(Шантал Муф) За агонистички плурализам

1.

Неодамна ни беше кажано, заедно со многу трубење, дека либералната демократија победи и дека историјата заврши. За жал, далеку од глатка транзиција во плуралистичка демократија, падот на комунизмот, се чини на многу места, го отвори патот за воскреснување на национализмот и појавување на нови антагонизми. Западните демократи со зачуденост гледаат кон експлозијата на мноштвото етнички, религиозни и националистички конфликти за кои тие мислеа дека припаѓаат на некое поранешно време. Наместо предвидениот „нов светски поредок“, победата на универзалните вредности и генерализацијата на „постконвенционални“ идентитети, сведочиме на една експлозија од партикуларизми и зголемен предизвик за западниот универзализам.

Изненадени од таквото убедливо побивање на нивните оптимистички предвидувања, многу либерали реагираа повикувајќи се на одложените ефекти на тоталитаризмот или на новиот пораст на „архаичното“. Небаре ова претставуваше само привремено одложување на патот кој нужно води кон универзализација на западната демократија: кратка задршка пред рационалноста повторно да го наметне својот поредок или последен очаен крик на политичкото пред да биде дефинитивно уништено од силите на законот и универзалниот ум.

Бидејќи она што е во прашање овде е токму политичкото и можноста за негова елиминација. А неспособноста на либералната мисла да ја сфати природата и сложениот карактер на антагонизмот е она што ја објаснува импотенцијата на повеќето политички теоретичари во сегашнава ситуација, импотенција која, во време на длабока политичка промена, може да има погубни последици за демократските политики.

2.

Верувам дека ова избегнување на политичкото може да ги загрози тешко освоените победи на демократската револуција, и поради тоа, во есеите вклучени во овој том, јас фаќам каршилак со концепцијата на политиката која формира голем дел од демократското размислување денес. Оваа концепција може да се карактеризира како рационалистичка,  универзалистичка и индивидуалистичка. Јас тврдам дека нејзиниот главен недостаток е што таа останува слепа за специфичноста на политичкото во неговите димензии на конфликт/одлучување и дека таа не може да ја согледа конститутивната улога на антагонизмот во социјалниот живот. Со опаѓањето на марксизмот, илузијата дека конечно можеме да се ослободиме од поимот на антагонизмот стана широко распространета. Ова уверување е опасно, бидејќи нè остава неподготвени во соочувањето со непрепознаените манифестации на антагонизмот.

Во обид да се направи многу потребната корекција на оваа либерална визија, неколку глави подолу се занимаваат со делото на Карл Шмит. Според мене, критиката на либералната демократија на Шмит конституира предизвик кој не може да го игнорираме. Сепак, исто така сметам дека преку откривање на дефектите на либерализмот, тој може да ни помогне (несвесно) да ги идентификуваме проблемите кои треба да ги адресираме и оттука да се стекнеме со подобро разбирање на природата и на модерната демократија. Мојата цел е да мислам со Шмит, против Шмит, и да ги употребам неговите увиди со цел да ја зајакнам либералната демократија против нејзините критики. Со свртувањето на нашето внимание кон централноста на релацијата пријател/непријател во политиката, Шмит ја осветлува димензијата на политичкото која е поврзана со постоењето на елементот на непријателство меѓу луѓето. Таа може да поприми многу форми и да се манифестира во многу различни типови општества. Таа е важна идеја која се обидувам да ја реформулирам внатре во рамките на современата критика на есенцијализмот, што ја преземам за да го основам најплодниот теоретски приод кон плуралистичката демократија.

Кога ќе прифатиме дека секој идентитет е релационален и дека условот за постоење на секој идентитет е потврдувањето на разликата, детерминација на она „другото“ што ќе ја одигра улогата на „конститутивното надвор“, тогаш станува возможно да разбереме како се раѓаат антагонизмите. Во областа на колективните идентификации, каде она за кое станува збор е создавањето на „ние“ преку ограничувањето на „тие“, секогаш постои можноста дека оваа ние/тие релација ќе се претвори во релација од типот пријател/непријател: со други зборови таа во секое време може да се претвори во политичка релација, во духот на Шмитовото разбирање на поимот. Ова може да се случи кога другиот, кој дотогаш бил разгледуван само под модусот на разлика, ќе почне да биде перцепиран како негација на нашиот идентитет, како нешто што го преиспитува самото наше постоење. Од тој момент наваму, секој тип на ние/тие релација, независно дали религиска, етничка, национална, економска или друга, станува предмет на политички антагонизам. Како последица, политичкото не може да биде ограничено на некој конкретен тип институција или замислено како суштинско за некоја специфична област или ниво на општеството. Тоа мора да биде сфатено како димензија која е инхерентна на секое човечко општество и која го одредува нашиот онтолошки услов.

Ваквиот поглед кон политичкото е длабоко спротивставен на либералната мисла и токму ова е причината за беснеењето на оваа мисла кога е соочена со феноменот на непријателството во мноштвото негови форми. Ова е особено воочливо во неразбирањето на политичките движења, на кои се гледа како експресија на таканаречените „маси“. Бидејќи не можат да бидат разбрани во индивидуалистички термини, овие движења се вообичаено отфрлени во патолошкото или се смета дека се израз на ирационалните сили. Погледнете ја, на пример, неспособноста на либералните теоретичари да го разберат феноменот на фашизмот.

3

Во пресрет на дваесет и првиот век, нашите општества поминуваат преку длабок процес на редефиниција на нивните колективни идентитети и доживуваат утврдување на нови политички граници. Ова е поврзано со падот на комунизмот и исчезнувањето на опозицијата демократија/тоталитаризам, која уште од Втората светска војна ја обезбедуваше главната политичка граница овозможувајќи дискриминација помеѓу пријател и непријател. Исчезнувањето нè спротивставува со двојна ситуација:

  • Во поранешниот комунистички блок, единството создадено во заедничката борба против комунизмот исчезна, и границата пријател/непријател презема мноштво нови форми поврзани со воскреснувањето на стари антагонизми – етнички, национални, религиски и други.
  • На Западот е преиспитан самиот идентитет на демократијата бидејќи досега во голема мера зависеше од постоењето на комунистичкиот „друг“ што ја конституираше неговата негација. Сега кога непријателот е поразен, самото значење на демократијата стана замаглено и треба да биде редефинирано со создавање нова граница. Ова е многу потешко за умерената десница и умерената левица отколку за радикалната десница. Бидејќи втората веќе си го најде својот непријател. Таа е снабдена со „непријателот одвнатре“, имигрантите, кои од различните движења на екстремната десница се претставени како закана за културниот идентитет и националниот суверенитет на „вистинските“ Европејци. Тврдам дека порастот на екстремната десница во неколку држави во Европа може единствено да биде разбран во контекст на длабоката криза на политичкиот идентитет што ѝ се спротивставува на либералната демократија по губењето на традиционалните обележја на политиката. Таа е поврзана со нужноста за преисцртување на политичката граница помеѓу пријателот и непријателот.

4

Ние сме во состојба во која неспособноста на либерализмот да го сфати политичкото може да има многу сериозни последици. Сите оние кои веруваа дека по падот на комунизмот нужно ќе следи воспоставувањето на плуралистичката демократија и дека уништувањето на старите антагонизми единствено можат да најават големи успеси за демократијата се прилично неспособни да ја разберат специфичноста на новата ситуација. Поради тоа, витално е да ја напуштиме теоретската перспектива која нè спречува да се справиме со природата на задачите пред нас.

Штом ја прифатиме нужноста на политичкото и невозможноста на свет без антагонизам, она што треба да биде осмислено е како би било можно, во овие услови, да се создаде или одржи плуралистички демократски поредок. Таков поредок е заснован на дистинкцијата помеѓу „пријател“ и „непријател“. Тој бара, во контекстот на политичката заедница, противникот да не биде сметан како непријател кој треба да биде уништен, туку како противник чие постоење е легитимно и мора да биде толерирано. Ќе се бориме против неговите идеи, но нема да го оспоруваме неговото право да ги брани. Категоријата „непријател“ не исчезнува, туку се заменува. Таа останува релевантна и во случајот кај оние кои не ги прифаќаат демократските „правила на игра“ и кои оттука се исклучуваат себеси од политичката заедница.

Либералната демократија бара консензус околу правилата на играта, но исто така повикува на воспоставување колективни идентитети околу јасно разграничените позиции и можноста за избирање помеѓу вистински алтернативи. Овој „агонистички плурализам“ е конститутивен за модерната демократија и наместо да го гледаме како закана, ние треба да сфатиме дека тој го претставува самиот услов за постоење на демократијата.

Николас Ломан тврдеше дека специфичноста на либералната демократија како политички систем е „поделба на врвот“ – дистинкција помеѓу власта и опозицијата. Тој дообјаснува: „Овој преддоговор поседува соодветно опозициско бинарно програмирање, на пример: конзервативно/прогресивно или бидејќи тоа повеќе не функционира, рестриктивни/експанзивни социјални политики или доколку ова не го дозволува економијата, тогаш еколошки наспроти економски преференци. Можните правци на политичкиот курс само на овој начин можат да бидат поставени на избор“. Ова значи дека сегашното замаглување на политичките граници помеѓу левицата и десницата е штетно за демократските политики, бидејќи ја спречува конституцијата на дистинктивните политички идентитети. Ова за возврат го зголемува незадоволството кон политичките партии и го обесхрабрува учеството во политичкиот процес. Оттука доаѓа и порастот на другите колективни идентитети околу религијата, националистичките или етничките форми на идентификација.

Ова, како што Шмит посочи, потврдува дека антагонизмите можат да бидат во разни форми и илузорно е да се верува дека тие некогаш можат да бидат елиминирани. Во тие околности, добро би било да им се даде политичка артикулација во плуралистички демократски систем. Силната страна на либералната демократија, наспроти Шмит, е токму во тоа што нуди институции кои, доколку се соодветно разбрани, можат да го оформат елементот на непријателство на начин што го намалува неговиот потенцијал. Како што Елаја Канети покажува во „Толпи и моќ“, парламентарниот систем ја користи психолошката структура на завојувани армии и треба да се сфати како борба во која спротивставените страни се откажуваат од меѓусебното убивање и ја прифаќаат одлуката на мнозинството кое победило. Според него: „Реалното гласање е одлучувачко, исто како моментот во кој едниот преовладува над другиот. Сè ова е украдено од оригиналниот смртоносен судир и се одигрува во многу форми, со закани, злоупотреба и физичка провокација која може да доведе до напади или проектили. Но броењето на гласовите ја прекинува битката“. Доколку прифатиме ваков поглед, следи дека партиите можат да играат важна улога во изразувањето на социјалната поделба и конфликтот на волјата.  Но доколку потфрлат во својата работа, конфликтите ќе земат други форми и ќе биде потешко тие да се управуваат демократски.

5

Илузиите за консензус и едногласност, како и повиците за антиполитика, треба да бидат препознаени како фатални за демократијата и според тоа напуштени. Отсуството на политичка граница, воопшто не е знак за политичка зрелост, туку е симптом на празнина која може да ја загрози демократијата, бидејќи таа празнина нуди терен кој може да биде окупиран од екстремната десница за артикулација на антидемократски политички идентитети. Кога постои недостаток на политички борби со кои се идентификуваме, нивното место е заземено од други форми на идентификација, од етничка, националистичка или религиозна природа, а непријателот е исто така дефиниран во тие поими. Во такви услови,  непријателот не може да биде перцепиран како противник со кој се натпреваруваме, туку единствено како непријател кој треба да биде уништен. Токму ова, плуралистичката демократија треба да го избегне, а таа единствено може да се заштити себе од таква ситуација преку препознавање на природата на политичкото наместо оспорување на неговата егзистенција.

Да признаеме дека „природната состојба“ во нејзината Хобсова димензија никогаш нема целосно да биде отстранета туку само контролирана. Ова фрла поинаква светлина врз статусот на демократијата. Далеку од тоа да биде нужна  последица на моралната еволуција на човештвото, демократијата е нешто кое е несигурно и непредвидливо и никогаш не смее да се земе здраво за готово. Таа е постојано освојување кое секогаш треба да биде брането, како и продлабочувано. Не постои праг на демократија кој кога ќе се помине ќе гарантира нејзино продолжено постоење. Демократијата не е во опасност само кога постои недоволен консензус и сојуз околу вредностите што ги отелотворува, туку и кога нејзината агонистичка динамика е отежната од очигледен вишок консензус, кој вообичаено затскрива вознемирувачка апатија. Таа е загрозена и од растечката маргинализација на цели групи чиј статус како „пониски класи“ практично ги носи надвор од политичката заедница.

Кога либералната демократија сѐ повеќе се идентификува со „постоечкиот либерален демократски капитализам“ (како што е случај денес), и нејзините политички димензии се ограничени на владеењето на правото, постои ризик од тоа исклучените да се приклучат на фундаменталистички движења или да бидат заведени од антилиберални, популистички форми на демократија. Здравиот демократски процес повикува на енергичен судир на политички позиции и на отворен конфликт на интереси. Доколку таков недостасува, тој многу лесно може да биде заменет од конфронтација помеѓу неприкосновени морални вредности и есенцијалистички идентитети.

6

Денес, основната цел е како да се утврди нова политичка граница способна за давање вистински импулс на демократијата. Верувам дека ова бара редефинирање на левицата како хоризонт каде мноштвото различни борби против субординацијата можат да пронајдат простор за впишување. Поимот на радикалното демократско граѓанство е овде клучен бидејќи може да овозможи форма на идентификација која овозможува воспоставување заеднички политички идентитет меѓу различни демократски борби. Моментално постојат многу обиди од левицата да се обнови идејата за граѓанство, но како што тврдам во неколку поглавја подолу, важно е да не се цели кон неутрална концепција на граѓанство применлива за сите членови на политичката заедница. Заради ова, иако сум критична кон либералниот индивидуализам, претпазлива сум  и за многу аспекти на комунитарниот пристап. Неговото отфрлање на плурализмот и бранењето на суштинската идеја на „заедничкото добро“ претставува, по мое видување, друг начин за избегнување на неизбежноста на антагонизмот. Секогаш ќе има спротивставени интерпретации на политичките принципи на либералната демократија, и значењата на слободата и еднаквоста никогаш нема да престанат да бидат оспорувани. Граѓанството е витално за демократските политики, но модерната демократска теорија мора да создаде простор за спротивставена концепција за нашите идентитети како граѓани.

Од различни позиции, овде собраните есеи стремат да развијат различни аспекти на проектот „Радикална и плурална демократија“, промовиран во „Хегемонија и социјалистичка стратегија“. Во изложувањето на централноста на идејата за плурализам за модерна демократија, јас го уважувам долгот на втората кон либералната традиција. Една од моите главни тези е дека, со цел целосно да се развијат потенцијалите на либералните идеали на индивидуалната слобода и личната автономија, мораме нив да ги разделиме од другите дискурси кон кои тие беа артикулирани и да го спасиме политичкиот либерализам од неговото поврзување со економскиот либерализам.

Тврдам дека за да ја радикализираме идејата на плурализмот, за да го претвориме во средство за продлабочување на демократската револуција, ние мораме да раскиниме со рационализмот, индивидуализмот и универзализмот. Само под тој услов ќе биде возможно да напредниме кон мноштвото форми на субординација кои постојат во социјалните односи и да обезбедиме рамка за артикулација на различните демократски борби околу: родовите, расните, класните, сексуалните, еколошките и другите борби. Ова не имплицира отфрлање на идеите на рационалноста, индивидуалноста и универзалноста, туку укажува дека тие нужно се плурални, дискурзивно конструирани и заплеткани со односите на моќ. Ова означува признавање на постоењето на политичкото во неговата комплексност: димензијата на „ние“, конструкцијата на страната на „пријателот“, како и на димензијата на „тие“, конститутивниот аспект на антагонизмот. Поради ова, ваквиот плурализам исто така мора да биде разграничен од постмодерната концепција на фрагментацијата на социјалното, која одбива на фрагментите да им додели било каков релационен идентитет. Перпективата која ја застапувам конзистентно отфрла било каков вид есенцијализам, независно од тоталитетот или од елементите, и утврдува дека ниту тоталитетот, ниту фрагментите поседуваат било каков фиксиран идентитет кој и претходи на контигентната и прагматичната форма на нивната артикулација.

Погледот кој овде го застапувам е за вистинска радикална и плурална демократија, наспроти останатите сфаќања на радикалната или партиципативната демократија, поткрепени од универзалистичката и рационалистичката рамка, токму поради тоа што не се обидува да го негира политичкото. Тоа е единственото сфаќање кое ги опфаќа сите импликации на „плурализмот на вредности“ и се соочува со последиците од признавањето на постојаноста на конфликтот и антагонизмот. Од таквата гледна точка, конфликтите не се сметаат за нарушувања кои за жал не можат да се отстранат како емпириски пречки кои ја оневозможуваат целосната реализација на хармонијата поради фактот дека ние никогаш целосно нема да се совпаднеме со нашето рационално, универзално себство. За радикалната и плуралната демократија, верувањето дека крајно решение на конфликтите е евентуално можно, дури и ако е предвидено како асимптоматски пристап кон регулирачкиот идеал за слободна и неограничена комуникација како кај Хабермас, кој е далеку од обезбедување на потребниот хоризонт за демократскиот проект, е нешто што неа ја става во ризик.

Централна во овој пристап е свеста дека плуралната демократија содржи парадокс кој ја носи до распаѓање уште од самиот момент на нејзината реализација. Ова треба да се сфати како добро кое постои единствено сè додека не може да се постигне. Затоа, таквата демократија секогаш ќе биде демократија која „ќе дојде“, бидејќи конфликтот и антагонизмот се истовремено услови за возможност, но и услови за невозможност за нејзина целосна реализација.

Превод: Стефан Видиков
Лектура: Емилија Митреска

Текстот е извадок од воведот на книгата „Враќањето на политичкото“

|2020-04-25T14:55:06+00:0025 април 2020|Актуелно, Кампања, Свет, Став|