Излегоа од училиштата како поточиња, во петокот, средината на март, жуборејќи возбудено и пркосно во чин на изостанување. Поточињата се излеаја по главните улици и булевари, каде што се соединуваа со другите распеани дечиња и тинејџери. Наскоро, поточињата станаа забрзани реки: 100.000 тела во Милано, 40.000 во Париз, 150.000 во Монтреал. Картонските транспаренти воздигнати над површината на човештвото: НЕ ПОСТОИ РЕЗЕРВНА ПЛАНЕТА! НЕ ЈА ПАЛЕТЕ НАШАТА ИДНИНА! КУЌАТА Е ВО ПЛАМЕН!
Во Мозамбик немаше студентски штрајк; на 15 Март целата земја се соочи со влијанието на циклонот „Идаи“, едно од најстрашните невремиња во африканската историја, што ги принуди луѓето да избегаат на врвовите од дрвјата, додека водата се креваше и можеше да убие и повеќе од илјада луѓе. А тогаш, само шест недели подоцна, додека сѐ уште се расчистуваа урнатините, Мозамбик беше погоден од циклонот „Кенет“, уште едно рекордно невреме.
Каде и да живее во светот, генерацијава има нешто заедничко: таа е прва за која климатското нарушување на планетарната скала не е закана за иднината, туку за реалноста во која живеат. Океаните се загреваат за 40% побрзо од тоа што Обединетите нации го предвиделе пред пет години. Во убедливата студија за состојбата на Арктикот, објавена во април, 2019 во Environmental Research Letters, што ја спроведе глациологот Џејсон Бокс, утврдено е дека мразот во различни форми толку брзо се топи што „арктичкиот биофизички систем јасно се менува од состојбата во која бил во минатиот век, кон специфична, непозната состојба, со импликации не само за Арктикот, туку и за пошироко“. Во мај, 2019, меѓувладината платформа за научни политики за биодиверзитет и екосистемски прашања од Обединетите нации, објави извештај за зачудувачки губитоци на дивиот свет на планетата, предупредувајќи дека милионите видови животни се под ризик од истребување. „Здравјето на екосистемите од кои зависиме ние и другите видови, пропаѓаат побрзо од кога било“, кажа Роберт Вотсон. „Ние ги поткопуваме основите на нашите економии, средствата за издржување, безбедноста, здравјето и квалитетот на животот низ целиот свет. Изгубивме време. Мора да делуваме сега“.
Поминаа повеќе од три децении откако владите и научниците започнаа со официјални состаноци со цел дискутирање на потребата за намалување на ефектите од стаклената градина, за да се избегне климатската катастрофа. Со текот на годините, ги слушнавме бројните апели за акција што ги вклучуваат „децата“, „внуците“ и „генерациите што доаѓаат“. Сепак, глобалните CO2 емисии пораснале повеќе од 40% и продолжуваат. Планетата се има загреано за повеќе од 1°C откако почнавме да гориме јаглен на индустриската скала, а просечните температури се зголемуваат и до четири пати повеќе отколку во минатиот век; последен пат кога имало толку многу CO2 во атмосферата, луѓето не постоеле.
A што е со тие дечиња, внуци и генерации што доаѓат на кои се повикуваа така неселективно? Тие веќе не се само реторички средства. Сега тие зборуваат (врескаат и удираат) сами за себе. За разлика од толку многу возрасни луѓе на позиции со авторитет, тие сѐ уште не се обучени да ги маскираат некомпатибилните улоги на нашето време во јазикот на бирократијата и прекомплексноста. Тие разбираат дека се борат за фундаменталното право за полни животи, животи кои не претставуваат „бегање од ужас и катастрофи“, како што кажа 13 годишната Александриа Виласењор.
На тој ден, во март, 2019, организаторите проценија дека имало околу 2100 младински климатски протести во 125 држави, со 1.6 милиони учесници. Тоа е солидно достигнување за движење кое започна пред само осум месеци, со една тинејџерка која одлучи да го започне штрајкот во училиштето во Стокхолм, Шведска: Грета Тунберг.
Бранот на мобилизација на младите, што почна во март, 2019, не е резултат само на единствениот поглед на светот од едно извонредно девојче. Тунберг забележува дека била инспирирана од друга група тинејџери коишто се спротивставија на различниот неуспех за заштита на нивната иднина: учениците во Паркланд, Флорида, кои го водеа националниот бран со излегување од часови, барајќи цврста контрола врз поседувањето огнено оружје, по убиствата на 17 луѓе во нивните училишта во февруари, 2018.
Не е Тунберг првата личност со неверојатна морална јасност која викна: „Оган!“, во лицето на климатската криза. Такви гласови се разбудија неколку пати во изминатите децении; навистина, тоа е нешто како ритуал на годишните собири на ООН за климатската криза. Сепак, затоа што минатите гласови доаѓале од луѓето од Филипините, од островите Маршал и Јужен Судан, веројатно тие биле само еднодневни приказни, можеби ни толку. Исто така, Тунберг поентираше дека климатските протести биле производ од работата на илјадници различни ученички лидери, нивните професори и организации кои ги поддржувала, а многу од нив беа вклучени во зголемувањето на свесноста околу климатските промени во изминатите години.
Како манифест, британските протестирачи за климатските промени истакнаа: ,,Грета Тунберг можеби била искра, ама ние сме оган“.
За деценија и пол, откога известував за ураганот „Катрина“ во Њу Орленас, со вода што ми се креваше до струкот, се обидував да дознаам што влијае врз базичниот инстинкт за опстанок на човештвото, зошто толку многу луѓе не преземаат ништо околу тоа што нашата куќа е во оган, кога е јасно дека е? Јас пишував книги, правев филмови, бројни дискусии, ја основав организацијата (The Leap) посветена на истражување на ова прашање и нудев помош за да се формира колективниот одговор во сооднос со климатската криза.
Од почетокот ми беше јасно дека доминантните теории за тоа како завршивме тука каде што сме сега, се тотално недоволни. Тие велат дека ние не успеавме да дејствуваме, затоа што политичарите биле заглавени во краткорочни изборни циклуси, или затоа што климатските промени изгледале премногу далеку, или затоа што нивното запирање било прескапо, или затоа што технологиите сѐ уште не биле направени. Во секое објаснување има некоја вистина, ама со текот на времето, се намали нивната вистинитост. Кризата не беше далеку; беше тука, пред нашата врата. Цената на соларните панели опаѓаше и сега е ривал на фосилните горива. Околу употребата на забранетите трошоци, трилиони се потрошени на бескрајни војни, вадење банки од криза и субвенции за фосилни горива, во истите години кога трезорите беа практично празни за климатските транзиции. Тука сигурно имаше уште.
Поради тоа, во изминатите години, се обидував да ги испитам различните бариери- економски, идеолошки и други, поврзани со длабоки приказни за правото на одредени личности да поседуваат имот и луѓе кои живеат најблиску до тоа, приказни што зборуваат за современата западна култура. Истражував типови реакции што би можеле да успеат во менувањето на тие наративи, идеологии и економски интереси, реакции што ги ткаат навидум различните кризи (економски, социјални, еколошки и демократски) во единствената приказна за цивилизациската трансформација. Денес, ваков тип на храбра визија сѐ повеќе се движи кон Green New Deal.
Затоа што колку и да е кризата длабока, подеднакво длабоко се менува, со брзина која ме зачудува. Од долу се покренуваат и растат социјалните движења за прогласување народна вонредна состојба. Како додаток на распламтените студентски протести, ние го видовме подемот на бунтот против истребување којшто се рашири како бран на ненасилни директни акции и граѓанска непослушност, вклучувајќи и исклучување на големите делови на централен Лондон. За време на најдраматичните акции во април, 2019, Велс и Шкотска објавија прогласување на климатска вонредна состојба и под притисок на опозицијата, британскиот парламент брзо упати тужба.
Во САД, го видовме метеорскиот подем на Sunrise движењето што се трансформира во политичка акција кога ја окупира канцеларијата на Ненси Пелоси, најмоќниот демократ во Вашингтон, една недела откако нејзината партија го врати Претставничкиот дом на конгресните избори во 2018 година. Тие побараa од Конгресот веднаш да ја усвои работната рамка за забрзана декарбонизација, со иста брзина и обем како и Новиот договор од Франклин Рузвелт, убедливите политики за борба против сиромаштијата предизвикана од Големата депресија и еколошкиот колапс на Dust Bowl.
Идејата зад Новиот зелен договор е едноставна: во процесот на инфраструктурната трансформација на нашите општества, со брзина со која научниците сугерираат да се случи, имаме шанса, една во цел век, да го поправиме економскиот модел којшто не успеа да ги задоволи повеќето луѓе од различни фронтови. Затоа што факторите коишто ја уништуваат нашата планета се истите оние кои ги уништуваат човечките животи на многу различни начини, од стагнации на плати, продлабочување на нееднаквости, до рaспаѓање на услуги, ширење бела надмоќ и колапс на нашата информациона екологија.
Во однос на климатската криза, ние можеме да креираме милиони работни места низ целиот свет, да инвестираме во тие заедници и нации што биле систематично исклучени, да го гарантираме здравственото осигурување и грижата за деца како и многу повеќе. Резултат од сите овие трансформации би биле економии, создадени да ги заштитат и обноват планетарните животни системи и да ги почитуваат и поддржуваат луѓето кои зависат од нив.
Оваа визија не е нова; нејзините корени се видливи во социјалните движења во еколошко осиромашените делови во Еквадор и Нигерија, како и во високозагадени обоени заедници во САД. Нов е фактот дека сега имаме еден блок политичари во САД, Европа и во другите места, коишто се само една деценија постари од климатските активисти на улиците, и се спремни да ја применат итноста на климатската криза во политиката и да ги поврзат точките меѓу повеќето кризи од нашето време. Најугледната личност во овој нов политички вид е Александрија Окасио-Кортез, којашто со 29 години стана најмладата жена избрана во американскиот конгрес. Таа работеше на презентацијата на Новиот зелен договор. Денес, во трката за преземање водствo во Демократската партија, во која мнозинството водечки и претседателски кандидати тврдат дека ги поддржуват Берни Сандерс, Елизабет Ворен, Камала Харис и Кори Букер. Во меѓувреме, Green New Deal беше одобрен од страна на 105 членови од конгресот и сенатот.
Идејата се шири низ целиот свет, преку политичката коалиција „Европска пролет“ којашто го започна Новиот зелен договор за Европа во јануари, 2019, и широката коалиција на Новиот зелен договор од Обединетите канадски организации (лидерот на Новата демократска партија ја усвои идејата, ако не и целата амбиција, како еден од неговите политички планови). Истото се случува и во Обединетото Кралство, каде што Лабуристичката партија е на сред преговори околу тоа дали да се усвои платформата по пример на Новиот зелен договор.
Ние што ја поддржуваме идејата за ваков вид трансформативна платформа, понекогаш сме обвинети за ширење социјалистичка или антикапиталистичка агенда која му претходи на нашиот фокус на климатската криза. Мојот одговор е едноставен. Низ целиот мој возрасен живот бев вклучена во движењата што на многу различни начини се спротивставија на актуелните економски системи кои ги уништуваат човечките животи и пејзажи поради невнимателно зголемување на профитот. No Logo, којшто беше објавен пред 20 години, документираше човечки и еколошки жртви на корпоративната глобализација, од текстилните работилници во Индонезија до нафтените полиња на делтата на Нигер. Јас ги гледав тинејџерките третирани како машини со цел да ги претворат нашите машини, планини и шуми во куп ѓубре, за да дојдат до нафта, јаглен и метали.
Болните, па дури и смртоносните влијанија од овие работи, беше невозможно да се негираат; аргументите едноставно беа дека тие се потребни трошоци од системот, кој создава толку многу богатство и дека на крајот, придобивките ќе се намалат за да ги подобрат животите на скоро сите на планетата. Она што всушност се случи е следново: рамнодушноста кон животот изразена преку експлоатација на индивидуалните работници на фабричките катови и распаѓањето на поединечните планини и реки, се врати да ја проголта целата наша планета, претворајќи плодни земјишта во солни полиња, убави острови во урнатини и уништување живописни гребени преку вадење на нивната боја и живост.
Слободно признавам дека климатската криза не ја гледам одделно од пазарните кризи коишто ги документирав во изминатите години; различни се нивото и обемот на трагедијата на еден и единствен човечки дом којшто сега лебди во воздухот. Јас отсекогаш сум имала огромно чувство за итноста за похуман економски модел. Но оваа ургентност сега има и поинаков квалитет бидејќи се погоди да живееме во последниот момент кога менувањето на правецот може да значи спасување животи на навистина незамисливо ниво.
Превод: Теодора Савиќ
Лектура: Емилија Митреска