет во којашто го наоѓате вашето место е резултат на историски развој на моќта. Родот, расата, сексуалноста и секоја друга нормативна категорија не упатува на вистината за телото на субјектот или за духот на субјектот. Овие категории го конструираат субјектот и себството. Нема статично себство, нема конзистентно „јас“, нема субјект што ја преминува историјата. Можеме само да реферираме на себството со јазикот што ни е даден и тој јазик радикално се менувал низ историјата и продолжува да се менува во нашиот секојдневен живот.
Ние не сме ништо повеќе од конвергенции на многу различни дискурси и јазици кои се сосема надвор од нашата контрола, но сепак го искусуваме нивното делување. Ние се движиме низ овие дискурси, повремено ги поткупуваме/субвертираме, но тие секогаш преживуваат. Способноста да се движиме низ нив не укажува на некое метафизичко себство што делува поради чувството дека треба да делува на агенс, туку само укажува на симболичката и дискурзивната лабавост на нашата конститутивност.
Па така, ние го разбираме родот низ овие термини. Ние го гледаме родот како сет од дискурси кои се дел од медицината, психијатријата, општествените науки, религијата и нашите секојдневни интеракции со другите. Ние не го гледаме родот како функција на „она што навистина сме“, туку како целосен редослед на значења и сфаќања во кои (ние самите) оперираме. Не го гледаме родот како нешто што стабилното себство би можело да го поседува. Напротив, ние кажуваме дека родот е конструиран со учество на себството и дека тоа е креативна активност со којашто себството се конструира и со тоа му е дадено социјално значење и смисла.
Нашата радикалност не смее да запрe овде, ние и понатаму тврдиме дека можат да се обезбедат историски докази дека родот делува на таков начин. Работата на многу деколонијални феминистки е многу влијателна со тоа што ги покажа начините преку кои западните категории на родот беа насилно наметнати на домородните општества и како за тоа требаше комплетно нова лингвистичка и дискурзивна промена. Колонијализмот произведе нови родови категории, а со нив и нови насилни начини за повторно наметнување одреден сет од родови норми. Визуелните и културалните аспекти на машкоста и женскоста се променија низ вековите. Родот не е статичен.
Сè ова има практична компонента. Прашањето на хуманизмот против антихуманизмот е прашање врз коешто ќе се темели дебатата помеѓу либералниот феминизам и нихилистичкото укинување на родот.
Либералната феминистка вели: „Јас сум жена“ и со тоа мисли дека е духовно,
Родовиот нихилист вели: „Јас сум жена“ и притоа мисли дека е лоциран/а во одредена положба во матрицата на моќта која ги прави такви.
Либералната феминистка не е свесна за начините преку кои моќта го создава родот и со тоа се држи до родот како средство за легитимирање себеси во очите на моќта. Тие се потпираат на користење различни системи на знаење (генетика, метафизички тези за духот, кантовска онтологија) за да ѝ докажат на моќта дека можат да оперираат во нејзините рамки.
Родовиот нихилист и родовиот аболиционист директно го гледаат родовиот систем и можат да го видат насилството во сржта на тој систем. Ние кажуваме „не“ на позитивното прифаќање на родот. Сакаме да исчезне родот. Знаеме дека прилагодувањето кон сегашните категории формулирани од страна на моќта е либерална стапица. Одбиваме да се легитимираме.
Изречно особено е важно ова да се разбере. Антихуманизмот не го отфрла преживеаното искуство на многуте од нашите транс браќа и сестри кои од најмала возраст имале искуство со родот. Наместо тоа, ние признаваме дека таквото искуство со родот секогаш било детерминирано во рамките на моќта. Гледаме низ сопствените искуства од детството. Гледаме дека дури и во трансгресивната изјава: „Ние сме жени“, во којашто ние ја негираме категоријата што моќта ја наметнала на нашите тела, сепак го користиме јазикот на родот. Реферираме на идејата за „жена“ што во нас не постои како стабилна вистина, туку се однесува на дискурсите кои нè конструираат.
Така ние потврдуваме дека нема вистинско себство што може да постои пред дискурсот, пред релациите со другите, пред посредувањето на симболичкото. Ние сме производи на моќта, па што треба да правиме? Го завршуваме нашето истражување за антихуманизмот со навраќање на зборовите на Батлер:
„Моето делување не се состои од негирања на условите на мојата состојба. Ако имам можност за делување, тоа настанува заради фактот дека сум конструиран/а од општествениот свет кој никогаш не сум го избрал/а. Фактот дека моето делување е фрагментирано од парадокси не значи дека е невозможно. Тоа значи дека парадоксите се услов за неговата можност“.
Укинување на родот
Ако прифатиме дека родот нема да биде најден во нас самите како трансцендентна вистина, туку дека постои надвор од нас, во подрачјето на дискурсот, тогаш кон што ние тежнееме? Да се каже дека родот е дискурзивен е како да се каже дека родот не настанува како метафизичка вистина во субјектот, туку дека се појавува како начин на посредување во социјалната интеракција. Родот е рамка, подмножество во јазикот и сет од симболи и знаци, со коишто комуницираме помеѓу нас, што нѐ конструираат и постојано се реконструирани од нас.
Па така, апаратот на родот оперира (делува) циклично. Како што ние се конструираме низ него, така него го конструираат нашите дневни активности, ритуали, норми и перформанси. Токму ова спознавање ни овозможува побуна против тој циклус. Таа побуна мора да ја признае длабочината на пробивната и первазивната природа на апаратот. Нормализацијата има еден подмолен начин да гo натурализира, да го прифати и да го апсорбира отпорот.
Во овој момент станува примамливо да се прифати одредена либерална политика. Многубројни теоретичари и активисти се залагаат за тврдењето дека нашето искуство со трансродовото олицетворение може да претставува закана за процесот на нормализација на родот. Слушнавме за предлогот дека небинарниот идентитет, транс идентитетот и квир идентитетот може да претставуваат субверзија на родот. Тоа е невозможно.
Декларирајќи се како родово небинарни личности и понатаму сме опфатени во рамките на родот. Прифаќањето на идентитетот низ отфрлањето (негирањето) на родовата бинарност сепак значи прифаќање на бинарноста како референтна точка. Отпорот само го реконструира нормативниот статус на бинарната поделба. Отпорот е веќе нормализиран. Поставени се рамка и јазик низ кој може да се артикулира отпорот. Не е проблемот само во тоа што нашиот вербален отпор се одвива во рамки на јазикот на родот, туку и дека поткопувањето и противењето на родот што го правиме по пат на облекување и делување е субверзивно само кога се однесува на нормата.
Ако идентитетските политики на родово небинарните личности не можат да нè ослободат, тогаш е точно дека и идентитетските политики на квир или транс идентитетот не ни даваат никаква надеж. И покрај тоа што и двете се обидуваат да го „изведат“ родот на друг начин, двата идентитета запаѓаат во замката бидејќи и понатаму реферираат на нормата. Основата на таквата политика лежи во логиката на родот којашто и самата е производ на модерниот и современиот дискурс на моќта. Како што темелно објаснавме, нема стабилен идентитет на којшто можеме да се повикаме. Така, секој повик на револуционерен или еманципаторски идентитет е усвојување на некој дискурс. Во овој случај, тоа е дискурсот на родот.
Но, тоа не значи дека луѓето кои се идентификуваат како транс, квир или родово небинарни прават грешка кон родот. Тоа е грешка на традиционалниот радикален феминистички пристап. Ги отфрламе тие тврдења затоа што тие претставуваат напад врз оние на кои родот им нанел најмногу штета. Дури и ако девијацијата од нормата е прифатена и неутрализирана, таа и понатаму се казнува. Квир, транс и родово небинарното тело се сè уште предмет на огромно насилство. Нашите браќа и другари сè уште се убивани, тие сè уште живеат во сиромаштија и сè уште се во сенка. Ние не се одрекуваме од нив затоа што тоа би значело одрекување од себеси. Наместо тоа, ние бараме да се покрене искрена расправа.
Обзнанувајќи ги овие ставови, ние не сакаме да се пресметуваме со одредени формулации од идентитетските политики, туку со целокупната потреба за идентитетот. Ние тврдиме дека листата на лични заменки кои луѓето ги користат се шири до недоглед, растот на сè поизразените етикети за разни изрази на сексуалноста и родот и обидот да се конструираат нови идентитетски категории едноставно не вредат да се трудиме околу нив.
Ако покажавме дека идентитетот не е факт, туку општествен и дискурзивен конструкт, тогаш сфаќаме дека создавањето на новите идентитети не е ненадејно откривање на претходно непознати преживеани искуства, туку дека е создавање нови услови според коишто можеме да се формираме. Кога ги прошируваме родовите категории тогаш создаваме нови, суптилни канали низ кои моќта може да делува. Не се ослободуваме, но паѓаме во замката на безбројните, нијансирани и моќни норми. Секоја категорија е нов ланец.
Не е хиперболички да се користи оваа терминологија. Не можеме доволно да ја нагласиме важноста на насилството кое е произведено од родот. Секоја убиена транс жена, секое присилно оперирано интерсексуално новороденче, секое квир дете кое е исфрлено на улица е жртва на родот. Секогаш се казнува отстапувањето од нормата. Иако родот го прифаќа отстапувањето, сè уште го казнува. Проширувањето на нормите претставува и проширување на девијациите, односно тоа претставува проширување на начинот на којшто можеме да бидеме надвор од дискурзивниот идеал. Бесконечните родови идентитети создаваат бесконечна низа од нови простори за девијација, отстапувања што ќе бидат насилно казнети. Родот го казнува отстапувањето, што значи дека родот мора да исчезне.
Така доаѓаме до потребата за укинување на родот. Ако сите наши обиди за проширување пропападнале и ако ни поставиле нови замки во кои можеме да се фатиме, тогаш мора да има друг пристап. Тоа што пропаднал обидот за проширување на поимот на родот не подразбира дека стеснувањето на поимот на родот ќе ѝ служи на нашата цел. Тој импулс е ужасно реакционерен и мора да исчезне.
Реакционерниот радикален феминизам, укинувањето на родот го гледа како такво стеснување. Според нив мора да го укинеме родот, за полот (физичките карактеристики на телото) да може да биде стабилна материјална основа врз која ќе можеме да се групираме. Ова со цело срце го одбиваме. Самиот пол е втемелен во дискурсот, зад него стои авторитетот на медицината, насилно наметнат на телата на интерсексуалните поединци. Ние јавно се откажуваме од ова насилство.
Не, навраќањето на поедноставно и постеснато сфаќање на родот (дури и ако е сфатен материјалистички) нема да помине. На прво место мора да се спротивставиме на нормативната категоризација на телото. Ниту стеснувањето, ниту проширувањето на поимот на родот нема да нѐ спаси. Уништувањето е единствениот пат.
Радикална негативност
Во срцевината на укинувањето на родот е негацијата. Не тежнееме да го укинеме родот за да можеме да се вратиме на вистинското себство, нема такво себство. Не е дека укинувањето на родот ќе ни овозможи да постоиме како вистински или прави верзии од себеси, ослободени од одредени норми. Таков заклучок би бил спротивен и противречен на целината на нашите антихуманистички тврдења. Затоа мора да скокнеме во бездната.
Овде е потребен момент на луцидна јасност. Ако ние сме производ на дискурси на моќ и тежнееме да ги укинеме тие дискурси, тогаш го преземаме најголемиот можен ризик. Одиме кон непознатото. Сите термини, симболи, идеи и стварности со чија помош сме обликувани ќе изгорат и не можеме да знаеме или да предвидеме што ќе биде со нас кога ќе излеземе на другата страна.
Затоа мора да го прифатиме ставот на радикалната негација. Сите претходни обиди за афирмативни или експанзионистички родови политики нè изневерија. Мора да престанеме со претпоставките за тоа како ослободувањето или еманципацијата би можеле да изгледаат затоа што и самите се втемелени во идејата за себството која не може да издржи преиспитување. Таа е идеја којашто долго се користела за да ни ги ограничи погледите. Само потполно отфрлање, тргање на страна од секоја позната или разбирлива иднина може да ни понуди можност за некоја навистина различна иднина.
Иако ризикот е огромен, тој е неопходен. Но, повторно запливуваме во непознати води. Овие води носат и опасност, постои реална можност за радикално губење на себството. Самите термини со кои се разликуваме едни од други би можеле да бидат уништени. Но нема друг излез од оваа дилема. Секојдневно сме нападнати од процесот на нормализација кој нè класифицира како девијантни. Ако не се изгубиме во моментот на негацијата, ќе бидеме уништени од status quo. Имаме само еден избор.
Ова јасно ги отсликува неприликите во кои се наоѓаме во моментов. Иако ризикот кој доаѓа со прифаќањето на негацијата е голем, ние знаеме дека алтернативата ќе нè уништи. Ако се изгубиме себеси во процесот, тогаш нè снашла истата судбина што и така би нè снашла. Така, со несовесно отфрлање, ги одбиваме претпоставките за тоа што носи иднината и што ние би можеле да бидеме во таа иднина. Одбивањето на значењето, отфрлањето на познатите можности, одбивањето да се биде себеси. Нихилизам. Тоа е нашиот став и нашата метода.
Неуморна критика на постоечките родови политики е почетна точка, но до неа мора претпазливо да се стигне. Затоа што ако само ги критикуваме нивните нормативни темели, повторно ќе западнеме во замка на неутрализирање на моќта на нормализацијата. Така кажуваме одлучно „не“ на барањето за нови алтернативи и програми за делување. Изминаа деновите на манифести и платформи. Негација на сите нешта, вклучувајќи нè и нас, е единствен начин со којшто некогаш нешто ќе можеме да добиеме.
Извадок од додатокот на авторот (ноември, 2015)
Изминаа неколку месеци откако прво го напишав и се обидов да го дистрибуирам „Родов нихилизам: антиманифест“. Во тоа време, реакциите за овој текст беа различни и поделени. Додека имаше некои кои сигурно го оценија како корисен, некои имаше и многу остри (и многу важни) критики кон четивото. Го пишувам овој додаток на тие критики. На мојот текст му недостасуваа неколку важни работи, имено: контекст, јасно адресирање на расата и јасна артикулација на родот како колонијален производ и можеби појаснување за природата на самиот текст. Се надевам дека тука ќе го вметнам сè тоа.
Го напишав овој Антиманифест од очај. Како и многу транс жени пред мене (Сузана Страјкер убаво го артикулираше овој феномен), јас се осврнав на теоријата за да се обидам да го објаснам и контекстуализирам моето животно искуство. Родовиот нихилизам беше зачнат во заедницата, низ дискусија помеѓу мене и група другари првенствено сочинета од обоени транс жени. Тоа беше обид да артикулирам како родот влијаел врз сите и да го разоткријам насилството од тоа. Она што го дискутиравме генерално беше сконцентрирано на неколку мислители, но еден од нив кој беше многу значаен за нас, но не заврши во мојот текст беше Марија Лугонес. Низ нејзината работа на колонијалноста на родот сме се обиделе да ја артикулираме како родот на којшто ние реферираме во родов нихилизам и не ги вклучува домородните и незападните родови, туку е специфичен режим на знаење наметнат на телата низ колонијализацијата. Во интерес на времето, јас не го вклучив ова во Антиманифестот, бидејќи за оние што го дускурирале ова, оваа претпоставка и врамување на деколонијална критика на полот е имплицитна. Тоа беше грешка, не секој се наоѓал во тој контекст. Без овој контекст сосема разбирливо се чинеше дека мојата родова критика не беше конкретен колнијален феномен, туку повеќе од сите разновидни и мултипликативни феномени што тој термин би можел да ги предизвика. Беше погрешно од моја страна тоа да го исклучам и затоа е нужен овој амандман. Ако сакате да го разберете овој контекст топло ви ги препорачувам делата на Марија Лугоне, особено „На пат кон деколонијален феминизам“.
Конечно, текстот не беше наменет да му каже некому како да размислува за родот, тој беше резултат на колективна анализа од специфична група луѓе коишто дојдоа до заклучоците што ни овозможија да ги разбереме нашите животи. Ако не ви се допаѓа тоа толкување, слободно отфрлете го. Јас не ве замолувам или барам од вас да се согласите со мене. Јас сум среќна дека дискусијата и дискурсот за овие идеи продолжуваат. Направив грешки со испуштање на клучните контекстуални рамки и врамувања кои предизвикаа мојот текст да биде барем тивок соучесник на белата раса и колонијалноста. Продолжете да пружате отпор, продолжете да се борите, продолжете да дискутирате и продолжете да преживувате.
Превод: Никола Шиндре
Лектура: Е. М.