Дали воопшто треба да дебатираме за тоа што е колективна – социјална одговорност и социјална свест? Крајно е дискутабилно ако се има во предвид дека сме современици на XXI век, нова ера, ера на технички и технолошки развој, сајбер револуција, виртуелна стварност, алатки кои ни овозможуваат лесен и брз проток и пристап до податоци.
Ако се земе во предвид моменталната состојба, како и модел на општествена интеракција помеѓу авторитетите и обичните чинители на друштвото, чуствуваме страшна потреба гласно да зборуваме на оваа тема.
Интеракцијата во едно општество подразбира меѓудејство на институции (во нашиов пример) кои создаваат правила и механизми за одржување и развивање на едно општество.
Тука доаѓаме до момент кој го отвора главниот проблем. Социјална одговорност. Општествената свет.
Социјалната одговорност подразбира делување и должност на поединец или група во интерес на нивното опкружување и општествена целина. Социјалната одговорност е средство преку кое се усвојуваат клучните принципи преку кои се постигнува одржливост на еден систем.
Дали македонското општество воопшто знае за општествена одговорност? Одејќи од крајност во крајност треба и да се запрашаме дали и воопшто сме запознати со терминот одговорност? Деновиве од сите страни на светот пристигнуваат бројни студии, колумни, статистики, репортажи, изјави, видеа кои зборуваат за бројни опасности со кои се соочува човекот, да, во екот на развојот, екот на глобализмот. За жал не наидовме на позитивности. Светот стравува, додека македонското општество со сите чинители и диференции се труди да најде начин како да ги ,,измами” авторитетите. Додека го пишуваме овој текст и стравуваме за животот на нашите најблиски, луѓето го искушуваат сончевиот ден, бараат некое кафуле во кое би можеле да купат кафе, ресторан во кој би можеле да нарачаат брза храна, пензионерите дебатираат за стапката на смртност како резултат на ковид – 19. Во почетокот на кризата со КОВИД – 19 во Македонија, проф. д – р Даниловски апелираше да не го следиме примерот на Италија, начинот на кој тие ја гледаа епидемијата во очи со кафе – капучино, пица и паста. Денес во Италија се регистрирани 143, 626 заразени, како и 18, 279 мртви според СЗО. Шпанија за жал добро го следи примерот на Италија со 157,002 заразени, 15,483 мртви. Надвор од Европа, САД го следи трендот на Италија и Шпанија со 469, 121 заразен, 16,667 мртви.
Додека авторитетите упорно апелираат на социјална одговорност, колективна свест, општеството го покажува своето вистинско и грдо лице. Она лице кое со години поради разни партиско – профитерски потреби се негуваше, лицето кое се формира со замилата дека секој за себе е БОГ а оние околу него месо за отстрел. Состојбава е најверојатно дериват на се она што неформално општеството не воспитувало до сега. Нашето транзициско општество чии главни вредности беа и се партиските поени, каде со членска книшка или определена сума пари, од ништо се станува некој, а исто така од некој се прави ништо поради одсуството на предходно споменатите елементи. Сосема нормално, ваквото општествено однесување граѓаните го практикуваат и во услови на пандемија, гледајќи го системот како непријател, како еден безудшен диктатор кој ускратува некакви слободи и комодитети. Но дали овие „комодитети и слободи“ се преголема жртва или чиста перверзија и кулминација на глупоста? Оваа дилема тешко ќе ја разрешиме но она што е сигурно, е тоа дека во вакви ситуации, во време на колективна опасност, без разлика на ставот и желбите на поединците, мора да превладее желбата и мислата за колективното добро. Звучи како реченици искажани од устата на некој од јужноамериканските диктатори или некоја источно европска социјалистичка земја но далеку е од тоа.
Нашето општество сходно на својата вековна општествена карактерологија, од вредностите секогаш ги избира сама оние кои му нудат лежерност, профит без труд, нешто што особено се гледа во една максима од минатиот век„учи за да не работиш“. Лесно е да се заклучи дека општествената ситуација која ние милуваме да ја наречеме демократија всушност далбоко во себе е општествена анархија, автархија и аномија односно поинаку кажано безредие, самодоволност и пропаст на вредности и норми. Сакале или не во ова општество мора да профункционираат основните начела на човековото опстојување, без разлика дали тоа ќе биде по мирен или насилен пат, спротивното од ова е секогаш присутната опција да се самоуништиме.
Непочитувањето на мерките од компетентните институции не се ништо друго освен јуришање кон провалија. Нашата неодговорност ќе биде и нашиот убиец! Нашето самоволие, осуството на солидарност, креативност, веќе 30 години ја убива нашата земја, но сега како никогаш предходно има шанса еднаш за навек да ја докрајчи.
Сега е моментот да го изразиме нашиот човечки и социјален потенцијал. Да се заложиме сите заедно за пообрување на ситуацијата, да помогнеме онаму каде што треба и каде што можеме, да се заштиме себе си за да ги заштитиме и другите. Обраќајќи се на оној разумен сегмент во секого од нас, исткануваме дека сега како никогаш порано, самата од себе предстоечката опасност порано или подоцна ќе не опамети или зближи. Се што треба ни е да направиме е да не дозволиме тоа опаметување (секое ново искуство е ново знаење) да не чини премногу па подоцна со закаснета свест, да зборуваме за виновници. Ние сме оние кои својата судба ја носиме на своите рамена, ние одговораме за нашата благосостоба или неблагосостојба, општеството-тоа сме ние!
Пишува Даниел Ѓорѓевски
Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува и/или ги застапува истите ставови изразени во колумната.