Интелектуален пролетаријат

Еден особен белег на современите општества е фактот што соодветно на можностите на времето и на развојот на производните основи и целокупното општество, во постојан пад се работниците кои работат во производен сектор. За сметка на ова, постојано се зголемува бројот на лицата кои се профилираат за работа во терцијалните дејности односно, работници кои не располагаат со средствата за производство и на пазарот на трудот го нудат единствено своето знаење. Во оваа класа спаѓаат сите оние коишто директно не учествуваа во производниот сектор, како што се техничари, професори, уметници, управители на сектори и останатиот широк дијапазон од терцијалните дејности. Развиените економии успеваат да го нивелираат овој проблем така што вложуваат кон особен развој на терцијалните дејности изведувајќи ги на индустриско ниво. Производството пак, го оттргнаа од своите територии и продолжија да го развиваат во места каде при услови на нископлатена работна рака има услови за вадење максимум профит. Една строго глобалистичка политика на движење на капиталот со цел експлоатација на неразвиените земји, кои и за минимум бенефит се продаваат на ваквите инвеститори. Развојот на интелектуалниот пролетаријат односно непроизводното население не ги одбегна послабо развиените или неразвиените земји. На овие простори, овој слој во иднина пак ќе има особено интересна улога.

Во Македонија класата на интелектуални работници започна посилно да се развива кон крајот на 70тите години кога опфатот на високото образование беше значително голем. Мнозинството тогашни ученици/студенти доаѓаа од работнички или земјоделски семејства. Мотивот беше очигледен доколку се земе предвид една максима која беше популарна, а таа е „учи за да не работиш“. Зад оваа максима во суштина стои поуката со која се поттикнуваа децата да учат, со цел да работат интелектуална, а не мануелна, односно физичка работа. Оттогаш па наваму, оваа тенденција е во постојан раст. Македонија во  учебната 2018/2019 година има 53.677 студенти запишани на додипломски студии,  1916 лица го стекнале звањето магистер на науки, 204 лица стекнале степен доктор на науки. Недостасува податок за тоа колку студенти дипломирале, но Заводот за статистика досега не изнел таков податок. Ваквата слика на пораст на интелектуален кадар, во пошироко сфатени рамки високообразован кадар, се одвива во една поприлично лоша општествена клима. Според податоците, во 2018 година, стапката на сиромашни лица во Република  Македонија изнесуваше 21.9% (лаекенски индикатор), нерамномерна распределба на приходите, Gini коефициент: 31.9%. Податоците од Државниот завод за статистика говорат дека во 2019 година активното население во Република  Македонија изнесува 964.014 лица, од кои вработени се 797.651, а 166.363 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 57.2%, стапката на вработеност 47.3%, додека стапката на невработеност изнесува 17.3%.

Ставајќи се во еден ваков контекст се воочува дека  еден огромен дел ќе остане без работа, на маргините на општеството. Основната причина за неупотребеноста на високообразованиот кадар, особено оној од општествено хуманистичките науки, лежи во тоа што државата во овој момент нема доволно материјална способност да продуцира развој во терцијалниот сектор. Од друга страна, афектиран ќе биде и високообразовниот кадар во производниот сектор бидејќи со новите тенденции во производството, сѐ повеќе се бараат работници со средно, максимум вишо образование, кои би ги пополниле местата во странските и домашните претпријатија. Сумарно кажано, просторот за високообразован кадар се стеснува, а како реалност останува мноштво незадоволени и веќе формирани кадри. Вистинскиот општествен проблем на државата ќе произлезе токму тука! Проблемите од овој тип не се нови, досегашните власти успеваа да го нивелираат овој проблем преку определени партиски вработувања, ангажмани, неформални поддршки, разноразни конкурси и тендери, миграција. Досегашните модели поради нивната провидност, нефункционалност и едноставната незаинтересираност на помладите генерации да се стават во ропство на партиите, веќе не се апликабилни во најголем дел. За час поскоро доаѓа времето кога досега задкулисните муабети, ќе станат реалност! Сѐ посилно се гледа оттргнувањето на младите од класичните центри на моќ, воедно и најголеми работодавци, партиите СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ. Всушност цело ова движење е резултат на нивните неспособни и недоквакани политики кои три денеции создаваат единствено раздор меѓу народот. За прв пат се гледа јасната алиенација на народот од овие неколку центри на моќ. Со веќе сѐ посилна надоаѓачка економска криза, партиите ќе ја изгубат моќта да бидат најголеми работодавци и во еден момент ќе се најдат изнесени пред народниот суд.

Досега беше објаснет поводот за сите овие настани кои според дијалектичката логика се неизбежни. Директна причина во овој контекст може да е безначајно нешто кое само ќе ја исфрли искрата.  Причини ќе има безброј. Слабата македонска, безмалку и едвај постоечка економија, нема да може да го поднесе ударот на надоаѓачката рецесија. Стапката на невработеност ќе се зголеми, а центрите за моќ истото нема да успеат да го изменаџираат со нивните испробани методи. Поинаку кажано, во услови на сиромаштија, глад и зголемена невработеност, тие многу лесно ќе бидат симнати од пиедесталот, останувајќи со мал број членство кое е во некоја „емоционална“ врска или некаква заблуденост. Ситуацијата сама од себе ќе доведе кон тоа на површина да избие интелектуалниот пролетаријат. Луѓето кои досега по разни основи биле оставани на маргините, сега наеднаш ќе се најдат во ситуација во која самите ќе можат да одиграат клучна улога во трансформацијата на општеството.

Општествената трансформација ниту е лесна, ниту е безболна, ниту е едноставна. Според реалните согледувања таа ќе се наметне на светско ниво поради една и единствена причина, а тоа е дека либералниот, односно според некои анархолибералниот капитализам, веќе ги истроши своите сили за опстојување. Во едно вакво сценарио, ситуацијата ќе биде особено остра и тензична во местата каде веќе од претходно, и пред рецесијата, постоеле жаришта за потенцијален социјален немир. Економската криза во овие случаи ќе биде капката која ќе ја прелее чашата.

Човек не треба да е премногу мудар или далекуглед за да воочи дека општествено-економските услови во Македонија се нарушени. Реформите се изведуваат декларативно и формалистички, доскорешните идеализирани НАТО и ЕУ цели се скоро постигнати, пред сѐ поради нивните геополитички империјални интереси на Балканот, отколку нашата економска и воена подготвеност. Со ова македонските партии ги изгубија своите два најголеми адути во политичките програми. Останува да играат на веќе прочитаната и отфрлена карта на национализмот, кој сѐ повеќе е минато за најголемиот дел од народот. Соочувајќи се со овие услови лесно е да се види дека досегашните моќници веќе немаат што да понудат и се спремни за политичка пензија, а веројатно и за кривичен суд.

Интелектуалниот пролетаријат, заедно со народот и работниците, ќе биде оној што ќе го диктира новиот процес на развој во општеството. Сите опоненти, дотогашни опресори, цензори, ќе се делигитимираат сами од себе. Хаосот и колапсот ќе ги изнедрат од себе способните да раководат со ситуацијата. Многумина ќе помислат дека ова во суштина е само едно просто теоретизирање, но како што одминува времето, следејќи ги размислувањата, пред сѐ од младината, работниците, интелектуалците, согледувајќи ги условите во кои живееат, работат, се образуваат, сѐ ова е само еден надоаѓачки момент кој ќе се случи за час поскоро.

Васко Гичевски

 

 

|2020-04-07T17:46:18+00:007 април 2020|Актуелно, Став|