(Иво Босилков) Моралниот банкрот на идеологиите од ерата на КОВИД 19

Општествената реалност во секој момент од историјата била производ на одреден идеолошки консензус. Во овој момент од историјата, кога идеолошката пресметка се адаптира на пандемијата, тој консензус е дестабилизиран. Обидите да се разберат, протолкуваат и организираат информациите за светот во кој живееме, и врз база на нив, желбата тој да биде поинаков (како што обично се дефинира идеологијата) се обликувани од постоењето на коронавирусот. И во овој контекст, од етаблираните идеологии еволуираат две нови доктрини. Едната од нив е хегемон, другата е предизвикувач. И двете се морално банкротирани, и на тој начин, во суштина исти.

Да почнеме од предизвикувачот, затоа што да се биде алтернативата е секогаш пофраерски. Според оваа доктрина, постои многу брз и едноставен начин да се стави крај на тоталната еклипса на општествениот живот поради коронавирусот. Таа вели како што прекина, така преку ноќ светот може одново да почне да се врти – наставата да се одржи, рестораните да се отворат, авионите да полетаат, фудбалот да продолжи. Едноставно, треба само да донесеме одлука за прекин на карантинот и да ја заиграме ковид лотаријата, како што веќе наголемо сугерираат Шведофилите меѓу нас. Името на играта е “колективен имунитет”, и победниците во неа треба да го спасат светот од апокалипсата.

Ова е доктрината на ковид релативизмот. Според нејзините приврзаници, соодносот на победници и поразени во ова сценарио е доволен резон за поинаква стратегија кон заразата. За мнозинството од популацијата, шансите за преживување се статистички гледано прилично солидни. Ако демократија значи да се угоди најмногу што може на најголем можен број луѓе, тогаш логично е да го примениме шведскиот пристап кон коронавирусот, укажува оваа доктрина.

Зошто тогаш не го направивме тоа досега? Затоа што не сакаме да го преоптовариме здравствениот систем! – хистерично урла нејзиниот идеолошки противник, доктрината на ковид апсолутизмот. Во раната фаза на ерата на коронавирусот, ова е доминантната доктрина, обезбедувајќи му демократски легитимитет на политичкиот естаблишмент кој ја спроведува. Нејзиниот идеал е максимална изолација, макар била и обезбедена од репресивниот Левијатан. Каков било друг пристап освен ригорозниот карантин е одраз на неодговорност, недисциплина и непросветленост. Името на играта е чекање, и победниците во неа ќе бидат оние кои имале доволно трпение да чекаат.

Тука доаѓаме до крешендото во кое ковид релативизмот и апсолутизмот доживуваат онтолошка конвергенција. Во основа, иако и двете идеологии претендираат на длабоки морални прерогативи, всушност робуваат на логиката на материјалното, и тоа во неговиот најбрутален модерен облик.

За релативистите, “спасување на светот од апокалипсата” не означува ништо друго освен спасување на постоечкиот економски модел на неограничен раст и стравична нееднаквост. Според нивните арбитрарни проценки, било што друго ќе донесе до повеќе страдање на долг рок, па затоа ги сведуваат човечките животи на математичка калкулација, во која старите, слабите и болните се тие кои треба под итно да се пуштат низ вода. Еден поглед кон апсолутните бројки и нивниот морален аргумент се сведува на геноцид.

На прв поглед, апсолутистите не се толку сурови. Нивниот етос го декларираат како животоцентричен, но обид за подлабоко навлегување во неговата суштина открива дека таму постои ништовило, вакуум во кој циркулира некаква инстинктивна покорност кон авторитетите. Во отсуство на рефлексија околу тоа зошто намалувањето на притисокот врз здравствениот систем не е конечна цел туку само средство за нешто друго, кохезијата на ковид апсолутизмот се потпира на перформативна солидарност, изразена преку ракоплескање на тераса и мемиња меѓу четирите ѕида. Веќе одамнешната отсеченост од реалниот свет, сега и физички комплетирана, ги прави апсолутистите апсолутно слепи за фактот дека за илјадници луѓе #седисидома значи #изгубиработа и #останигладен. Моралниот аргумент, во кој некој мора да се жртвува за општото добро, само ги заменува старите и болните со сиромашните и “веднаш” со “неколку месеци подоцна”. Толку од наводната морална супериорност.

Кога нивните меури на лажен морал ќе се распрснат, ковид релативизмот и апсолутизмот ја добиваат својата конечна форма на обични артефакти на неолиберализмот, аналогни на десничарскиот антихуманизам и левичарскиот претприемачки индивидуализам. Каква било искрена морална перспектива ги брише разликите меѓу нив, сведувајќи ги на тоа што се: две варијанти на социјален дарвинизам, во кој посилниот преживува, се додека му се поклонува на единственото божество кое постои – капиталот. Ниту една од овие доктрини нема амбиција за ништо повеќе од враќање на статус кво состојбата. Се разбира, не ни може да има, затоа што ниедна од нив не поаѓа од моралната премиса за вредноста на секој човечки живот.

Во светот пред коронавирусот неолибералната догма подло ги маргинализираше моралните категории. Сегашната интелектуална и духовна корупција доаѓа исклучиво од девијацијата од објективните морални норми, како нуспроизвод на начинот на живот во неолибералниот систем. Токму тоа и не доведе тука. Ладнокрвното уништување на природата и убивање на животни за продажба како гастрономски специјалитети го ослободи вирусот. Занемарувањето на јавното здравство на сметка на охрабрување на профитерство од здравствени услуги и препарати го направи системот неспремен за пошироки непогоди, па сега мора да се штеди и внимава да не се надминат неговите капацитети. Паничната навала во супермаркетите и турканиците пред банките се најсликовитиот одраз на “секој за себе” менталитетот, наметнат од овој систем.

Обидувајќи се да ја негира својата материјалистичка природа, Ковид релативизмот ја поставува слободата како врвна придобивка. Истото го прави и ковид апсолутизмот со безбедноста. Но ова се само фиктивни исходи, во реалноста оневозможени од инерцијата на безброј дефектни лични морални компаси. Промена на статус кво ќе настане кога секој ќе тргне од себе, но без намера да заврши повторно таму, за себе. Индивидуалните морални императиви секогаш имаат колективна функција: скромност, толеранција, милосрдие. Но, во системот каде владее консензусот на традиционалните идеологии, и системот за чие враќање се залагаат нивните нови деривативи, за овие морални императиви нема место. Затоа и овие две нови доктрини се однапред осудени на неуспех.

Ако успееме да го сфатиме ова, тогаш на краток рок, нивно отфрлање и пронаоѓање на алтернативна формула водена од горните начела би бил добар почеток. Во комбинација со научните препораки, во пракса тоа би подразбирало комплексна мрежа од селективни ограничувања во избрани периоди за различни демографски групи и енормно проширување на рангот на здравствените услуги. Овие мерки можат да бидат резултат исклучиво на моралните вредности на трудољубивост и посветеност кај властодршците, и нивната доблест да ги применат препораките од експертите.

За жал, затоа што сегашната политичка елита е продукт на овој систем, нејзините етички  предиспозиции во оваа смисла се исклучително ограничени. На долг рок, потребна е нова политичка парадигма, чија основна водилка нема да бидат материјалните интереси, туку моралните императиви. Едноставно кажано, колективната материјална добробит не произлегува од економски теории, туку од хармонијата на моралниот начин на живот во една заедница. Експериментирањето со економски теории заврши со инсталација на неолиберализмот како најмалото зло. Неолиберализмот, како и самиот концепт на најмало зло од кој тој потекнува, не можат никако да бидат компатибилни со оваа парадигма.

Автор: Иво Босилков